Околу 40 држави апелираат за заштита на мировниците од УНИФИЛ

Најмалку 40 држави изразија „целосна“ поддршка на Мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) и побараа заштита на сините шлемови откако во изминатите два дена при израелските напади повредени се пет мировници.

- Цврсто ги осудуваме последните напади врз припадниците на мировните сили. Таквите акции треба веднаш да прекинат и на соодветен начин да бидат истражени. Ги повикуваме сите страни во судирот да го почитуваат присуството на УНИФИЛ, што значи да ја гарантираат безбедноста на сите вработени цело време, се наведува во заедничкото писмо.

Тие исто така посочија дека „улогата на УНИФИЛ е посебно пресудна во светло на ескалацијата на тензиите во Блиски Исток“.

Мисијата на ОН ја обвинува израелската армија за повторени и намерни гаѓања на нејзините позиции.

УНИФИЛ е создаден за да го надгледува повлекувањето на израелските војници од јужен Либан по израелската инвазија во 1978 година. ОН ја проширија својата мисија по војната помеѓу Израел и Хезболах во 2006 година. Во Либан сега има распоредено повеќе од 10.000 мировници од околу 50 земји. Најголеми контингенти имаат Индонезија, Индија, Гана, Италија и Непал.

Арсовска ја отвори 162та Пленарна седница за процесот на проширување и пристапување кон ЕУ

Градоначалничката на Град Скопје во Европскиот парламент во Брисел, на покана на Европскиот комитет на региони, ја отвори 162та Пленарна седница посветена на процесот на проширување и пристапување кон Европската унија.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во Европскиот парламент во Брисел, на покана на Европскиот комитет на региони, ја отвори 162та Пленарна седница посветена на процесот на проширување и пристапување кон Европската унија каде во своето обраќање ги изнесе главните препораки и предизвици со кои институциите на локално ниво се соочени во Македонија.

“ Повеќе од 70% од законодавството на ЕУ ги засега локалните власти, затоа успешна хармонизација и имплементација на ЕУ регулативата може да се гарантира со мултилатерална соработка каде централните и локалните власти се надополнуваат. Градовите треба да бидат вклучени во справувањето со значајните предизвици преку заедничка работа и градење мостови на соработка и пријателство.

Локалната власт игра клучна улога во контекст на процесот на интеграција во ЕУ и поширокиот политички контекст во земјата во изминатите две децении, а Македонија докажа дека во соработка и единство со Европските институции, зајакнато работи да го надмине секој предизвик и да создаде подобра иднина. Локалната власт е релевантна за нашите ЕУ аспирации и за надминување на предизвиците со кои Македонија е соочена, во повеќе клучни аспекти.

Процесот на реформи за децентрализација со цел да се пренесат овластувањата и одговорностите од централната на локалните власти, кој сè уште е во рудиментална фаза во Македонија е од суштинско значење за подобрување на управувањето, зголемување на учеството на граѓаните и подобрување на испораката на услуги на локално ниво. Граѓанскиот ангажман и учество се клучни бидејќи локалните самоуправи обезбедуваат платформа за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки и градење доверба во локалните институции, локалните политики и иницијативи. Локалните власти можат подобро да одговорат на специфичните потреби и грижи на граѓаните, вклучително и прашања поврзани со инклузија и социјалната кохезија.

Ефективното локално управување е услов за интеграција во ЕУ, а преку зајакнување на структурите на локалната самоуправа се нагласува важноста на локалната демократија, одговорноста и владеењето на правото. Локалните самоуправи треба да бидат поддржани во спроведувањето иницијативи за економски развој со цел стимулирање на растот, привлекување инвестиции и отворање работни места, што е клучно за подобрување на животниот стандард и намалување на регионалните разлики, како важни критериуми за пристапување во ЕУ.

Неопходно е градење на капацитетите и обуки за претставниците на локалната самоуправа за подобрување на управувањето и испораката на услуги со што ќе зајакнат локалните институции. Воедно во партнерство со граѓанските организации може значително да се подобри транспарентноста и отчетноста, што ќе придонесе за поефективно управување и промовирање на демократските вредности. За закакната регионална соработка важно е поттикнување на прекугранични иницијативи и активно учество на Македонија во регионалните мрежи. Важно е и да се искористат можностите за финансирање од ЕУ, а за пристапот до фондовите неопходна е ефикасна локална администрација и капацитет за спроведување проекти, кои можат да ги подобрат локалниот економски развој и инфраструктура.

Главни предизвици со кои се соочува локалната самоуправа се политичкото мешање во нивната работа и обиди за влијание врз независноста и интегритетот на локалните институции од страна на централната власт, но и ограничените финансиски ресурси и капацитети. Во заклучоците воедно акцентирани се и забелешките за еднаквост и правичност, оваа година има значителен пад на статусот на жената во локалната власт, а младите девојки и жени се обесхрабрени да учествуваат знаејќи дека немаат системска поддршка и заштита од родово базирано насилство, што се рефлектира и преку големиот пад на процентот на жени градоначалници низ Европа.

Поради говорот на омраза, сајбер насилство, закани и континуираната загриженост за личната безбедност, бројот на жени градоначалници во Европа падна од 25 на 16%, во земјите од Југоисточна Европа на 8,3%, додека во Македонија на рекодно најниско за Европа на 2%.

Локалната власт во Македонија е составен дел на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и севкупната рамка на управување. Локалните власти значително можат да придонесат кон аспирациите за членство во ЕУ, за што е неопходно зајакнување на локалните институции, промовирање на граѓанскиот ангажман и справување со уникатните потреби на локално ниво. Тековните напори за унапредување на децентрализацијата, подобрување на локалното управување и поттикнување меѓуетничка соработка ќе бидат од суштинско значење за градење стабилно, демократско и просперитетно општество кое ќе се усогласи со вредностите и стандардите на ЕУ. “ - истакна Арсовска која ја предводи делегацијата на Македонија и како истражител и известувач едногласно е избрана за Портпарол на Конгресот на Советот на Европа за етика и спречување корупција. Арсовска воедно во Европскиот комитет на региони на ЕУ е ко-претседавач Заедничкиот консултативен комитет на Македонија со ЕУ.

Град Скопје

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ со лажни ветувања ја заглави Македонија

На традиционалниот собир во прилепско с. Селце, по повод 11 Октомври, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред пред граѓаните и испрати јасни пораки за актуелната политичка состојба во Македонија и заложбите на СДСМ за иднината на земјата.

„Голема чест за мене е прв пат да говорам на овој традиционален собир по повод 11 Октомври. Пред 83 години нашите предци одлучија да го кренат гласот и оружјето против неправдите, против окупацијата и угнетувањето. Тие не прашуваа дали можат да победат, тие не чекаа помош, тие ја презедоа судбината во свои раце,“ истакна претседателот Филипче, потсетувајќи на историското значење на денот.

Според претседателот Филипче, предизвиците со кои Македонија денес се соочува се слични на оние од минатото, кога нашите предци се бореле за слобода: „И денес, ние стоиме пред сличен предизвик. Како што тие се бореа за слободата на Македонија, така и ние денес мора да се бориме за правда, за еднаквост и за вистински просперитет“.

Претседателот Филипче ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја неспособна да ги исполни ветувањата дадени пред граѓаните. „За жал, денеска сме сведоци на Влада која со секој свој чекор ги изневерува граѓаните. Никогаш досега Македонија не била толку изневерена од својата власт,“ изјави тој, додавајќи: „Никогаш досега не сме виделе толку празни ветувања, толку лаги, како што видовме од ВМРО-ДПМНЕ и нивната измама на последните избори“.

Претседателот Филипче рече дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станаа заложници на своите лажни ветувања, а со тоа ја држат во заложништво и Македонија. „Ветуваа дека ќе обезбедат подобри позиции во преговорите со Европската Унија. Свесни дека лажеле, свесни дека не можат ништо да испорачаат, сега се заглавени како воз во снег – ниту напред, ниту назад.“- рече претседателот Филипче.

Претседателот Филипче ги оцени постапките на Владата како хаотични и неусогласени, при што рече: „Погледнете ги, личат на раштиман оркестар. Мицкоски зборува едно, неговиот министер Муртезани зборува друго, а вистината е дека немаат решение. Немаше храброст да излезат пред вас, да ви кажат дека лажеле.“

Претседателот Филипче ја посочи и промената на ставот на Мицкоски во врска со Преспанскиот договор. „Ги слушавме како ветуваат дека ќе ги поништуваат меѓународните договори. Пред некој ден Мицкоски рече дека Преспанскиот договор бил добар и требало да биде модел за преговорите со ЕУ. Замислете, Мицкоски кој својата политичка кариера ја изгради на протести против Преспанскиот договор, сега го посочува како успех,“ потенцираше претседателот Филипче, додавајќи: „Кога им одговараше, манипулираа со емоциите на граѓаните не размислуваа дека еден ден ќе мора да преземат одговорност“.

Претседателот Филипче истакна дека Македонија денес е „заглавена“ токму поради „популистичките и лицемерни политики“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето обраќање, претседателот Филипче изрази загриженост поради изјавите на Мицкоски во врска со судството. „Последните најави и изјави на Мицкоски се загрижувачки. Замислете, Мицкоски вели дека ако резултатите од истрагите во судството не бидат според неговите очекувања, ќе предложи 'негови луѓе' за сите позиции во правосудството,“ изјави претседателот Филипче, предупредувајќи: „Што значи тоа? Значи дека веќе размислува да го партизира судството, дека размислува како да го одземе тоа што со многу мака го стекнавме – слободата и демократијата. За само 100 дена, Мицкоски веќе ги открива плановите за целосна контрола на правосудството. Ова не е реформаторска влада. Ова е власт која сака да ја врати Македонија назад во времето на страв и репресија“ -заклучи претседателот Филипче.

Претседателот Филипче се осврна и на платите на наставниците и растот на цените. „Цените растат секој ден и основните производи не поевтинија, тоа го тврди и министерката за финансии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за да го спречи ова,“ посочи тој, нагласувајќи дека „Владата избра да го заштити капиталот, наместо да застане во одбрана на народот.“

Во однос на вчерашниот договор за 5% покачување на платите на наставниците, претсердателот Филипче рече: „Владата требаше законски да ги качи платите за 12%, но што направи? Обезбеди само 5% и тоа под притисок на јавноста и на нашата партија! Ова не е достоинствено решение. Ова е обид да се смири револтот со симболично зголемување кое е далеку од потребното за нашите наставници.“

Претседателот Филипче јасно стави до знаење дека СДСМ нема да биде дел од манипулативните политики на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ЕУ интеграциите. „Слушам дека бараат конструктивност од опозицијата. Велат ќе сме биле вклучени во одлуките. Сакам јасно да им порачам, СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист. СДСМ нема да наседне на нивните манипулации. Ќе дадеме поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи“ - заклучи Филипче

Претседателот Филипче им вети на присутните дека ќе ги избере најдобрите луѓе за водење на партијата: „Како претседател ветувам дека ќе ги изберам најдобрите луѓе – оние кои имаат поддршка од членовите, кои се спремни им служат на граѓаните, а не да се служат со нив. СДСМ ќе го врати гласот на членството. Секој член ќе има глас и влијание, затоа што СДСМ е партија на народот.“ -заклучи претседателот Филипче, се наведува воп партиската реакција.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС повторно со празни зборови, ВМРО-ДПМНЕ со конкретни мерки

СДС повторно со празни зборови, ВМРО-ДПМНЕ со конкретни мерки. Како и многу пати досега, СДС преку претседателот Венко Филипче, повторно се обидува да го омаловажи секој позитивен чекор направен за доброто на граѓаните. 

Најновата критика за зголемувањето на платите на наставниците е уште еден пример за тоа како СДС продолжува да ги манипулира фактите.

ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми платата на наставниците за 5% веднаш, а до крајот на мандатот за 50%, наспроти сите економски предизвици со кои се соочува државата, голрм дел заради криминалот и неодговорноста на Филипче и таквите како него во СДС и ДУИ додека ја водеа државата.

Ова е чекор во вистинската насока за подобрување на стандардот на наставниците и плановите за понатамошни зголемувања веќе се во изработка.

СДС го игнорира фактот дека токму нивната влада, кога тие беа на власт, ги остави наставниците со минимални зголемувања, ветувања без реализација и со сериозни проблеми во образовниот систем.

ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно и транспарентно, со реални чекори и решенија. Спротивно на тоа, СДС со своите изјави се обидува да создаде атмосфера на незадоволство и манипулации.

Време е СДС да престане со лагите и да признае дека оваа Влада презема сериозни мерки за подобрување на условите за сите граѓани, вклучително и наставниците.

Македонија не заслужува да биде заложник на празни ветувања, какви што СДС и Венко Филипче постојано нудат.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните со конкретни дела, а не со празни зборови. Граѓаните ќе ги видат и почувствуваат резултатите од нашите политики. Македонија заслужува подобро, и тоа ќе го добие, се наведува во партиската реакција.

притисни ентер