Италијанските медиуми пренесуваат дека пациентот од регионот Ломбардија починал на 88 годишна возраст. И останатите четири жртви се повозрасни луѓе кои имале други болести и се наоѓале во тешка здравствена состојба. Расте и бројот на заразени, досега се регистрирани над 200 лица.
Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23,000 македонски државјани. Од Министерството за надворешни работи информираа дека до овој момент не добиле информација за заболени македонски граѓани од коронавирусот.
-Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот.
Министерството за надворешни работи препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период.
Од црвената зона никој не смее да излезе ниту да влезе, воведени се вонредни заштитни мерки и 11 општини се ставени во карантин. Јавните установи се затворени, а откажани се сите настани, меѓу кои и познатиот карневал во Венеција и голем дел од натпреварите во италијанското фудбалско првенство, училиштата се затворени, а препораките се граѓаните да останат дома.
Драстични мерки презеде и италијанскиот дизајнер Џорџо Армани, кој ја откажа модната ревија во Милано од истите причини. Армани утрово го објави откажувањето на настанот, но рече дека ќе биде обезбеден пренос во живо „зад затворени врати“ и без гости. Тој ги замоли сите да не доаѓаат на ревијата.
- Паниката е пострашна од вирусот, а во овој момент тоа не е потребно.
- Сите сме исплашени, но стискаме палци дека се ќе биде во ред. Ако некој не се чувствува добро треба да реагира побрзо, затоа што луѓето можат да се излечат, но ако дојдат во болница во полоша состојба потешко е да бидат излечени.
Европската комисија денеска соопшти дека Европската Унија сè уште не размислува да го прекине патувањето во шенген-зоната по избувнувањето на епидемијата на коронавирус во Италија, но подготвува некои планови.