Отворено првенство во шах: Панчевски со нова победа, Лазов ремизираше во дербито на врвот

ИМ Филип Панчевски (2432) со бели фигури го надигра Георги Петров (2088) на втората табла, додека, пак, најголемо изненадување направи ФМ Андреј Велјаноски (2290) со победата над ИМ Никола Николовски (2381). 

Во 6. коло на Отвореното првенство на Македонија во шах на првата табла, ИМ Тони Лазов (2358) ги имаше црните фигури во дуелот со водечкиот ИМ Емил Ристески (2365), но оваа партија заврши со поделба на поенот, за разлика од другите четири дуели на следните неколку табли, во кои настапуваа оние кои се на врвот на табелата.

ИМ Филип Панчевски (2432) со бели фигури го надигра Георги Петров (2088) на втората табла, додека, пак, најголемо изненадување направи ФМ Андреј Велјаноски (2290) со победата над ИМ Никола Николовски (2381).

Неизвесноста во борбата за титулата останува бидејќи сега на врвот се четворица шахисти кои имаат по 5 бода (Ристески, Панчевски, Велјаноски и Златков), додека, пак, зад нив со 4,5 бода има тројца играчи (Лазов, Велески и Главинац).

На турнирот кај шахистките, исто така, се играше 6. коло, но според Бергеровиот систем, а во него се случи и дуелот на двете шахистки кои имаа највисок стартен рејтинг: Драгана Николовска (1905) и ЖИМ Габриела Коскоска (1993). Партијата заврши со реми по четири часа игра.

Леа Ефтовска (1797) со нова победа над Кајла Бурнс (1446) стигна до 5,5 поени, додека, пак, Коскоска сега има 5 и го дели второто место со Жежовска (1868).

Во седмото коло од овој турнир ќе се игра и дерби-мечот за титулата, во кој ЖИМ Коскоска ќе ги има белите фигури против Ефтовска.

Француските власти забранија гостински навивачи на дербито меѓу Лион и Марсеј

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен им забрани на навивачите на Олимпик Марсеј да патуваат в недела на прволигашкото дерби против Олимпик Лион.

Мерката, како што пренесуваат француските медиуми, ќе биде на сила в недела од утро до полноќ и е образложена со „реалниот и сериозен ризик од судири меѓу приврзаниците на двата клуба“.

Натпреварите на Марсеј на гостински терен честопати се исполнети со немири поради агресивното однесување на дел од клупските навивачи, што според властите се случува околу стадионите и во централните подрачја на градовите.

Поради инцидентите што се случија за време на гостувањето на Олимпик Марсеј на дуелот против Анже во септември 2021 година, француската лига му изрече повеќемесечна забрана на клубот од југот на Франција да организира навивачка поддршка за своите натпревари на гостински терен. /МИА

Претставувањето на новата француска Влада се одлага до утре

Владата на новиот француски премиер Мишел Барние ќе биде претставена утре, а не денеска како што беше најавено, соопшти владата во Париз.

Француските медиуми пренесуваат дека како причина за одложената промоција на новата влада се наведува дека се уште се договараат „конечните детали“.

Две недели по назначувањето и по многу тешките консултации, конзервативниот поранешен еврокомесар Мишел Барние синоќа на претседателот Емануел Макрон му го претстави составот на својата идна влада на десниот центар.

На предвремените парламентарни избори пред нешто повеќе од два месеци, левичарскиот сојуз изненадувачки го зазеде првото место пред центристичките сили на Макрон и екстремно десничарските националисти од Национален собир, предводени од Марин Ле Пен, за кои се предвидуваше дека ќе го заземат првото место.

Ниту еден блок не освои апсолутно мнозинство и ниту една партија, дури и со партнери, не успеа да формира владејачко мнозинство./МИА

Доделени договори од ИПАРД 3 програмата за 2021-2027 година

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, Илија Стоилев додели договори од ИПАРД 3 програмата за 2021-2027.

Договорите се однесуваат на мерката 1, Инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства и мерката 7, Диверзификација на фарми и развој на бизниси. Финансиската поддршка се состои од 75 отсто средства од ЕУ буџетот и 25 проценти средства обезбедени од буџетот на државата. Вкупната финансиската поддршка за мерката 1 изнесува 18.893.333 евра, односно 1.171.764.533 денари, додека за мерката 7 е 11.400.000 евра или 707.028.000 денари.

-Денеска се потпишаа 30 договори од вкупно 76 од мерката 1 за кои вкупно прифатливите трошоци по договор изнесуваат 214.737.900,00 денари односно 3.494.514 евра, додека кофинансираната сума изнесува 141.279.000,00 денари односно 2.299.000 евра. Од мерката 7 се пишуваат 6 договори за кои вкупно прифатливите трошоци по договор изнесуваат 90.379.675,00 денари, а додека кофинансираната сума изнесува 54.488.543,00 денари, односно 886.713,00 евра. Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веруваат во потенцијалот на македонското земјоделство а со тоа и на земјоделците. Континуирано се прават заложби за подеднаков развој на земјоделството на секој дел од државата, наведува МЗШВ.

притисни ентер