Бакингемската палата ќе се реновира

 Бакингемската палата во Лондон се затвора и нема да прими државни посети следниве три години, поради реновирање и обемни работи коишто ќе чинат 369 милиони фунти, т.е. повеќе од 444 милиони евра.

Реновирањето на британската кралска Бакингемска палата почна во 2017 година, со цел промена на старите кабли и водоводот, коишто не биле сменети од 1950-тите и може да предизвикаат пожар или поплави. Резиденцијата на монарсите последен во декември ќе ја посети катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани. После тоа, сите државни посети ќе бидат организирани во замокот Виндзор.

Програмата за реновирање на палатата, финансирана со државен грант од даночните обврзници, ќе продолжи до 2027 година.

И кралот Чарлс Трети го преселил својот приватен деловен простор поради работите во палатата. Просторот во северното крило, кој тој претходно го окупираше, го користела покојната кралица Елизабета Втора како нејзин личен стан.

Во јули, посетителите првпат имаа пристап до просториите во источното крило што традиционално се затворени за јавноста, вклучувајќи го и познатиот кралски балкон. Градежните работи налето ќе бидат привремено прекинати за да им се овозможи на туристите да влезат во просториите каде што вообичаено се организираат државни посети на Бакингемската палата во тој дел од годината.

Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

Русија и други противници на Обединетото Кралство користат вештачка интелигенција за засилување на кибер-нападите врз националната инфраструктура, предупреди британскиот министер Пат МекФеден на НАТО конференцијата во Лондон.

Министерот најави формирање на истражувачки центар во Лондон – Лабораторија за безбедност на вештачката интелигенција (LASR), со цел справување со новите безбедносни предизвици. Според него, нападите најчесто доаѓаат од Русија и целат на електроенергетската мрежа.

МекФеден нагласи дека Обединетото Кралство веќе се соочува со „дневна реалност“ на кибер-војна, а нападите се насочени кон НАТО сојузниците кои ѝ помагаат на Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна предупреди на „одмазднички напади“ врз земји кои ѝ обезбедуваат оружје на Украина. Според „Гардијан“, иако директен воен напад е малку веројатен, засилени кибер-напади остануваат реална закана.

Салах разочаран од Ливерпул

 Еден од најдобрите фудбалери на Ливерпул во последните неколку сезони, Мохамаед Салах, ирази незадоволство од однос на клубот кон него.

-Речиси е декември и не добив никакви понуди за продолжување на соработката. Сум разочаран, повеќе би сакал да бидам надвор од клубот отколку во него. Знаете, јас сум во клубот многу години, нема друг како него. Но, на крајот, тоа е надвор од моите раце. Како што кажав, декември е и сè уште не сум добил ништо во врска со мојата иднина, изјави Салах.

Според англиските медиуми, Ливерпул допрва треба да му понуди нов договор на Салах.

Актуелниот договор на 32-годишниот крилен напаѓач е до крајот на оваа сезона кој викендов беше стрелец на два гола во победата (3:2) над Саутемптон.

Во само 12 натпревари во Премиер лигата оваа сезона, египетскиот интернационалец постигна 10 гола и шест асистенции.

ФЗО: Граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки пишувани во име на Фондот

Граѓани добиле лажни е-маил пораки во име на Фондот за здравствено осигурување, од ФЗО апелираат да не се наседнува на лажните пораки, за да не бидат злоупотребени лични податоци и трансакциски сметки.

- Фондот за здравствено осигурување на Македонија има сознанија дека се појавија лажни пораки што им се праќаат на граѓани по електронски пат, на е-меил, а како да е од ФЗО. Во лажните пораки, што не се испратени од е-меилот на ФЗО, им се укажува на граѓаните дека, наводно, системот со управување на трансакции на Фондот препознава дека треба да добијат исплата за рефундација на средства по што треба да кликнат на одреден линк, појаснуваат од ФЗО во денешното соопштение.

Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки, а доколку се во можност, да пријават во Службата за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи.

- Фондот веќе го пријави случајот во МВР, потенцираат оттаму.

притисни ентер