ОЈО: За осомничениот во „Адитив“ нема известување од Судот дека е недостапен

Во врска со денешната изјава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во однос на можноста за определување мерки за обезбедување против едно осомничено лице во предметот “Адитив”, обвинителството појаснува.

Во врска со денешната изјава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во однос на можноста за определување мерки за обезбедување против едно осомничено лице во предметот “Адитив”, обвинителството појаснува дека МВР вчера (26.12.2024 година) до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување за постапување по сите 77 наредби за претрес издадени од Основниот кривичен суд – Скопје во кое, во точката што се однесува на наведениот осомничен е наведено дека тој во моментот на претресот не бил пронајден на домашната адреса и не бил забележан подолг период од страна на соседите.

Законот за кривична постапка е јасен и дециден во вакви случаи – МВР треба најпрво да го извести судот кој ќе побара од полицијата да ја утврди достапноста на лицето. Доколку притоа се утврди дека лицето е недостапно, судот известувањето на МВР ќе го достави на запознавање во случајов до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ќе побара обвинителството да се произнесе во однос на предлогот за определување на мерките на обезбедување.

До денес, Основниот кривичен суд – Скопје нема доставено ваков документ до обвинителството и предметните обвинители не можат прескокнувајќи постапки и институции да носат предлози или одлуки надвор од нивните законски овластувања. Во моментот кога ОЈОГОКК ќе добие известување дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во поглед на мерките за обезбедување.

Словачка потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуални мировни преговори за Украина

Словачка синоќа потврди дека се согласила да биде домаќин на евентуални мировни преговори за Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин претходно оцени дека е „прифатливо“ таа да стане „платформа“ за дијалог.

„Ако некој сака да води мировни преговори во Словачка, ќе бидеме подготвени и ќе укажеме добредојде“, објави премиерот Роберт Фицо на Фејсбук.

Словачкото Министерство за надворешни работи посочи дека овој дијалог треба да се одвива „со учество на Русија“, за разлика од самитот што е закажан во Швајцарија за јуни 2025 година.

Рускиот претседател во четвртокот потврди дека Словачка, чија „неутрална позиција“ ја фали, понудила да биде еден вид „платформа“ за евентуални преговори.

„Изјавата на рускиот претседател ја сметаме за позитивен сигнал за што поскоро ставање крај на оваа војна, крвопролевање и уништување“, напиша на Фејсбук словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар.

Според Бланар, во октомври Братислава ги информирала „украинските партнери“ за нејзината достапност за мировни преговори.

Инаку, Фицо ја прекина сета воена помош за Украина и го обвинува Киев дека го загрозува снабдувањето на неговата земја со руски гас.

Зеленски: Неколку ранети севернокорејски војници загинаа во украинско заробеништво

Севернокорејските војници, „неколку“ од нив кои беа ранети и заробени на фронтот, загинаа во украинско заробеништво, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој ја обвини Русија дека обезбедува „минимална безбедност“ на севернокорејските војници испратени од Пјонгјанг во Москва како воена помош.

„Неколку севернокорејски војници загинаа денеска. Нашите војници успеаја да ги фатат. Но, тие беа многу тешко повредени и не можеа да се спасат“, рече Зеленски.

Претседателот на Украина го осуди „лудилото на кое се способни диктатурите“ со испраќање војници да гинат „во битките во Европа“.

Намалени и цените на основните прехранбени производи што не се дел од Новогодишната кошница

Најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на ниво од пред зголемувањето, но одлуката за замрзнување на цените е подготвена велат од Владата и посочуваат дека продолжуваат да ја следат ситуацијата. 

Сите маркети кои се пријавени за Новогодишната кошница доколку во неа не ги додадат основните прехранбени производи, тогаш Владата, како што укажува, ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна.

Според информациите од Државниот пазарен инспекторат, кои биле на терен, веќе се намалени цените на дел од основните прехранбени производи кај некои маркети, а во некои маркети цените дури се намалени од 20 до 25 проценти.

„Новогодишната потрошувачка кошничка“, која почна од 15 декември и ќе трае до 15 јануари, вклучува речиси 1.180 производи кои може да се видат на веб страницата „mojakosnica.mk“.

По поплаките од граѓаните за пoскапувањата на основните прехранбени производи што не беа опфатени со Новогодишната кошничка, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека најголем дел од трговците го почитуваат укажувањето што им беше упатено за да ги вратат цените на производите на ниво од пред зголемувањето што го направија откако стапи во сила акцијата „Новогодишна кошница“ за што алармираа граѓаните.

Состојбата ќе се следи и доколку има девијантно однесување од страна на трговците, Мицкоски порача дека ќе бидат преземени мерки и потсети дека секогаш е на располагање можноста за повторно ограничување на цените со одлука на Владата.

– Добивам информации од страна на ДПИ дека најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на она ниво на кое што беа пред да добијат покачување. Го почитуваат укажувањето што јавно го упативме до нив. Очекувам во периодот што следи тоа да продолжи иако редовно со интензивна контрола од страна на ДПИ ќе се следи состојбата и доколку имаме девијантно однесување од страна на трговците, ќе бидат преземени мерки. Инаку, последната мерка што Владата ја има на располагање е да донесе повторно ограничување или лимитирање на цената, но во овој момент гледаме дека најголемиот дел од трговците она укажување и замолница ја почитуваат, изјави Мицкоски, вчера по презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи.

Мерката „Новогодишна потрошувачка кошничка“ трае уште 20 дена и трговците во моментов не можат да заработат казна, бидејќи како што посочува министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши оваа мерка произлегува од нив, но вели оти очекува да бидат општествено- одговорни, како што ветиле во текот на разговорите.

-Владата засега нема да донесе одлука за замрзнување на цените, бидејќи како што може да се забележи уште од вчера на полиците на маркетите има намалување на цените на производите, кои се покачија во изминатиот месец, изјави вчера Дурмиши, а на трговците им порача дека доколку продолжат со зголемувањето на цените, одлуката за замрзнување на цените е подготвена и веднаш ќе се свика седница на Владата.

Дурмиши истакна дека цените се следат секојдневно и ги предупреди трговците доколку повторно се обидат да ги покачат цените, како Влада имаат механизми и веднаш да донесат одлука, по што ќе следат казни, а како што рече, дури и затворање на маркетите.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, вчера од Прилеп, предупреди дека доколку сите маркети кои се пријавени за Новогодишната кошница не ги додадат основните прехранбени производи, а ги има 700 во синџирот, тогаш Владата ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна.

- Пазарната инспекција ќе биде нон-стоп на терен. И доколку до крајот на денот тоа не се случи во сите маркети кои се пријавени за Новогодишната кошница, а ги има 700 во синџирот, тогаш Владата ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна, но ќе мораме за да го заштитиме стандардот на граѓаните во овој период околу Нова година и празниците, изјави Ристески.

По укажувањето на Владата и на Министерството за економија и труд, според Ристески, веќе се одзвале голем број маркети со дополнителни производи, па, како што посочи, има околу 50 прехранбени производи, како млечни производи, односно сирење кашкавал, месо, месни производи, па масло, јајца, кафе, шеќер и така натаму. Со ова, нагласи Ристески, уште повеќе се комплетира Новогодишната кошничка.

Во Новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.

Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските синџири треба да бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата. /МИА

притисни ентер