Научниците го објаснуваат „вселенскиот прашалник“, снимен со телескопот „Џејмс Веб“ (ВИДЕО)

Снимен од моќниот вселенски телескоп Џејмс Веб, светлиот, карактеристичен објект очигледно има форма на прашалник, оставајќи ги астрономите да се прашуваат дали универзумот нè задева или можеби нè мотивира да продолжиме да бараме тајни во вселената.

Меѓутоа, по извесно време анализирање на фотографијата, научниците веруваат дека таа најверојатно прикажува пар галаксии кои се спојуваат, додека перспективата на телескопот го прави настанот да има форма на познатиот правописен знак.

„Веројатно се работи за далечна галаксија, или можеби галаксии во интеракција, чии дејства би можеле да создадат искривена форма на прашалник. Потребно е дополнително набљудување за да се утврди со сигурност што е тоа“, соопшти Институтот за вселенски телескоп во Балтимор, додавајќи дека ова би можело да биде првпат астрономите да го видат космичкиот прашалник, пишува Дигитал Трендс.

Видеото со тој знак беше објавено на крајот на јуни, но дури сега почна да привлекува големо внимание.

Главниот дел од видеото е детален приказ на две активно формирани млади ѕвезди (Herbig Hero 46/47) оддалечени 1.470 светлосни години од Земјата, во соѕвездието Џедра. Ѕвездите се опкружени со диск од материјал кој ги храни додека растат. Прашалникот може да се види само во позадина на дното на сликата.

Телескопот Џејмс Веб, кој е оддалечен повеќе од милион и пол километри од Земјата, неодамна ја прослави својата прва година од работењето објавувајќи уште една неверојатна слика од длабоката вселена.

Проектот од десет милијарди долари е соработка помеѓу НАСА, Европската вселенска агенција и Канадската вселенска агенција. Целта е револуционерни откритија за потеклото на универзумот додека истовремено се бараат далечни планети каде што е можен живот.

Гундоган: Не жалам што играв за Барса, тоа беше мојот детски сон

 Фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, Илкај Гундоган го сподели своето мислење за играњето за Барселона минатата сезона.

-Не жалам што се преселив во Барса. На крајот на краиштата, играв за еден од најдобрите клубови во светот. Го остварив мојот детски сон играјќи за Барса, го цитира Гундоган новинарот Фабрицио Романо.

Гундоган за Барселона одигра 51 натпревар, постигна пет гола и 14 асистенции.

Во својата кариера, Гундоган има настапувано и за Борусија Дортмунд, Нирнберг и Бохум. Дел од германската репрезентација е од 2011 година.

Зеленски го потпиша законот за зголемување на воените трошоци на Украина за 12 милијарди долари

Украинската војска добива повеќе пари за борбата против рускиот напад според новиот закон потпишан од претседателот Володимир Зеленски, кој претходно беше усвоен од Парламентот, јави ДПА.

Локалните медиуми денеска објавија дека новиот закон ги зголемува воените трошоци за 500 милијарди гривни (околу 12 милијарди долари). Засилувањето ќе се финансира со заеми, даноци и зголемување на давачките за тутунот и горивото. Зголемувањето треба да се искористи за исплата на надоместоци за војниците во првите редови овој месец.

Врховната Рада (парламентот на Украина), во средата усвои ребаланс на буџетот како одговор на тековната војна. Ова ќе ги зголеми буџетските трошоци за околу 13 отсто до еквивалент на над 90,5 милијарди долари - рекорд за Украина.

Земјата се брани од руска инвазија повеќе од две и пол години. Украина вели дека добила преку 98 милијарди долари финансиска помош од странство од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Eдно лице загина во невремето во Јапонија, наредена евакуација на десетици илјади луѓе

 Едно лице загина, а повеќе од 10 се водат како исчезнати во невидените дождови што го погодија полуостровот Ното во централна јапонска префектура Ишикава, регионот кој беше погоден од силен земјотрес на 1 јануари.

Наредена е евакуација на десетици илјади луѓе, а повеќе од 6.000 домаќинства се без струја.

Јапонската метеоролошка служба издаде итно предупредување за обилни врнежи од дожд во областа на општина Ваџима на полуостровот Ното.

Повеќе од 120 милиметри дожд утринава паднаа во областа Ваџима за еден час, што се најобилните врнежи некогаш забележани во регионот.

Општинските власти соопштија дека 10 лица се водат за исчезнати во Ваџима, а едно лице загинало во градот Сузу во истиот регион.

Противпожарната служба во северниот дел на погоденото подрачје соопшти дека во надојдените реки се исчезнати три лица.

Илјадници куќи се поплавени, а медиумите јавуваат дека едно лице е живо закопано во свлечиштето.

Надлежните соопштија дека се излеале 16 реки.

Гувернерот на Ишикава, Хироши Хасе, ги повика жителите да дејствуваат „во согласност со очекуваната опасна ситуација“, имајќи предвид дека во некои области структурите се слаби по силниот земјотрес.

притисни ентер