Според медиумите, Германецот (39) живеел со сопругата (68) во германскиот град Трир. Тие двајца често изгледале како совршено семејство, но реалноста била поинаква, објавија романските медиуми.
Германецот водел двоен живот и имал љубовница, жена (36) од Романија, со која смислил план да ја убие сопругата.
Телото на несреќната жена го пронашол роднина пред една недела во нејзиниот стан и веднаш повикал полиција. Обдукцијата покажала дека се работи за убиство.
За убиството се осомничени нејзиниот сопруг и неговата љубовница, кои веднаш по злосторството побегнале во Романија.
Окружниот суд во Трир издал европска потерница поради сомневање за заедничко убиство. Во соработка меѓу германските и романските власти, осомничените биле уапсени во Романија минатиот петок.
Јавното обвинителство во Трир, наводно, побарало екстрадиција на обвинетите во Германија. Одлуката сега е на романските судски власти.
Според романските медиуми, двајцата по убиството се сокриле во стан во романскиот град Сату Маре. Меѓутоа, кога мажот се обидел да ја напушти земјата преку граничниот премин со Унгарија, едноставна контрола му ги расипала сите планови. Згора на тоа, по проверка на багажот на осомничениот, полицијата пронашла сто грама дрога.
Неговата љубовница и соучесничка набрзо биле фатени од агентите и двајцата сега се зад решетки.
Се сомнева дека ја убиле жената од алчност. Од станот се украдени пари, накит и други вредни предмети, додека истрагата продолжува.