Од ДУИ одржаа посебна јавна дебата за значењето на албанскиот јазик и Рамковниот договор со порака дека албанскиот јазик е црвената линија во, според нив, политичките битки за демонтирање на Охридскиот договор.
-Посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор. Тој е столбот на кохезијата, меѓуетничката хармонија во Република Македонија и сакаме оттука од еден мултиетнички панел, едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор, изјави Османи.
Критиките кон Уставниот суд се неосновани со цел да се создаде вештачка криза таму каде што ја нема, одговори првиот вицепремиер Изет Меџити на свечената академија што ја организираше Владата. Очекува од Уставниот суд да не се впушта во политички размислувања туку да остане непристрасен арбитер. Според премиерот Мицкоски, пак, време е за сплотеност и просперите, наместо теми кои ги делат граѓаните, наметнати од поедници.
-Оваа година манифестацијата нè дочека во жестока дебата околу службената употреба на албанскиот јазик. Ова е за дефокусирање на јавниот интерес и произведување вештачка криза таму каде што нема. Оваа дебата предизвикува непотребни тензии во регионот. Сум повторил и ќе кажам повторно – ниту едно право не може да се укине. Уставниот суд за жал, денеска се претвори во змеј и сите фрлаат со стрели кон оваа институција, на која треба да се гледа со почит како гарант за правата на граѓаните, изјави Меџити.
-Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница, изјави Мицкоски.
Честитки до албанската заедница по повод празникот меѓудругите упати и претседателката Гордана Силјановска Давкова со порака дека почитувањето на јазичните разлики нѐ прави демократско мултикултурно општество. На меѓусебна соработка и градење мостови за подобра држава повика и лидерот на СДСМ Венко Филипче во неговата честитка.