Филипче: ВМРО-ДПМНЕ со лажни ветувања ја заглави Македонија

На традиционалниот собир во прилепско с. Селце, по повод 11 Октомври, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред пред граѓаните и испрати јасни пораки за актуелната политичка состојба во Македонија и заложбите на СДСМ за иднината на земјата.

„Голема чест за мене е прв пат да говорам на овој традиционален собир по повод 11 Октомври. Пред 83 години нашите предци одлучија да го кренат гласот и оружјето против неправдите, против окупацијата и угнетувањето. Тие не прашуваа дали можат да победат, тие не чекаа помош, тие ја презедоа судбината во свои раце,“ истакна претседателот Филипче, потсетувајќи на историското значење на денот.

Според претседателот Филипче, предизвиците со кои Македонија денес се соочува се слични на оние од минатото, кога нашите предци се бореле за слобода: „И денес, ние стоиме пред сличен предизвик. Како што тие се бореа за слободата на Македонија, така и ние денес мора да се бориме за правда, за еднаквост и за вистински просперитет“.

Претседателот Филипче ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја неспособна да ги исполни ветувањата дадени пред граѓаните. „За жал, денеска сме сведоци на Влада која со секој свој чекор ги изневерува граѓаните. Никогаш досега Македонија не била толку изневерена од својата власт,“ изјави тој, додавајќи: „Никогаш досега не сме виделе толку празни ветувања, толку лаги, како што видовме од ВМРО-ДПМНЕ и нивната измама на последните избори“.

Претседателот Филипче рече дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станаа заложници на своите лажни ветувања, а со тоа ја држат во заложништво и Македонија. „Ветуваа дека ќе обезбедат подобри позиции во преговорите со Европската Унија. Свесни дека лажеле, свесни дека не можат ништо да испорачаат, сега се заглавени како воз во снег – ниту напред, ниту назад.“- рече претседателот Филипче.

Претседателот Филипче ги оцени постапките на Владата како хаотични и неусогласени, при што рече: „Погледнете ги, личат на раштиман оркестар. Мицкоски зборува едно, неговиот министер Муртезани зборува друго, а вистината е дека немаат решение. Немаше храброст да излезат пред вас, да ви кажат дека лажеле.“

Претседателот Филипче ја посочи и промената на ставот на Мицкоски во врска со Преспанскиот договор. „Ги слушавме како ветуваат дека ќе ги поништуваат меѓународните договори. Пред некој ден Мицкоски рече дека Преспанскиот договор бил добар и требало да биде модел за преговорите со ЕУ. Замислете, Мицкоски кој својата политичка кариера ја изгради на протести против Преспанскиот договор, сега го посочува како успех,“ потенцираше претседателот Филипче, додавајќи: „Кога им одговараше, манипулираа со емоциите на граѓаните не размислуваа дека еден ден ќе мора да преземат одговорност“.

Претседателот Филипче истакна дека Македонија денес е „заглавена“ токму поради „популистичките и лицемерни политики“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето обраќање, претседателот Филипче изрази загриженост поради изјавите на Мицкоски во врска со судството. „Последните најави и изјави на Мицкоски се загрижувачки. Замислете, Мицкоски вели дека ако резултатите од истрагите во судството не бидат според неговите очекувања, ќе предложи 'негови луѓе' за сите позиции во правосудството,“ изјави претседателот Филипче, предупредувајќи: „Што значи тоа? Значи дека веќе размислува да го партизира судството, дека размислува како да го одземе тоа што со многу мака го стекнавме – слободата и демократијата. За само 100 дена, Мицкоски веќе ги открива плановите за целосна контрола на правосудството. Ова не е реформаторска влада. Ова е власт која сака да ја врати Македонија назад во времето на страв и репресија“ -заклучи претседателот Филипче.

Претседателот Филипче се осврна и на платите на наставниците и растот на цените. „Цените растат секој ден и основните производи не поевтинија, тоа го тврди и министерката за финансии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за да го спречи ова,“ посочи тој, нагласувајќи дека „Владата избра да го заштити капиталот, наместо да застане во одбрана на народот.“

Во однос на вчерашниот договор за 5% покачување на платите на наставниците, претсердателот Филипче рече: „Владата требаше законски да ги качи платите за 12%, но што направи? Обезбеди само 5% и тоа под притисок на јавноста и на нашата партија! Ова не е достоинствено решение. Ова е обид да се смири револтот со симболично зголемување кое е далеку од потребното за нашите наставници.“

Претседателот Филипче јасно стави до знаење дека СДСМ нема да биде дел од манипулативните политики на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ЕУ интеграциите. „Слушам дека бараат конструктивност од опозицијата. Велат ќе сме биле вклучени во одлуките. Сакам јасно да им порачам, СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист. СДСМ нема да наседне на нивните манипулации. Ќе дадеме поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи“ - заклучи Филипче

Претседателот Филипче им вети на присутните дека ќе ги избере најдобрите луѓе за водење на партијата: „Како претседател ветувам дека ќе ги изберам најдобрите луѓе – оние кои имаат поддршка од членовите, кои се спремни им служат на граѓаните, а не да се служат со нив. СДСМ ќе го врати гласот на членството. Секој член ќе има глас и влијание, затоа што СДСМ е партија на народот.“ -заклучи претседателот Филипче, се наведува воп партиската реакција.

Ѓоковиќ откри дали ќе игра следната година, па порача: Ова беше една од најлошите години

Србинот Новак Ѓоковиќ беше на чекор до освојување на 100. титула во кариерата, но во финалето на Мастерсот 1000 во Шангај беше поразен од Италијанецот Јаник Синер со 2:0 (7-6 (1) и 6-3.

По поразот во финалето, Ноле одржа прес-конференција и го анализираше својот настап на турнирот:

- Мислам дека има некои позитивни работи што можам да ги извлечам. Прво, моето ниво на тенис беше навистина добро на овој турнир, веројатно најдоброто од Олимпијадата во однос на тоа како се чувствував, како играв, како се борев. Денеска направив сѐ што можев, тој заслужи да победи. Беше премногу силен во важните моменти. Исто така, мислам дека одиграв прилично добро денес во финалето, што ми дава причина да верувам дека сè уште можам да играм против овие момци, кои се најдобри во светот. Се надевам дека ќе го задржам тоа ниво во наредните месеци и во иднина.

Потоа тој зборуваше подетално за самиот дуел:

- Тоа се типовите на натпревари и предизвици кон кои тежнеам, да можам да бидам во позиција да играм против најдобрите во светот на најголемите сцени. Ова е она за што работам и зошто сè уште се туркам до моите граници. Не знам што ќе донесе иднината, само ќе се обидам да се адаптирам... Сеуште планирам да се натпреварувам и да играм следната сезона, ќе видиме до каде ќе одам – додаде тој.

Ноле го пофали и Синер: „Тој ме потсетува на мене во текот на мојата кариера“, пренесе Телеграф.

Конечно, српскиот тенисер се осврна на својот настап оваа сезона:

- Што се однесува до резултатите, ова беше една од најлошите сезони. Во одреден момент мораше да има година кога не освоив ниту еден грен слем и не можев да го задржам тоа високо ниво после толку години. И тоа е во ред, среќен сум со мојот златен медал на Олимпијадата, тоа беше мојата главна цел оваа година. Секако дека би сакал да го освојам Грен слем, но тоа е во ред, тоа е тоа. Тоа е една од оние сезони што треба да ги прифатите, а јас сум повеќе од среќен со сето она што го постигнав во кариерата. “

Starship одлета на петтиот пробен лет, па направи историски подвиг (ВИДЕО)

SpaceX во неделата го лансираше петтиот пробен лет на ракетата Starship.

Компанијата на Илон Маск го лансираше Starship во 8:25 часот по средноевропско време од својот објект Starbase во близина на Браунсвил, Тексас, објави The Verge.

SpaceX на Илон Маск го лансираше Starship, најмоќната ракета на светот.

За време на овој лет, SpaceX успеа да направи нешто што досега не било направено и тоа при првиот обид.

За прв пат, компанијата се обиде да се врати и безбедно да приземји ракетен фрлач наречен Супер Хеви. По лансирањето, носачот се врати на местото на лансирање, каде што беше успешно заробен од сет на масивни метални краци. „Ова е сосема лудо! врескаше инженерката на SpaceX, Кејт Тис за време на преносот во живо.

Иако мисијата на носачот на Super Heavy е завршена, Starship сè уште лета низ вселената. По одвојувањето, леталото ги запали своите мотори и сега се лизга низ вселената. Летот траеше околу еден час.

Во 15:26 часот Starship повторно влезе во атмосферата на Земјата, уште еден високоризичен, клучен момент во денешниот лет. Леталото изврши маневар за слетување над Индискиот Океан.

Во 15:30 Starship слета во океанот.

Ова е петти тест на Starship. Последниот беше изведен во март годинава. Леталото тогаш далеку ги надмина своите два претходни летови, кои беа прекинати со експлозии неколку минути по лансирањето.

WATCH: SpaceX Starship launch tower successfully catches Super Heavy booster for the first timepic.twitter.com/duYRD2yZfl

Израел изврши нови воздушни напади врз Либан

Во израелски воздушен напад целосно е уништена џамија во либанско село на десет километри од границата со Израел, кој неодамна го засили бомбардирањето во регионот, објави официјалната либанска агенција.

„Околу 3:45 часот, непријателски авион изврши воздушен напад насочен кон древна џамија во центарот на селото Кфар Тебнит, целосно уништувајќи ја“, објави АНИ.

Оваа вековна џамија „беше симбол затоа што семејствата се собираа на нејзиниот плоштад за да слават различни прилики“, објасни за АФП градоначалникот на Кфар Тебнита, Фуад Јасин.

Црвениот крст, во меѓувреме, соопшти дека неколку негови спасувачи денеска биле повредени во напад на куќа во јужен Либан, каде што биле испратени „во координација“ со мисијата на ОН која делува како тампон меѓу Израел и Либан.

„Додека тимот бараше жртви за спасување, куќата беше погодена по втор пат, предизвикувајќи повреди, вклучително и потрес на мозокот и оштетување на две амбулантни возила“, соопшти либанскиот Црвен крст. Овој тим „беше испратен во координација со привремените сили на Обединетите нации (УНИФИЛ) распоредени во јужен Либан.

Фронтот отворен од либанскиот Хезболах против Израел во октомври 2023 година, за поддршка на палестинскиот Хамас, се претвори во отворена војна на 23 септември со почетокот на интензивните израелски бомбардирања врз упориштата на исламистичкото движење во Либан, при што беше убиен лидерот на проиранското движење, Хасан Насрала.

Израелската армија потоа започна копнена офанзива во јужен Либан на 30 септември. Либанското Министерство за здравство забележа повеќе од 2.255 смртни случаи минатата година, од кои половина се случиле на 23 септември и повеќе од еден милион раселени лица.

притисни ентер