Израел ги напаѓа јужните предградија на Бејрут

Сведоци тврдат дека тоа се најинтензивните бомбардирања од почетокот на нападите.

Израелски воздушни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут, при што е извршено најинтензивното бомбардирање на либанската престолнина откако Израел ја засили својата воена кампања против поддржаното од Иран - либанско шиитско движење Хезболах.

Во текот на ноќта силни експлозии одекнуваа низ различни делови на Бејрут, а небото беше осветлено со црвени и бели светла, како молњи, кои се гледаа од неколку километри.

„Ова е најголемиот напад од почетокот на израелската офанзива врз Бејрут,“ изјавија очевидци и воени аналитичари на локалните телевизиски канали. Денеска, градот е обвиткан со сива магла, а улиците на јужните предградија се полни со урнатини, додека чад се издига над областа.

„Изминатата ноќ беше најнасилна досега. Зградите околу нас се тресеа и прво помисливме дека се работи за земјотрес. Имаше десетици удари – не можевме да ги изброиме сите, а звуците беа оглушувачки,“ изјави Ханан Абдула, жителка на Бурџ ал Бараџне, во јужните предградија на Бејрут.

Израелската армија соопшти дека нејзините воздушни сили извршиле „серија прецизни удари врз складишта за оружје и терористичка инфраструктура на Хезболах во реонот на Бејрут.“

Либанските власти сè уште не соопштија кои објекти биле погодени и какви штети предизвикале ракетите. /МИА

Бајден подготвува уште поголема помош за Украина пред крајот на мандатот

Американскиот претседател Џо Бајден разви нов план за Украина пред неговото заминување од функцијата, пишува порталот „Конверсејшн“.

Во статијата се наведува дека шефот на Белата куќа сака да остави наследство, а напредокот во поддршката на Украина може да биде неговата „последна победа“ која ќе се памети.

„Прво, тој сака да испрати јасна порака дека САД ќе ја поддржуваат Украина. Камен-темелник на ова беше состанокот во Белата куќа минатата недела меѓу Бајден, (потпретседателката Камала) Харис и (украинскиот претседател Володомир) Зеленски“, сметаат авторите на статијата.

Со ова, Бајден сака да покаже дека Киев останува главен приоритет за Вашингтон. Во исто време, тој сака да создаде слика дека американската поддршка ќе продолжи и на начин што ни (претседателскиот кандидат Доналд) Трамп нема да може да ја игнорира.

Бајден исто така работи на зголемување на воената помош за Украина, пишува порталот.

Бајден неодамна најави зголемување на воената помош за Украина во форма на пакет од осум милијарди американски долари. Средствата ќе обезбедат ново оружје за зајакнување на капацитетот на Украина за напади на долги растојанија, што исто така сугерира дека Бајден одобрува поофанзивна тактика против Русија./МИА

Антисемитизмот во САД порасна за 200 отсто за време на конфликтот Израел-Хамас

Во САД се регистрирани над 10.000 антисемитски инциденти.

По нападот на палестинскиот Хамас на Израел на 7 октомври 2023 година, во САД се регистрирани над 10.000 антисемитски инциденти, што претставува најголем број во една година, покажуваат прелиминарните податоци од истражувањето на Лигата за антидефамација (АДЛ).

Ова е највисок број на инциденти против припадниците на еврејската заедница, вклучувајќи злосторства од омраза, навреди, малтретирања и вандализам откако АДЛ почна да ги следи овие настани во 1979 година, пренесе Аксиос.

Бројот на овие инциденти е зголемен за повеќе од 200 отсто во споредба со истиот период претходната година.

Бројот на антисемитски, исламофобични и антиарапски инциденти драстично порасна за време на конфликтот меѓу Хамас и Израел, што предизвика остри реакции на колеџите низ САД. Најмалку 1.200 инциденти се случиле на универзитетските кампуси, додека 2.000 се забележани во еврејски институции.

- Американските Евреи од 7 октомври не знаат за мир, изјави извршниот директор на АДЛ, Џонатан Гринблат. Тој додаде дека, наместо тоа, се соочуваат со огромен број на закани и повици за насилство врз Израелците и Евреите.

По нападите, администрацијата на претседателот Џо Бајден презеде неколку нови иницијативи како одговор на растечкиот антисемитизам низ целата земја. /МИА

Гранди: Израел со нападите врз Либан го прекршува меѓународното право

Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди, денеска во Бејрут изјави дека Израел ги прекршува меѓународните хуманитарни закони со своите воздушни напади врз Либан, бидејќи ги таргетира цивилите и цивилната инфраструктура.

Гранди е во Либан за да помогне во обезбедувањето сместување за повеќе од 1,2 милиони раселени лица, откако Израел ги засили воздушните напади и започна копнена операција.

Тој истакна дека Светската здравствена организација (СЗО) го информирала дека Израел напаѓал здравствени установи на различни локации во Либан.

- Борбите принудија околу 220.000 луѓе да преминат во Сирија, од кои 70 отсто се Сиријци, а 30 отсто Либанци, додаде Гранди.

Тој посочи дека поради израелските бомбардирања, патот до граничниот премин Масна е уништен, што го отежнува бегството на луѓето од Либан во Сирија.

Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а околу 10.000 се ранети во Либан за време на борбите со Израел во изминатата година, при што поголем дел од жртвите настрадаа во последните две недели, соопшти Министерството за здравство на Либан.

Израел соопшти дека во судирите со либанската милитантна група Хезболах, загинале околу 50 цивили и војници. /МИА

притисни ентер