Ваквата мерка е дел од договорот постигнат со Австрија, како услов за укинување на нејзиното вето за вклучување на Бугарија и Романија во Шенген зоната.
Како што информира началникот на бугарската гранична полиција Антон Златанов, покрај ова, Бугарија ќе ангажира уште дополнителни 1200 свои полицајци за контрола на границата кон Турција. Според Златанов, се очекува овие мерки да резултираат со „намалување на мигрантскиот притисок за 70 отсто“.
По укинувањето на граничните контроли на аеродромите и пристаништата во Бугарија и Романија при патување во земјите од Шенген зоната на 31 март годинава, од 1 јануари 2025 се очекува да бидат укинати и контролите на копнените гранични премини на двете држави кон зоната на ЕУ на слободно движење. Конечната одлука за ова се очекува да биде донесена на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ на 12 декември.
Златанов најави дека и покрај целосниот прием во Шенген зоната од следната година, Бугарија нема да ја отстрани инфраструктурата на своите гранични премини кон земјите од ЕУ, за случај на евентуална обнова на контролата на границите.
Бугарското МВР соопшти и дека на сегашната единствена копнена граница на Бугарија со Шенген зоната, онаа со Грција, наместо контролите ќе бидат воведени заеднички бугарско-грчки гранични патроли за „проверка на сомнителни лица“. Ваквата мерка, според Златанов е со цел „да не се остави впечаток дека секој може да влезе во Бугарија без да биде проверен“.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Атанас Илков, пак, изјави дека и покрај укинувањето на контролите, полицајците сепак ќе мора да вршат проверки, но тоа ќе го прават „незабележливо и без да го попречуваат слободното движење“ на луѓето и стоките. Според него, ваквите проверки ќе се вршат врз основа на оперативни податоци и информации добиени од партнерските служби.