Официјално отворен Саемот за енергетика и технологија ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024

Меѓународниот саем за енергетика и технологија - ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024, денеска ги отвори вратите за посетителите во Арената „Борис Трајковски“. 

Саемот официјално го прогласи за отворен г-ѓа Сања Божиновска, Министер за енергетика, рударство и минерални суровини, а свои поздравни обраќања имаа и г-дин Изет Меџити, Прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање и Даниела Глигоровска, Генерален директор на Скопски саем.

„Со овогодинашниот слоган ‘Вклучи одржлиуви навики’, ставен е акцент на важноста на успешната енергетска транзиција кон зелена енергија, што всушност е наша долгорочна цел за енергетската иднина на Македонија. Настаните како Енерго Технома се исклучително важни на патот кон обезбедување енергетски одржлива и ефикасна држава. Потенцијалот за обновлива енергија во нашата земја е огромен, а една од задачите на Министерството за енергетика и рударство е создавање услови, кои поттикнуваат иновации и напредок во овој сектор“, истакна министерката Божиновска.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити изрази задоволство што е дел од манифестација, која повторно се организира по подолг период.

„Се радувам што повторно се организира оваа манифетација, бидејќи ваквите средби се одлична можност за претставување на индустриското стопанство и најновите достигнувања во областа на технологијата кај нас и во регионот. Нашата определба како Министерство и како Влада за зелена трансформација, како една од важните цели од европскиот зелен договор бара зајакнување на ефикасната употреба на ресурсите, со преминување во чиста циркуларна економија, враќање на биодиверзитетот и намалување на загадувањето“, рече Првиот заменик претседател на Владата, Меџити.

Генералниот директор на Скопски саем, Даниела Глигоровска посочи дека Саемот Енерго Технома повторно се организира по шест години, овојпат со малку поинаков фокус кон енергетиката и технологијата, кои ја одразуваат динамиката на современите предизвици и можности во индустријата.

„Оваа саемска манифестација претставува клучен настан од областа на енергетиката и техничките иновации и претставува важна платформа за размена на знаења, искуства и технологии, кои го обликуваат нашиот регион и пошироко. Саемот Енерго Технома не е само изложбен простор за најновите производи и услуги, туку претставува место каде што се отвораат нови перспективи и се градат партнерства. Оваа манифестација е одраз на нашата заедничка заложба за иновативни решенија, одржливост и унапредување на енергетскиот сектор, кој е од суштинско значење за економскиот развој и квалитетот на животот во нашето општество“, истакна Глигоровска.

ЕНЕРГО ТЕХНОМА оваа година е посветен на зелени решенија и иновативни технологии, со цел да ги истакне најновите технолошки достигнувања и стратегии за справување со глобалните енергетски предизвици. За време на трите дена од саемот, ќе се претстават повеќе од 30 водечки компании од Македонија и од регионот, кои ќе ги претстават своите најсовремени производи, технологии и услуги, фокусирани на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, автоматизација и модерни технолошки процеси.

Работно време на саемот е од 10.00 до 18.00 часот, во трите дена на саемот од 29ти до 31ви октомври, во Арена Борис Трајковски.

Ван Нистелрој би можел да го напушти Манчестер јунајтед откако ќе биде назначен нов тренер

Руд ван Нистелрој би можел да го напушти Манчестер јунајтед по назначувањето на нов тренер.

Според „The ​​Telegraph“, 48-годишниот фудбалски специјалист најверојатно нема да остане во клубот. Забележано е дека самиот Ван Нистелрој никогаш не се сметал себеси за можен наследник на Ерик тен Хаг, кој неодамна беше отпуштен.

Претходно се дозна дека тој ќе биде вршител на должноста тренер на Манчестер јунајтед на натпреварот од Лига купот против Лестер.

Нов тренер на англискиот клуб најверојатно ќе биде Португалецот Рубен Аморим од Спортинг. Тој би можел да почне со работа веќе на натпреварот против Челзи во недела. /МИА

Видео: Тумор од 35 килограми отстранет од пациент во Клиника Жан Митрев

Тимот доктори од Клиника Жан Митрев предводен од д-р Живорад Коцевски, пластичен хирург, отстранија тумор од пациент со големина од 35 килограми и 85 сантиметри.

Туморната формација, за која анализата покажа дека е бенигна, беше во предел на долниот дел од абдоменот. По направената операција и успешното отстранување на туморот, пациентот е добар и се следи неговото опоравување.

Ова е многу редок случај, да се прифати и успешно да се извади тумор со ваква големина, а за докторите од Клиника Жан Митрев, претставува револуционерен оперативен зафат со којшто се спаси животот на пациентот откако беше одбиен за операција од повеќе клиники.

Досега во медицинската пракса во земјава не е направена операција за отстранување на туморска формација со ваква големина, а медицинската литература опишува третирање на вакви маси до 40 сантиметри должина.

Клиника Жан Митрев со проширувањето на дејностите постојано воведува нови хируршки и терапевтски интервенции и поставува нови стандарди во здравствената пракса во земјава, за подобра нега и здравствена услуга за пациентите.

Делегација од земјава ќе учествува на регионалната конференција за микрофинансии

Делегација од земјава ќе учествува на регионалната конференција за микрофинансии “Microbalkans 2024” во Сараево

Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската Комора на Македонија, заедно со претставници од Министерството за Финансии и Народната Банка на Македонија ќе земат учество на престижната регионална конференција „Microbalkans 2024“ која ќе се одржи на 31 октомври и 1 ноември 2024 година во Сараево- Босна и Херцеговина. Конференцијата е организирана со поддршка на Европската Унија, од страна на Асоцијацијата на микрокредитни организации на БиХ (AMFI) и има за цел да го поттикне развојот на микрофинансискиот сектор во Западен Балкан преку засилена соработка и иновации.

Настанот ќе собере над 200 учесници, вклучувајќи лидери на финансиски и микрофинансиски институции, експерти за дигитална трансформација, претставници од централните банки, регулатори, правни советници, провајдери на информациски технологии и други важни чинители на екосистемот, од регионот и пошироко.

На панелот „Дигитализација во микрофинансискиот сектор“ учество ќе земе Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group, кој ќе говори за дигиталната трансформација и придонесот на финтек решенијата во модернизацијата на финансискиот сектор. Модератор на панелот „Дигитализација во микрофинансискиот сектор,“ ќе биде Арлинда Муја, Потпретседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и главна Извршна Директорка на Финмак ДОО, која воедно е и Претседател на „Albanian Microfinance Association“

Во воведниот панел ќе се обрати Биљана Мишиќ, потпретседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва и Извршен Директор на Iute Македонија, која ќе го претстави македонскиот сектор на финансиски друштва и неговиот удел во целокупниот финансиски систем.

Во оваа насока, на конференцијата ќе се одржи и тркалезна маса насловена како „Регулаторна рамка и позитивни практики од ЕУ и Западен Балкан“, каде учесник е Иван Недев, раководител на Одделот за финансиски систем при Министерството за финансии на Македонија.

На панелот „ESG во микрофинансискиот сектор: потреби и услови“, ќе говори Фросина Целеска, Директорка на дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, која заедно со другите панелисти ќе ги споделат своите искуства и перспективи и ќе се фокусираат на искористување на можностите кои ги пружа ESG за развојот на микрофинансискиот сектор во регионот.

На конференцијата ќе се потпише и Меморандум за соработка помеѓу микрофинансиските институции од Западен Балкан, со што ќе се постават основите за создавање на заедничка платформа за поддршка на микрофинансискиот сектор. Преку оваа платформа, земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, ќе имаат пристап до дополнителен капитал, гаранции за финансирање и техничка поддршка, како и до ресурси кои се достапни во ЕУ.

Оваа иницијатива претставува важен чекор кој ќе помогне во градење на посилен имиџ на микрофинансиските институции како носители на социјална одговорност и поддржувачи на одржливиот развој, воедно создавајќи услови за подобрување на финансиската инклузија и економскиот развој на регионот.

притисни ентер