Необјавени песни на Џими Хендрикс одат на наддавање

 Необјавени песни на познатиот американски гитарист Џими Хендрикс се дел од каталогот сувенири коишто му припаѓале на покојниот музичар, а би требало да бидат понудени на аукција во ноември.

Организатор на наддавањето е продавницата за забавни сувенири „Пропстор“ (Propstore).

- Кога првпат имавме можност да ја истражиме оваа архива, веднаш бевме воодушевени од длабочината и значењето на материјалот, изјави Марк Хонам, консултант за музика и постери во „Пропстор“. - Ова е неверојатна колекција којашто не само што го отсликува личниот живот на Џими Хендрикс, туку Ве враќа во клучните мигови во музичката историја, додаде тој.

Колекцијата била извадена од архивата на Патриша „Трикси“ Саливан, која соработувала и била блиска со менаџерот на Хендрикс, Мајк Џефри, се наведува.

Сега првпат, обожавателите на Хендрикс имаат можност да наддаваат за различни лични предмети коишто откриваат повеќе за музичките потфати и животот на Хендрикс вон сцената... Меѓу предметите има и 50 ретки ленти, вклучително и необјавени снимки, како и лични записи и документи, на пр. рачно напишано барање за извод од Матичната книга на родени, планови за турнеја, па дури и потврди за хемиско чистење на облеката и друго.

Отстранети десетина диви депонии во скопските општини Аеродром, Центар, Карпош и Чаир

Во текот на празничниот продолжен викенд, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје подигнаа и транспортираа приближно 70 кубни метри отпад од десетина диви депонии лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Карпош и Чаир.

Како што соопшти „Комунална хигиена“ - Скопје, отстранети се автомобилски гуми, стар и неупотреблив мебел, градинарски отпад и градежен шут што биле непрописно одложени на јавни и сообраќајни површини на улиците „Февруарски поход“ во општината Аеродром, „Орце Николов“ и „Народен фронт“ во општината Центар, „Вуковарска“ во општината Чаир, улиците „Јуриј Гагарин“ и „Париска“, како и булеварот „Метрополит Теодосиј Гологанов“ во скопската општина Карпош.

- Во текот на викендот беше извршено и целосно расчистување на теренот по сообраќајната незгода што се случи на аголот меѓу булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“ во скопската општина Аеродром, се вели во соопштението.

Граѓаните на Општина Ѓорче Петров вклучени во креирањето на буџетот на нивната општина

Како и минатите две години, жителите на оваа општина повторно ќе имаат можност да учествуваат во креирање на буџетската каса за 2025 година, информираат денеска од Општината.

Општина Ѓорче Петров повторно ги вклучува граѓаните во изготвување на буџетот. Како и минатите две години, жителите на оваа општина повторно ќе имаат можност да учествуваат во креирање на буџетската каса за 2025 година, информираат денеска од Општината.

Оттаму велат дека целта е сите заедно да ги испланираат и да ги реализираат приоритетите кои ќе ја направат општината подобро место за живеење.

Од Општина Ѓорче Петров истакнуваат дека во периодот што следува, граѓаните ќе имаат можност преку прашалник да го споделат своето мислење.

Оваа активност е веќе воспоставена пракса во Општина Ѓорче Петров, велат оттаму и додаваат дека и изминатите две години, односно од почетокот на мандатот на градоначалникот Александар Стојкоски, граѓаните на повеќе начини активно учествувале со свои идеи, предлози и сугестии во изготвување на буџетот за следната година.

Централната банка открива: Во Црна Гора има 89 милионери

 Според податоците на Централната банка, во Црна Гора има 89 граѓани кои на сметките во комерцијалните банки имаат повеќе од милион евра.

Иако бројот на милионери расте, финансискиот консултант Стеван Гаевиќ посочува дека тоа е мал број во однос на бројот на населението, пренесува Градска ТВ.

- Сметам дека тоа се главно луѓе кои стекнале пари легално или преку продажба или наследство и ги чуваат во банки. Мораме да сме свесни дека има инфлација и држењето пари на сметки може да ја намали нивната вредност, па затоа мислам дека 89 милионери е релативно мал број за Црна Гора, рече Гаевиќ.

Инес Мрдовиќ од НВО Акција за социјална правда смета дека Црна Гора е ветена земја за богатите, бидејќи нивните приходи се оданочуваат со исклучително ниски стапки.

- Важно е да се спомне дека во Црна Гора има многу невидливи милионери. Тие не би ги чувале своите средства на видливи сметки кај Централната банка, туку би ги преместиле надвор од земјата, додаде Мрдовиќ.

притисни ентер