ОЛАФ започна истрага за увоз на „ребрендирана“ руска нафта во ЕУ

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) започна истрага во врска со наводите дека некои земји под друг бренд во ЕУ препродаваат руска нафта, чиј увоз во ЕУ е опфатен со режимот на санкции против Русија. 

Случајот се третира како обид за заобиколување на санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија поради руската инвазија врз Украина. Забраната за увоз на руска нафта во Унијата беше воведена со пакетот санкции усвоен во февруари 2023 година.

Истрагата следи откако некои медиуми објавија дека милиони барели руска нафта најверојатно се пласираат на пазарот во ЕУ откако претходно биле „ребрендирани“ во други земји, меѓу кои и Турција и Бугарија.

Според наводите на „Политико“ на овој начин во изминатите 12 месеци во ЕУ била извезена руска нафта преку Турција, од што Русија заработила околу три милијарди евра. Овој трансфер на руска нафта под променет бренд на потекло, се вршел преку три турски пристаништа.

Дополнително, според истите тврдења, минатата година Русија заработила околу милијарда евра од пласман на своја нафта во ЕУ преку Бугарија.

„Политико“ наведува дека ова ги покажува креативните начини на кои Русија прави обиди за заобиколување на санкциите на ЕУ и ја штити својата трговија со фосилни горива, од која Москва обезбедува речиси половина од своите приходи.

Истрагата доаѓа во време на заладени односи меѓу Брисел и Анкара поради турската соработка со Русија и покрај обидите на Турција за делумно усогласување со американските санкции кон Москва.

Усвоен Закон на ЕУ за трансфер на кривични постапки

 Советот на ЕУ во последна фаза го одобри Законот со кој се регулираат условите под кои постапките за кривични дела покренати во една земја на Унијата може да бидат префрлени во друга членка. 

Целта на законот е да се обезбеди поефикасна борба против прекуграничниот криминал, потоа дека една кривична постапка ќе биде водена во земја која е најсоодветна за тоа, како и дека ќе се избегнат непотребни паралелни постапки против ист осомничен во различни членки на ЕУ.

Одредбите од Законот треба да обезбедат и подобро почитувањето на основните права на осомничените или обвинетите во еден процес при пренесувањето на кривичната постапка од една во друга земја.

За да може земја членка на ЕУ да побара преземање на една постапка, потребно е кривичното дело за кое таа се однесува да е извршено на нејзина територија или ако едно или повеќемина од осомничените или обвинети лица престојуваат во неа.

Инаку, овој Закон е првиот специфичен инструмент на ЕУ со кој се регулира преносот на кривичните постапки во рамките на блокот.

Тој е донесен во услови кога се бележи раст на прекуграничниот криминал и е зголемен бројот на случаи кога надлежности за кривичен прогон за исто дело имаат неколку земји членки на ЕУ.

Законската регулатива сега треба да биде објавена во Службениот весник на Европската Унија и ќе стапи во сила на 12-тиот ден од нејзиното објавување. Рокот за целосна имплементација Регулативата е две години по усвојувањето.

Дете се здобило со сериозни повреди по каснување од куче во Кавадарци

Дете се здобило со сериозни повреди по каснување од куче во Кавадарци. 

Оваа информација ја потврдиja за МИА од кавадаречката болница, од Обвинителството и од СВР Велес. За самите повреди, појасни доктор хирург Благој Митев, началник на хирургија во болницата.

-Се работи за сериозни повреди што не се за потценување. Станува збор за дете на околу шест години. Каснувањето беше завчера попладне, јас бев на работа кога го донесоа детето. Имаше две рани на лицето плус огреботини. Три на предниот дел од абдоменалниот ѕид, една од околу четири и две од околу по три сантиметри длабочина. На бутната регија, две поголеми рани. На потколеница, 3-4 рани и други повреди. Изготвивме медицински извештај. Требаше да биде хоспитализирано, но родителите одбија од лични причини и рекоа дека редовно ќе го носат на преврски, појасни докторот за МИА.

Самиот по службена должност пријавил во полиција, а кога оттаму го прашале дали да се информира обвинителството, им дал позитивен одговор.

-На 04.11.2024 во 09.25 часот во ОВР Кавадарци, Џ.М.(23) од село Ваташа, кавадаречко, пријавила дека на 03.11.2024 на улица „Крсте Мисирков“ во Кавадарци, додека се шетала со нејзиниот шестгодишен син, детето било каснато од куче сопственост на 51-годишната М.И. од Кавадарци, кое било оттргнато од случајни минувачи. Малолетникот бил пренесен во Општа болница Кавадарци, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, рекоа од СВР Велес за МИА, во врска со случајот.

Известен бил јавен обвинител од ОЈО Кавадарци.

-Дадени се наредби и насоки до МВР, за целосно документирање на настанот и прибирање на соодветни докази, во поглед на чувањето на кучето, како и обезбедување на медицинска документација. По наредбите, се уште се постапува, подвлекоа од Обвинителството за МИА.

Речиси 600 британски полицајци добиле отказ поради лошо однесување

Речиси 600 полицајци во Англија и Велс се отпуштени за една година, до март 2024 година, покажуваат бројките објавени денеска.

Во исто време, полициските началници се обидуваат да ја вратат довербата на јавноста по серијата скандали.

Отказите, кои се зголемени за 50 отсто во однос на претходната година, кога беа отпуштени 394 полицајци, вклучуваат 74 полицајци отпуштени поради сексуални престапи и недолично однесување.

Други 18 беа отпуштени поради поседување непристојни фотографии на деца, покажуваат податоците од независното јавно тело Полициски колеџ.

Најчеста причина за отказ, во 125 случаи, била нечесноста.

Уште 71 полицаец беа принудени да си заминат поради дискриминаторско однесување.

Во јануари 2023 година, Метрополитанската полиција откри дека 1.071 полицаец биле под истрага за семејно насилство и насилство врз жени и девојчиња.

Англија и Велс имаат полициски сили од 147.000.

притисни ентер