Делегација од земјава ќе учествува на регионалната конференција за микрофинансии

Делегација од земјава ќе учествува на регионалната конференција за микрофинансии “Microbalkans 2024” во Сараево

Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската Комора на Македонија, заедно со претставници од Министерството за Финансии и Народната Банка на Македонија ќе земат учество на престижната регионална конференција „Microbalkans 2024“ која ќе се одржи на 31 октомври и 1 ноември 2024 година во Сараево- Босна и Херцеговина. Конференцијата е организирана со поддршка на Европската Унија, од страна на Асоцијацијата на микрокредитни организации на БиХ (AMFI) и има за цел да го поттикне развојот на микрофинансискиот сектор во Западен Балкан преку засилена соработка и иновации.

Настанот ќе собере над 200 учесници, вклучувајќи лидери на финансиски и микрофинансиски институции, експерти за дигитална трансформација, претставници од централните банки, регулатори, правни советници, провајдери на информациски технологии и други важни чинители на екосистемот, од регионот и пошироко.

На панелот „Дигитализација во микрофинансискиот сектор“ учество ќе земе Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group, кој ќе говори за дигиталната трансформација и придонесот на финтек решенијата во модернизацијата на финансискиот сектор. Модератор на панелот „Дигитализација во микрофинансискиот сектор,“ ќе биде Арлинда Муја, Потпретседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и главна Извршна Директорка на Финмак ДОО, која воедно е и Претседател на „Albanian Microfinance Association“

Во воведниот панел ќе се обрати Биљана Мишиќ, потпретседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва и Извршен Директор на Iute Македонија, која ќе го претстави македонскиот сектор на финансиски друштва и неговиот удел во целокупниот финансиски систем.

Во оваа насока, на конференцијата ќе се одржи и тркалезна маса насловена како „Регулаторна рамка и позитивни практики од ЕУ и Западен Балкан“, каде учесник е Иван Недев, раководител на Одделот за финансиски систем при Министерството за финансии на Македонија.

На панелот „ESG во микрофинансискиот сектор: потреби и услови“, ќе говори Фросина Целеска, Директорка на дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, која заедно со другите панелисти ќе ги споделат своите искуства и перспективи и ќе се фокусираат на искористување на можностите кои ги пружа ESG за развојот на микрофинансискиот сектор во регионот.

На конференцијата ќе се потпише и Меморандум за соработка помеѓу микрофинансиските институции од Западен Балкан, со што ќе се постават основите за создавање на заедничка платформа за поддршка на микрофинансискиот сектор. Преку оваа платформа, земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, ќе имаат пристап до дополнителен капитал, гаранции за финансирање и техничка поддршка, како и до ресурси кои се достапни во ЕУ.

Оваа иницијатива претставува важен чекор кој ќе помогне во градење на посилен имиџ на микрофинансиските институции како носители на социјална одговорност и поддржувачи на одржливиот развој, воедно создавајќи услови за подобрување на финансиската инклузија и економскиот развој на регионот.

Јанчев: Капиталот на општината е зголемен за 10 пати

„Кавадарци наликува на урбана општина. Капиталот на општината е зголемен за 10 пати“ изјави градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев 

„Кавадарци наликува на урбана општина. Капиталот на општината е зголемен за 10 пати“ рече градоначалникот Митко Јанчев на вчерашната седница на советот, одговарајќи на забелешките од советниците од опозицијата, дека не се реализирани повеќе проекти ветени во изборната програма. Тој се осврна на проектите кои се реализираат и чија реализација ќе започне многу брзо.

Во Кавадарци се вршат и подготовки за асфалтирање на ул. ,,Борис Кидрич’’, на површина од 700м2, дел од програмата за комунална изградба за 2024 година.

Изведувач на работите е Изолација ДОО Скопје.

Трипуновски:Целите на македонската земјоделска политика е искористување на ресурсите

Една од основните цели на македонската земјоделска политика е искористување на природните ресурси со заштита на природата .

Природните богатства, вклучувајќи го земјоделското земјиште, растителниот и животинскиот свет, се уставно дефинирани како добра од општ интерес за државата и уживаат посебна заштита, за што истите се третираат и во поедини закони, меѓу кои и повеќе закони во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната конференција во Белград насловена „Транформација на прехранбените системи“.

Тој нагласил дека како земја се стремиме земјоделските стопанства да го спроведуваат концептот на „зелено“ земјоделство, како логичен и природен начин за извршување на земјоделските активности.

-Истите активности постепено ги прошируваме и прилагодуваме согласно нашето постепено прилагодување кон Заедничката земјоделска политика на ЕУ и „Зелената агенда“ на ЕУ“, рекол Трипуновски.

Според него, во водењето на македонската земјоделска политика една од основните цели е оптимално искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина. Во овој стратешки период оваа цел, како што нагласил, е дефинирана како една од основните стратегиски цели - примена на еколошки практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите.

-Вака поставената цел треба да обезбеди зајакнување на отпорноста на земјоделскиот сектор кон климатските промени преку примена на нови иновативни практики и секако нови земјоделски системи - регенеративното земјоделство, за што е потребна буџетска поддршка и креирање на повеќе мерки и инструменти, како од националните програми но и од ИПАРД програмата на ЕУ, истакна министерот Трипуновски на конференцијата.

Тој појаснил дека за да се постигнат овие цели се стимулираат практики кои треба да придонесат кон прилагодување на земјоделството на климатските промени преку мерки со зголемен интензитет на кофинансирање на потребни инвестиции.

-Инвестициите се насочени кон ублажување и прилагодување кон климатските промени, како што се поддршките за набавка на заштитна опрема (мрежи за засенчување и друга опрема), ефикасни системи за наводнување и рационално користење на водата, поддршка за промена на сортите соодветни на идниот климатски режим, особено за најчувствителните подсектори. Внимание се обраќа и на стимулирање на инвестиции за производство на енергија од одржливи извори на самите земјоделски стопанства и подобрување на нивната енергетската ефикасност, рекол министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот посочил дека особено се значајни активностите за поддршка на земјоделците за примена на еколошки и климатско подобни земјоделски практики, како и обуки за примена на нови земјоделски системи (вклучувајќи го и регенеративното земјоделство), со цел намалување на влијанието од климатските промени.

Министерот за спорт Борко Ристовски се сретна со црногорскиот колега Драгослав Шќекиќ

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари билатерална средба со министерот за спорт и млади на Република Црна Гора, г-дин Драгослав Шќекиќ и со членови од неговиот кабинет.

На средбата беа разменети мислења и искуства во реализацијата на програми и проекти кои имаат за цел подобрување на условите за спортистите и унапредување на спортските активности во двете држави.

Министерот Ристовски изрази уверување дека оваа средба ќе биде почеток на плодна соработка преку која Република Македонија и Република Црна Гора ќе успеат да ги издигнат спортските постигнувања на регионално и на меѓународно ниво.

„На средбата изразивме обострана заложба за продлабочување на спортските врски меѓу двете блиски земји. Од министерот Шќекиќ добивме покана да потпишеме меморандум за соработка помеѓу двете министерства и очекувам дека ќе имаме одлична соработка во иднина. Верувам дека преку заеднички иницијативи ќе успееме да го подигнеме спортот на повисоко ниво“ – истакна министерот Ристовски.

Министерот Драгослав Шќекиќ го поздрави формирањето на македонското Министерство за спорт и изрази огромно задоволство од денешната средба.

„Како голем вљубеник во ракометот особено задоволство ми претставува што мој колега министер во македонското Министерството за спорт е токму познат ракометар како Борко Ристовски. Сигурен сум дека ќе имаме и други вакви средби и одлична соработка“ – рече министерот Шќекиќ.

притисни ентер