Лајен ги повика Молдавците да гласаат на референдумот за членство во ЕУ

Референдумот е закажан на 20 октомври, во истиот ден како и претседателските избори, на кои актуелната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен при денешната посета на Кишињев ги повика Молдавците да гласаат на референдумот, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали членството во Европска Унија како „стратешка цел“ треба да биде вметнато во Уставот на Молдавија.

Референдумот е закажан на 20 октомври, во истиот ден како и претседателските избори, на кои актуелната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат.

- Народот на Молдавија се соочува со епохален настан … Ги повикувам Молдавците да го искористат својот глас и да ја изразат својата слободна волја … На вас, Молдавци, е да донесете одлука. Тоа е ваш суверен избор каде треба да оди вашата земја и никој не може да се меша во тоа, истакна Лајен, додавајќи оти местото на Молдавија е во ЕУ.

Санду истакна дека Лајен пристигнала во Молдавија во клучен момент.

- Нашата мисија е да ја градиме Европа дома, посочи Санду.

Таа додаде дека 65 отсто од извозот на Молдавија оди во ЕУ и тоа покажува „каде се стратешките интереси на земјата“.

Молдавија претпристапните преговори со ЕУ ги почна во јуни, а Санду се надева дека целта ќе биде постигната до 2030 година.

Молдавија е поранешна советска република, со 2,5 милиони жители лоцирана помеѓу Украина и Романија.

Санду остро ја осуди руската инвазија врз Украина. Односите на Молдавија со Русија се влошени изминатите години. Прозападната молдавска Влада ја обвинува Русија за обид за соборување и мешање во внатрешните работи. Додека Москва ја обвинува Санду дека поттикнува русофобија.

Анкетите покажуваат дека Санду е фаворит за победа на изборите и има убедливо водство пред останатите 10 кандидати. Испитувањето на јавното мислење, исто така покажуваат и дека мнозинството Молдавци се за членство во ЕУ.

Во војната во Газа за една година најмалку 42.065 починати, 55 во последните 24 часа

Во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври загинаа најмалку 42.065 Палестинци, а беа повредени 97.886, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.

Најмалку 55 Палестинци се убиени во изминатите 24 часа, се вели во соопштението на Министерството, кое е под контрола на палестинското исламистичко движење Хамас.

Израел ја започна својата воена операција во Појасот Газа откако милитантите на Хамас извршија напад врз еврејската држава на 7 октомври минатата година. Во нападот, стотици Израелци беа убиени, а многу луѓе беа земени како заложници и однесени во Газа.

МЗ: Од денес почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип

Министерството за здравство информира дека од денес, преку веб страницата - vakcinacija.mk, почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип за ризични групи население.

Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип. Министерството континуирано го зголемува бројот на обезбедени вакцини.

Пријавувањето се врши со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu?fbclid=IwAR06BSDGCR0NaKR8bJrWJ-mw1sDpmHFpJ5mOPTmZPSqzyiG8CNDddsSMmeM.

На тој начин, директно се регистрирате за вакцинација во системот Мој Термин.

Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс ќе добиете повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинирате.

Со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.

Потсетуваме дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција, која спречува појава на потешки форми на грип, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи, соопштуваат од МЗ.

Загинати, исчезнати и огромни материјални штети од ураганот „Mилтон“

Со ветрови од над 200 километри на час, торнада и поројни дождови, ураганот „Милтон“доцна синоќа удри на Флорида.

Според првичните информации, илјадници домови се уништени, а за сега се знае само за две потврди жртви, иако американските власти најавуваат бројката би можела да биде поголема.

Најпогоден е округот Сент Луси, каде како предвесник на бурата се појавиле и торнада кои предизвикале штета уште пред доаѓањето на дождот.

-Знаете, кога доаѓа ураган, имате предупредување две недели однапред. Знаете каде се движи, знаете каде е ветерот и бурата, знаете каде се ветриштата на вашата локација. Со торнадо не го тоа не го знаете, тоа е исто како некој да фрли бомба било каде во областа. - Крис Џадовски – Комисија на областа Сент Луси.

Во американската сојузна држава за едно деноноќие биле пријавени над сто торнада, нешто што до сега според тамошните власти се нема случено. За драматичната состојба на терен најдобро сведочеа и новинарите кои се обидуваа да известуваат.

-Ситуацијата тука во Сарасота почнува да станува страшна. Најпрво моравме... Во ред, мораме да одиме, мораме да одиме.

Бурата остави и околу 3 милиони лица без електрична енергија, а тие кои не успеаја да се евакуираат на време, сведочат за невремето со кое се соочиле.

-Ги грабнав моите две кучиња и се сокрив под креветот. Но, тоа беше тоа. Веројатно сè се случи за една минута. Можеби и за помалку. / Сите почнавме да трчаме кон ходникот, не ни стигнавме таму на време. Слушнав како се крши стакло, и покривот одлета и почувствував како ме крева и мене. Ги грабнав сопругата и детето и се сокривме.

Американскиот претседател Џо Бајден пак, го повика локалното население да ги слуша наредбите на властите и порача дека федералната влада е подготвена да се справи со невремето, но и да достави навремена хуманитарна помош до засегнатите. Побара да не се шират теории на заговор, кои според него, само ја отежнуваат и онака лошата ситуација на терен.

-Има тврдења дека се конфискува сопственоста. Тоа едноставно не е точно. Велат дека луѓето погодени од овие бури ќе добијат само 750 долари во кеш и ништо повеќе, тоа исто така не е точно. Сега велат дека федералната влада буквално го контролира времето. Дека го контролираме времето, тоа е повеќе од смешно, тоа е толку глупаво, мора да престане. Мојата конечна порака вечерва до луѓето на Флорида и сите засегнати држави, ние сме зад вас. - Џо Бајден – Претседател на САД.

Американските власти се надеваат дека силата на ураганот ќе продолжи да слабее и откако ќе ја помине Флорида, ќе се упати кон Атлантскиот океан, по што ќе следат и првичните проценки на штетите.

притисни ентер