Најплатени работи на светот – Проверете дали сте го одбрале вистинското занимање!

Можеби не е доцна да ја промените струката, нема да ви биде сеедно кога ќе го видите ова.

Се вели дека најважно е човек да донесе правилна одлука во два случаи – при избор на партнер и при избор на занимање. Доколку сте млади и сè уште размислувате на кој универзитет да се запишете, би можела да ви помогне листата на најплатени работни места во светот, составена од Универзитетот Нексфорд.

Некои од занимањата се сосема очекувани на ваква листа, а некои веројатно ќе ве изненадат.

1. Анестезиолог - 338.000 долари годишно

Во светот има релативно малку исклучителни стручњаци во областа на анестезиологијата и оваа професија се смета за една од најодговорните кога е медицината во прашање. Затоа, нивната заработка во светот е многу висока. Еден специјалист по анестезиологија во светот во просек заработува околу 338.000 долари, и затоа оваа позиција е убедлив „победник“ во категоријата најплатени професии на речиси сите портали кои се занимаваат со статистиката на заработка.

2. Кардиолог - 324.000 долари годишно

Болестите на кардиоваскуларниот систем одземаат стотици илјади животи секоја година. Во светот има релативно малку исклучителни експерти од оваа област на медицината (имајќи ги предвид реалните потреби), па нивните плати во светот се многу високи. Според статистичките податоци, специјалист по кардиохирургија во светот во просек заработува околу 324.000 долари.

3. Хирург - 297.000 долари годишно

Вршењето хируршки процедури е една од најсложените работи денес. Во нивни раце се животите на луѓето на кои судбината не им се насмевнала, а кои би дале сè на светот за да излезат здрави и живи од операционата сала.

Во Америка, исклучителните специјалисти од областа на хирургијата заработуваат нешто повеќе од 297.000 долари годишно, но за жал, во повеќето земји во светот оваа бројка е драстично помала.

4. Психијатар – 255.000 долари годишно

Грижата за менталното здравје денес е многу изразена, па добрите психијатри се едни од најбараните специјалисти. Тие играат клучна улога во превенцијата, дијагнозата и третманот на менталните болести, како и при советувањето во областа на психијатријата и психотерапијата. Со оглед на тоа колкава одговорност носи оваа професија, таа можеби е дури и недоволно платена - годишно овие експерти заработуваат околу 255.000 долари ширум светот.

5. Архитект за „Интернет на нештата“ - 131.000 долари годишно

Архитект за „Интернет на нештата“(Internet of things - IoT) е всушност професионалец во областа на креирањето на инфраструктурата која лежи во основата на комуникациските системи, за непречената обработка и контрола на податоците во рамките на тие системи.

Оваа позиција бара информатички вештини, а пожелно е и разбирање од компјутерско инженерство или некои поврзани дисциплини. Архитект на „Интернет на нештата“ може да заработи и до 131.000 долари годишно ако е добро позициониран на светскиот пазар и ако има големо работно искуство, покажуваат податоците од Универзитетот Нексфорд.

6. Извршен директор - 197.000 долари годишно

Позицијата извршен директор е сон за повеќето менаџери од средно ниво, но бара не само исклучително знаење, туку и извонредни лидерски вештини и способност за стратешко размислување.

Оние кои ќе успеат да ги надминат сите пречки во текот на кариерата и да се искачат на самиот врв на скалата, за тоа ќе бидат многу убаво „наградени“ - просечната годишна плата во големите компании варира околу 197.000 долари.

7. Виш софтверски инженер - 194.000 долари годишно

Вишиот софтверски инженер е професионалец со долгогодишно искуство во областа на програмирањето и развојот на софтверот. Во тимот тие најчесто се задолжени за проектирање, имплементирање и одржување на комплексни софтверски системи во согласност со специфичните потреби на компанијата, а на годишно ниво ваквите експерти во развиените земји заработуваат околу 194.000 долари.

8. Корпоративен правник - 149.000 долари годишно

Специјалистите од областа на корпоративното право денес се исклучително ценети, а доказ за тоа е просечната плата во светот која е околу 149.000 долари годишно. Овие експерти се специјализирани за давање правни совети за големите корпорации и нивно застапување пред судовите, а покрај познавањето на трговското право, тие мора да поседуваат и висок степен на критичко размислување и аналитички вештини.

9. Нафтен инженер - 130.000 долари годишно

Истражувањето, експлоатацијата и преработката на нафтата и нафтените деривати се многу вообичаени занимања денес, а покрај тоа, тие се доста добро платени.

Специјалистите во оваа област можат да заработат до 130.000 долари годишно, но ќе мора да работат напорно за тоа - таквите позиции често бараат службени патувања до недостапни делови од светот, често одвојување од семејството и работа во предизвикувачки климатски услови, како и знаење од областа на машинството, геологијата, хемијата и физиката.

10. Инвестициски банкар - 144.000 долари годишно

Инвестициското банкарство денес е еден од најпрофитабилните бизниси, а овие експерти играат клучна улога во креирањето на финансиската стратегија на компанијата, припојувањето, трговското посредување со други деловни субјекти и обезбедување консултантски услуги во областа на инвестирањето во акции и хартии од вредност. Годишните инвестициски банкари во светот заработуваат околу 144.000 долари.

Меѓу најплатените професии се и ветеринарите, стоматолозите и медицинските сестри, пренесува nexford.edu.

Мареска за поразот од Њукасл: Го загубивме натпреварот за 10 минути

Го загубивме натпреварот за 10 минути, остатокот од времето игравме добро.

Тренерот на Челзи, Енцо Мареска се осврна на елиминацијата на тимот од англискиот Лига куп.

„Сините“ од Лондон синоќа загубија од Њукасл со 2:0 во осминафиналето.

- По голот изгубивме контрола 10 минути, при што го примивме вториот гол. Потоа, во последните 10 минути од првото полувреме создадовме 2-3 добри шанси за гол, но, за жал, не ги реализиравме. Во вториот дел ја контролиравме играта. Знам дека главната работа е резултатот, но го загубивме натпреварот за 10 минути, а остатокот од времето игравме прилично добро, изјави Мареска за клупскиот сајт.

Противникот на Њукасл во четвртфиналето ќе биде одреден со жрепка.

Подготвен нов предлог-закон за учебници, јавноста може да дава сугестии

Министерството за образование и наука информира дека е изготвен нов предлог Закон за учебници во основното и средното образование и дека е  поставен на владиниот ЕНЕР-систем (Електронски национален регистер на прописи).

Со неговото донесување ќе биде заменет актуелниот закон од 2008 година.

-Сите заинтересирани граѓани може да дадат свој придонес во усвојувањето на најдобрата верзија што ќе биде проследена во собраниска процедура. Во предлог-законот се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници раководството на МОН и на Педагошката служба имаа конструктивна работна средба, соопшти МОН.

Оттаму посочуваат дека новиот закон треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки какви што имаше досега и да ја поедностави постапката за набавка, со цел учебниците да бидат навремено испорачани во училиштата.

ВМРО-ДПМНЕ: Постојат индиции за сторен милионски криминал од раководството на МЕПСО

Постојат индиции за сторен милионски криминал од раководството на МЕПСО назначено од СДС и ДУИ, ЈО да отвори предмет.

Јавното обвинителство да се одважи и да отвори предмет за да ги истражи наводите и сомнежите за сторен криминал во склучениот договор за јавна набавка од страна на МЕПСО.

Веќе два дена јавно, на прес конференции, изнесуваме факти кои покренуваат сомнежи дека раководството од СДС и ДУИ во МЕПСО, склучувало и менувало договори за нивните потреби со единствена цел испумпување пари од претпријатието.

Како што посочивме до сега, претпријатието Далековод АД од Загреб само можело да се јави на тендер и да го добие и дека истото немало потреба од албанската фирма Шанси Инвест, која најверојатно послужила како параван за испумпување на парите.

Тендерот на МЕПСО прво го доби хрватсаката фирма производител Далековод АД Загреб, при што македонското акционерско друштво претходно до добавувачите доставило модел договор и барало да биде прифатен, за на крај да дозволи измена и дополнување на договорот.

МЕПСО под раководство на лица од СДС и ДУИ направило промена на договор за набавка од 10 милиони евра, со цел фактурите да му ги доставува некоја тампон фирмата Шанси Инвест, а не директно производителот.

И сето ова може да се види во чл.9 од договорот каде што е дополнето дека доставувач на фактурите ќе биде Шанси Инвест од Албанија, а не Далековод АД Загреб, кој всушност е и производител на опремата. Дополнително, во договорот е наведено дека Шанси Инвест ќе биде доставувач на авансната и сите други фактури до МЕПСО.

Го повикуваме обвинителството да истражи зошто кога производителот Далековод АД Загреб, можел сам да се јави на тендерот тоа не го сторил и дали за тоа бил уценет и ако бил од кого?

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер