Најскапиот квадрат во Србија се продава во комплексот „Белград на вода“- 9.125 евра

Најскапиот стан продаден за 955.000 евра.

Во Србија според Републичкиот геодетски завод во вториот квартал годинава највисоки цени за станови се постигнати во Белград, каде што најскапиот квадрат е продаден по цена од 9.125 евра во комплексот „Белград на вода“, додека на истата локација најголема сума од 955.000 евра, издвоена е за стан со вкупна површина од 145 квадратни метри. Најскапата куќа е продадена во општина Савски Венац во Белград за 1,5 милиона евра, додека најскапото паркинг место е платено за 60.000 евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Вредноста на прометот со недвижности во Србија во вториот квартал годинава изнесува 1,8 милијарди евра и е за 8,2 отсто поголем во однос на вториот квартал од 2023 година, соопшти Републичкиот геодетски завод и констатира дека бројот на продажби на недвижности е зголемен за 0,6 отсто и изнесува 30.837.

Од 1,8 милијарди евра, 446,4 милиони евра доаѓаат од делумно регулираниот пазар.

Најголемо учество во вкупниот промет на недвижен имот зазема продажбата на станови, 979,5 милиони евра, со учество од 56 отсто од вкупната вредност во тргувањето.

За куќи се издвоени 150,2 милиони евра, што е девет отсто од вкупната вредност, за градежно земјиште 147,2 милиони евра, осум отсто од вкупната вредност, за деловен простор 77 милиони евра, четири отсто и за земјоделско земјиште 52,5 милиони евра или три отсто од вкупната вредност.

Што се однесува до начинот на плаќање, 10 отсто од сите истргувани недвижности се финансирани преку кредити, што претставува зголемување за три процентни поени во однос на претходната година.

Кредитните средства најмногу се искористени за купување станови, при што 23 отсто од сите купувања се остварени на овој начин, што е забележително зголемување во однос на истиот период лани кога тој процент изнесуваше 16,5.

Бројот на купопродажни договори во вториот квартал е значително зголемен во однос на истиот период лани во Нови Сад за 22,5 отсто, во Крагуевац за 22,9 отсто и во Ниш за 15,6 отсто, додека благо намалување од 1,1 отсто е забележано во Белград.

Во овој период за станови во Белград се издвоени 555,6 милиони евра.

Германија: Билансот од нападот на божиќниот пазар во Магдебург се искачи на пет загинати

Германија: Билансот од нападот на божиќниот пазар во Магдебург се искачи на пет загинати, над 200 повредени.

Бројот на загинати се искачи на пет, а повеќе од 200 се повредени кога автомобил вчера влета во толпа луѓе на божиќниот пазар во Магдебург, изјави Рајнер Хаселоф, премеир на сојузната германска покраина Саксонија-Анхалт.

Канцеларот Олаф Шолц, кој беше со него за да оддаде почит во источниот град Магдебург, изрази посебна загриженост за околу 40 тешко повредени лица и ја осуди „страшната катастрофа“.

Вучиќ: Младите од 20 до 35 години, дури и невработените, ќе можат да земат станбен кредит

 Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска објави мерка со која - секој над 20 години, дури и оние кои се невработени, ќе можат да добијат кредит за стан.

„Сакаме да ги направиме младите независни...порано да зависат од нивната работа“, рече Вучиќ во своето обраќање.

Тој додаде дека најголемиот товар ќе падне на Банка Поштанска штедионица, но во тоа мора да учествуваат и други банки.

Според него, вредноста на програмата е 400 милиони евра за 5.500 станбени единици.

Услов за подигање на кредит е да сте државјанин на Србија, на возраст од 20 до 35 години.

Тој изјави и дека сака таа старосна граница да биде укината, „но во овој момент тоа не е можно“.

Највисоката цена за метар квадратен за која државата ќе дава субвенции ќе биде 2.200 евра.

„Би сакале младите да можат да купуваат станови во блок 70 и блок 45, но цената на квадрат таму е меѓу 2.300 и 2.600 евра и затоа сакаме да ја покачиме на 2.500, 2.600 евра во Белград и 2.200 во Нови Сад“.

Тој рече и дека главен услов е станот да може да чини најмногу 100.000 евра, а минималното учество да биде еден процент. Кредитот ќе се доделува за период до 40 години, а последната исплата ќе се врши до 70-годишна возраст. Предвремената отплата на кредитот ќе биде без дополнителен надомест.

Во обраќање до јавноста рече дека таа мерка освен емотивна компонента да се дозволи детето на секој родител да остане во државата, има и рационални корени. Тој додаде дека државата подготвила програма за станбен кредит за млади што е најдобра во цела Европа и нагласи дека тоа не е социјална мерка, туку мерка за иднината на Србија.

Српскиот претседател најави дека програмата за станбен кредит за млади ќе почне да се спроведува најдоцна во првата половина на март, бидејќи се очекува законот да биде завршен во февруари, по што ќе биде доставен до парламентот.

Нови врнежи претежно од снег од понеделник и средина на работната недела

 Времето денеска ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, а преодно стабилизирање ќе има утре и потоа преку ноќта, соопштија од УХМР.

Од понеделник под влијание на циклонска активност и студен воздух од северозапад ќе започнат нови врнежи претежно од снег, во делови од Повардарието од дожд, особено во западниот дел и на исток каде што во понеделник врнежите ќе бидат пообилни ќе се зголеми и ќе се прошири и снежната покривка.

Снег ќе има понекаде и во пониските места.

Нови врнежи претежно од снег се очекуваат во средината на работната недела.

притисни ентер