Дете се здобило со сериозни повреди по каснување од куче во Кавадарци

Дете се здобило со сериозни повреди по каснување од куче во Кавадарци. 

Оваа информација ја потврдиja за МИА од кавадаречката болница, од Обвинителството и од СВР Велес. За самите повреди, појасни доктор хирург Благој Митев, началник на хирургија во болницата.

-Се работи за сериозни повреди што не се за потценување. Станува збор за дете на околу шест години. Каснувањето беше завчера попладне, јас бев на работа кога го донесоа детето. Имаше две рани на лицето плус огреботини. Три на предниот дел од абдоменалниот ѕид, една од околу четири и две од околу по три сантиметри длабочина. На бутната регија, две поголеми рани. На потколеница, 3-4 рани и други повреди. Изготвивме медицински извештај. Требаше да биде хоспитализирано, но родителите одбија од лични причини и рекоа дека редовно ќе го носат на преврски, појасни докторот за МИА.

Самиот по службена должност пријавил во полиција, а кога оттаму го прашале дали да се информира обвинителството, им дал позитивен одговор.

-На 04.11.2024 во 09.25 часот во ОВР Кавадарци, Џ.М.(23) од село Ваташа, кавадаречко, пријавила дека на 03.11.2024 на улица „Крсте Мисирков“ во Кавадарци, додека се шетала со нејзиниот шестгодишен син, детето било каснато од куче сопственост на 51-годишната М.И. од Кавадарци, кое било оттргнато од случајни минувачи. Малолетникот бил пренесен во Општа болница Кавадарци, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, рекоа од СВР Велес за МИА, во врска со случајот.

Известен бил јавен обвинител од ОЈО Кавадарци.

-Дадени се наредби и насоки до МВР, за целосно документирање на настанот и прибирање на соодветни докази, во поглед на чувањето на кучето, како и обезбедување на медицинска документација. По наредбите, се уште се постапува, подвлекоа од Обвинителството за МИА.

Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски

Во рамки на работната посета на Чешка, министерот Муцунски оствари средба со чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски. 

Посетата ја одразува нашата посветеност кон градење на цврсто партнерство, засновано на меѓусебно почитување и заеднички вредности.

На средбата двете страни го поздравија динамичниот и континуиран политички дијалог помеѓу двете земји и одличната билатерална соработка која трае веќе 30 години. Дополнително, беа изразени заемни заложби за интензивирање на економската соработка, а во таа насока, покрај денешниот бизнис форум, беше инициран и голем економски настан кој ќе биде одлична можност за продлабочување на соработката меѓу нашите земји. На средбата стана збор и за низа важни прашања, вклучувајќи трговија, миграција, како и културна и образовна соработка.

Фокусот на разговорите беше ставен и на актуелните геополитички прашања, особено агресијата на Русија врз Украина, при што беше најавено продлабочување на соработката во полето на меѓународното право.

Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и јасна поддршка од Република Чешка за пристапниот процес на нашата земја кон ЕУ, рефлектирана и преку нејзината активна улога во Вишеградската група и групата Пријатели на Западен Балкан, соопштуваат од МНРНТ.

Украина во фокусот на средбата Мелони - Руте

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони на денешната средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте разговараа за поддршката на Украина во борбата против руската инвазија.

- Заедничката цел останува да се изградат најдобри можни услови за праведен мир, како и координација на улогата што НАТО може и мора да ја игра во однос на помошта што Украина ја очекува, истакна Мелони.

Украина и за време на претходниот премиер Марио Драги доби непоколеблива поддршка од Италија. /МИА

Игри за посилен ум и подолго помнење

 Мозочните игри и вежбите за помнење ги стимулираат нервните патишта и поттикнуваат тн. „невропластицитет“, т.е. способност на мозокот да учи и да се менува. 

Ова помага во зајакнувањето на нервните врски, што пак, ги зацврстува мозочните и умствените вештини. Дакари Квимби, клинички доцент по психијатрија на Медицинскиот факултет УСЦ во Лос Анџелес, САД, смета дека овие когнитивни предизвици ги подобруваат когнитивните функции и потенцијално го одложуваат падот на меморијата.

- Не постои проверка на реалноста како оваа - на некого му раскажувате иста приказна двапати и го сфаќате тоа кога тој / таа ќе Ве запре на половина пат. Кога тоа ќе се надополни со заборавање на клучевите по втор пат во една седмица или нетекнување на името на некој што неодамна сте го запознале, очигледно е дека Вашата меморија можеби не е толку добра како порано... И, тоа е во ред - промените во помнењето со возраста се нормални, појасни Квимби за „Јаху лајф“ (Yahoo Life).

Д-р Гери Смол, психијатар од Медицинскиот универзитет во Хакенсак, во американската сојузна држава Њу Џерси, вели дека неколку истражувањата покажале дека едноставните вежби и игри за меморија може да го подобрат и зајакнат помнењето. Следат четири „игри за мозокот“ коишто докажано го освежуваат умот.

Крстозбор

Погодувањето зборови и логични поврзувања може да биде тешко, но „фората“ е да се предизвикувате себеси и да ја одржите Вашата остроумност. Научните истражувања посочуваат дека тие се благотворни и за подобрување на помнењето, и во спречување на намалување на мозокот кај луѓето со полесно когнитивно оштетување.

Според „Харвад хелт“ (Harvard Health), додека го барате вистинскиот збор за редот или колоната, користите повеќе делови од Вашиот мозок. Тоа „Ве принудува да ги поврзете концептите што не сте ги замислиле заедно“, се вели во написот. Сѐ тоа поттикнува поголеми области на кортексот да бидат активни и се создаваат нови врски во мозокот. Тогаш хипокампусот ќе ги помни тие нови врски, зајакнувајќи го така самиот мозок.

Математички загатки

- Игрите со броеви како „Судоку“ бараат аналитички вештини и овозможуваат препознавање шаблони и способности за решавање проблеми, потребни за зајакнување на краткорочното помнење, вели Квимби.

Клучот е да се најде вистинската рамнотежа кога станува збор за овие игри.

- Секогаш ги охрабрувам луѓето да се вклучат во забавните ментални вежби за „да се вратат за повеќе“... Исто така, важно е да се најде тоа „слатко место“, каде што активноста е предизвикувачка, но не премногу тешка, а и не премногу лесна. Ако играта со мозокот е премногу едноставна, таа ќе стане здодевна и нема да ги стимулира нервните кола. Ако е премногу предизвикувачки, ќе стане фрустрирачка, па и така може да изгубите интерес, вели Смол.

Шах

- Не само според стручњаците, шахот е одличен за стратешко размислување и решавање проблеми. (Оваа игра) го поттикнува мозокот со тоа што ги тера играчите да ги запомнат правилата, да ги следат позициите на фигурите и да ги предвидуваат потезите на противниците, вели Квимби.

Игри со карти

И разбивањето шпил карти за „Покер“ или „Бриџ“, според стручњакот, носи многу придобивки. Овие игри, покрај забавата и поттикнувањето друштвени собири, бараат од играчите да ги помнат карти што се одиграни и да ги погодат тие карти што останале кај другите.

Колку често треба да прават вежбите за помнење?

Вклучувањето во мозочна активност еднаш во денот, дури и на 15 до 30 минути, ја подобрува меморијата на долг рок. Разновидноста е, исто така, важна. Квимби вели:

- Клучна е постојаноста. Колку почесто и редовно го предизвикувате Вашиот мозок, толку подобри резултати ќе имате. Добро да имате неколку различни видови задачи што Ви се допаѓаат и коишто го предизвикуваат Вашиот мозок. Менувањето на вежбите само може да го задржи мозокот вклучен и да го направи процесот пријатен, но и корисен.

- Идеалната рутина за когнитивни вежби зависи и од тоа како изгледа Вашиот секојдневен живот. Некој кој има стимулативна, предизвикувачка работа можеби нема да има потреба од дополнителни ментални вежби за да го одржи својот мозок здрав. Можеби ќе им биде подобро да се релаксираат на крајот од денот за да го намалат стресот. Спротивно на тоа, некој што нема таква работа можеби ќе сака да најде игри и активности коишто му се забавни, стимулирачки и коишто му го обземаат вниманието, така што „менталниот аеробик“ ќе стане рутина за оптимално здравје на мозокот, додаде Смол.

Ако пак, не сте љубител на овие игри за мозокот, има и многу други вежби за највиталниот орган во телото. Може, на пр., да се научи нов јазик, денес и на интернет. Или - ново хоби.

Истражување од 2023 година покажува дека кое било хоби во средината или подоцна во животот е поврзано со помала опасност од деменција. Водењето разговор, пак, за внатрешните уверувања или за актуелни настани, со блиска личност - можеби не изгледа како вежба за помнење, но и тоа е вид развивање на умот. Според Смол, длабокиот разговор допира до невронските мрежи потребни да се одржат комуникациските вештини - остри.

И физичката вежба е добра за мозок. Според науката, 10 минути физичко вежбање, на пр. брзо одење или чучнувања - може да ги подобрат умствените вештини, како и Вашето тело. /МИА

притисни ентер