Објавени документи во кои се обвинува поранешен бискуп од Есен

Објавени документи во кои се обвинува поранешен бискуп од Есен за сексуална злоупотреба на малолетничка.

- Документи се објавени денеска, а во кои се обвинува поранешниот бискуп од Есен и еден од најпознатите теолози во повоена Германија, кардиналот Франц Хенгсбах, за сексуална злоупотреба на малолетничка.

„Епископот Франц-Јозеф Овербек нареди детална истрага за сериозните наводи за злоупотреба против првиот епископ на Есен, Франц Хенгсбах, во периодот од 1950-тите до 1970-тите“, објави во вторникот бискупот од Есен.

Внатрешна истрага беше покрената откако во октомври минатата година во бискупијата се јавило едно лице кое тврдело дека епископот Хенгсбах сексуално ја злоставувал кон крајот на 1960-тите.

По проверката во епископијата Падерборн, во која Хенгсбах, кој почина во 1991 година, бил активен пред да дојде во Есен, се дошло до сознание дека против него таму уште во 2011 година било пријавено сексуално злоставување малолетничка во 50-тите години на минатиот век.

Тој случај е, како што се наведува, е истата година пријавен во Конгрегацијата за доктрина на верата во Ватикан, која ги отфрлила обвиненијата како неосновани.

Според информациите од бискупијата во Падерборн, има извештаи за сексуална злоупотреба на малолетничка и против братот на бискупот Хенгсбах, Павле, кој исто така е свештеник.

Актуелниот епископ Овербек ги повика другите евентуални жртви на злоупотреба тоа да го пријават во епархијата.

Во последниве години, вработените во Германската католичка црква беа на удар на многу обвинувања за сексуална злоупотреба на малолетници. Овие скандали предизвикаа и бројни заминувања на верници од црковните општини. /МИА

Уапсени се седум лица во Белгија под сомнение дека планирале терористички напад

Белгиската полиција денеска приведе седум лица осомничени за планирање терористички напад, соопшти државниот обвинител.

По наредба на судија во Антверпен, полицијата извршила 14 претреси низ земјата, вклучувајќи го тој град, Брисел, Гент и Лиеж.

„Седум лица се донесени на распит“, се вели во соопштението на обвинителот. Сите тие се приведени поради сомнение дека учествувале во активности на терористичка група, финансирале тероризам и подготвувале терористички напад. Во соопштението за медиумите не се открива за која терористичка група се работи, но Белгија во последните години има посебен проблем со исламистичкиот тероризам.

Во ноември 2015 година, бриселската ќелија на Исламската држава уби 131 лице во Париз, а во напад на белгиската престолнина во март 2016 година беа убиени 32 лица.

Полициските хеликоптери исфрлија над 65 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“

Денеска (25.07.2024), Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен. 

Во 12 налети исфрлени се над 65 тони вода со што се локализирани жариштата од едниот реактивиран крак на пожарот и спречено е ширење на огнот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен, соопшти МВР.

Два земјотреса попладнево го стресоа југоистокот на Македонија

Првиот земјотрес се случил во 18 часот и 28 минути и е со измерена Рихтерова локална магнитуда ML3.6, додека вториот во 18 часот и 30 минути е со локална Рихтерова магнитуда ML2.9.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес, 25.07.2024 година, регистрираше два земјотреси чии епицентри припаѓаат на епицентрално подрачје Делчево – Берово, 125 km југоисточно од Скопје. Првиот земјотрес се случи во 18 часот и 28 минути и е со измерена Рихтерова локална магнитуда ML3.6, додека вториот во 18 часот и 30 минути е со локална Рихтерова магнитуда ML2.9.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, првиот земјотрес почувствуван е од населението во градовите Берово, Делчево и околината, со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала, додека вториот III степени според истата скала.

Сеизмолошка опсерваторија

при Природно-математичкиот факултет во Скопје

притисни ентер