Во периодот од 26 август до 1 септември, позитивноста кај сите тестирани примероци бележи намалување во однос на претходната седмица, регистрирани се 673 нови хоспитализации, а починале 38 лица, пишува во неделниот извештај за Ковид-19 во Грција на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Намалување во споредба со една седмица претходно има и кај хоспитализациите и кај пациентите приклучени на апарати и кај смртните случаи.
- Летниот пораст на вирусната активност оваа година започна порано за разлика од летото во 2023 година и досега се чини дека се карактеризира со поголем број на хоспитализации, но помал број пациенти приклучени на апарати и смртни случаи во споредба со лани, пишува во соопштението од ЕОДИ.
Во однос на варијантите од крајот на пролетта, доминира BA.2.86 што носи една од мутациите F456L и R346T, а од Националната организација за јавно здравје на Грција посочуваат дека оваа категорија на мутации не е поврзана со зголемен ризик од тешка болест. /МИА