Николовски од форумот во Солун упатил покана до грчките компании да инвестираат кај нас

Министерот Николовски од форумот во Солун упатил покана до грчките компании да инвестираат кај нас

Покана до грчките бизниси да инвестираат во Македонија, која се надградува и енергетски и на ниво на транспортната инфраструктура, упатил заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за време на неговото учество на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) во Солун, соопштија организаторите, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот истакнал дека новата Влада спроведува многу амбициозна програма за економски развој на земјата.

- Веќе ја намаливме инфлацијата за два процентни поени. Ќе бидеме земја број еден во економскиот развој на Балканот во 2025 година. Добрите односи меѓу двете земји дополнително ќе се развиваат во следниот период, нагласил Николовски и додал дека е „природно да има интеракција меѓу економиите на Грција и Северна Македонија“, но и дека развојот на нашата земја е во интерес на јужниот сосед.

За енергетиката, според организаторите, министерот посочил дека земјата е зависна од рускиот природен гас, но веќе „почна тендерскиот процес кој ќе биде завршен следниот месец за интерконекторот за природен гас со Грција“ и потсетил на Меморандумот за соработка со што неодамна беше потпишан со Србија за изградба на интерконектор.

Во однос на железничката мрежа, објаснил дека Владата има намера да ја реконструира железничката врска со Грција, со цел за пет години да има брза врска која може да постигне брзини на возот од 120-130 километри на час, со што ќе се надгради и товарниот и патничкиот транспорт меѓу двете земји.

Дополнително, како што соопштија од Форумот, Николовски истакнал дека намерата на Владата е да се намали данокот на корпоративна добивка на најниско ниво во Европа.

Модератор на дискусијата беше претседателот на Грчката бизнис-асоцијација во Македонија Арис Влахос, кој истакнал дека грчките бизниси во последните години инвестирале 700-800 милиони евра во Македонија.

„Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ што денеска и утре се одржува во Солун е организиран од Tsomokos Communications, стратешкиот партнер е Солунското пристаниште, а оваа година се одржува по втор пат и има за цел да ги истакне клучните аспекти на иднината на транспортот и инфраструктурата во регионот.

Зеленски: Украина не бара од Западот нуклеарно оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја не бара од западните сојузници „нуклеарно оружје“ за да се бори против руската инвазија. 

„Ние не бараме да ни се даде нуклеарно оружје“, им рече тој на новинарите во понеделникот, изјава со ембарго до денеска.

Во говорот во Брисел минатата недела, Зеленски рече дека Украина треба да има „нуклеарно оружје“ доколку не може да биде дел од НАТО.

„Или Украина да има нуклеарно оружје, што ќе служи како нејзина заштита, или да биде дел од некој вид на сојуз“, рече Зеленски во четвртокот, додавајќи дека не знае за „поефективен сојуз од НАТО“.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој и самиот постојано зборуваше за нуклеарната закана од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, изјавата на Зеленски ја нарече „опасна провокација“.

„Можам веднаш да кажам дека Русија во никој случај нема да дозволи тоа да се случи“, рече тогаш Путин.

По распадот на Советскиот Сојуз, Украина се согласи да и го предаде на Русија советското нуклеарно оружје што се наоѓа на нејзина територија, во согласност со договорот склучен во 1994 година, познат како Будимпештански меморандум.

Во понеделникот Зеленски оцени дека неговата земја го предала своето нуклеарно оружје „без да добие ништо за возврат“.

„Требаше да го замениме (нуклеарното оружје) за (членство во) НАТО“, додаде претседателот на Украина.„Токму затоа што Украина нема оружје што може да го запре Путин, и треба НАТО“, додаде Зеленски.

Тој потсети дека му предложил на Западот, како дел од неговиот план за победа, распоредување на ненуклеарни средства за одвраќање на украинска територија. /МИА

Муцунски на средба со новите членови на експертската комисија за прашањата со Бугарија

Денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија одржав протоколарна средба со новите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Република Бугарија.

Во своето обраќање истакнав дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети им стои на располагање за одговорно и непречено извршување на нивните активности. Посочив дека одлуките и дискусиите во рамки на комисијата треба да бидат водени врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода.

Дополнително, ја нагласив и мојата лична заложба за независност во одлучувањето на комисијата, без никакви политички влијанија и притисоци, објави на ФБ министерот Тимчо Муцунски.

Мицкоски по средбата со австрискиот претседател: Продолжуваме да се бориме за Македонија

Со состанокот што го имавме со претседателот на Австрија, Ван дер Белен ја завршуваме официјалната билатерална посета во Австрија којашто започна со учеството на настанот во Салцбург.

Зборувавме со голем број европски дипломати на коишто ја пренесов пораката на македонските граѓани како и нашите очекувања како држава.

Ја завршуваме посетата со настанот, учеството на австриската дипломатска академија каде што ќе зборувам со што се соочуваме како држава и кои се нашите приоритети како Влада.

Имавме успешна и плодна билатерална посета во Австрија. Продолжуваме да се бориме за Македонија и македонските граѓани, како и за националните интереси, објави на ФБ премиерот Христијан Мицкоски.

притисни ентер