Над 100 загинати во експлозија на цистерна со гориво во Нигерија (ВИДЕО)

Најмалку 105 лица загинаа во северна Нигерија при експлозија на цистерна со гориво.

Експлозијата се случила во државата Џигава доцна вчера вечер по локално време, јавува Си-Ен-Ен.

Според медиумите, мештаните дошле да наполнат гориво кога се случила експлозијата.

„Возачот изгуби контрола и цистерната се преврте и го истури горивото во одводниот канал. Како резултат на тоа, жителите побрзаа да го соберат горивото кога се случи експлозијата“, рече портпаролот на полицијата на Џигава.

На социјалните мрежи се појавија видеа од експлозијата.

Се очекува бројот на жртвите да се зголеми бидејќи најмалку 50 лица се тешко повредени.

Речиси сто повредени во земјотресот со јачина од 5,9 степени во источна Турција (ВИДЕО)

Речиси 100 лица се повредени во денешниот земјотрес со јачина од 5,9 степени во источна Турција, јави турската телевизија НТВ.

Земјотресот бил регистриран во градот Кале, во округот Малатија, во 10:46 часот по локално време, соопшти турската владина управа за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10,07 километри.

Земјотресот бил почувствуван во многу окрузи во источна и централна Турција, како и во Сирија.

Следеа 77 последователни потреси, информира електронското издание на градот „Сјозџу“.

Гувернерот на покраината Елазиг, Нуман Хатипоглу изјави дека во областа се пријавени 94 ранети. Хатипоглу додаде дека е причинета голема материјална штета на две згради, јави НТВ.

Четири лица се повредени во областа Малатија, изјави валијата Седар Јавуз. Едно лице е повредено во округот Шанлиурфа.

Меѓу повредените во градот Кале, каде што бил епицентарот на земјотресот, има и бремена жена. Таа е примена во болница, а нејзината состојба е стабилна, јавија турските медиуми.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговарал со гувернерот на Малатија и градоначалникот на истоимениот град, јави НТВ.

Мобилните оператори кои работат во областа соопштија дека нема прекин во услугите што ги обезбедуваат.

Малатија е меѓу најтешко погодените окрузи од разорните земјотреси на 6 февруари минатата година со јачина од 7,6 и 7,7 степени, во кои загинаа над 53.000 луѓе.

Претставен е скафандер за патување на Месечината, дизајнер е позната италијанска модна куќа

Италијанската модна куќа „Прада“ и компанијата „Аксиом Спејс“од Хјустон го претставија дизајнот на вселенските одела, т.е. на вселенскиот костум што ќе се користи за мисијата на НАСА „Артемис 3“, т.е. за патување на Месечината.

Оделото, кое е познато како „Axiom Extravehicular Mobility Unit“ (AxEMU), беше претставено на Меѓународниот астронаутички конгрес во Милано, а неговиот дизајн е комбинација на висока функционалност и естетика, бидејќи е неопходно да се прилагоди на суровата услови на Месечината, објави Ројтерс.

Оделото е дизајнирано да ги издржи екстремните температури на јужниот пол на Месечината и да функционира во студени области најмалку два часа. Астронаутите ќе можат да вршат вселенски прошетки во времетраење до осум часа во овој костум.

- Многу сум горд на резултатот што го презентираме денеска. Ова е само првиот чекор во долгогодишната соработка со компанијата „Axiom space“ – изјави главниот маркетинг менаџер на модната куќа „Прада“ Лоренцо Бертели.

Мисијата Артемис 3, која е планирана како прво слетување на астронаути на Месечината од 1972 година, е закажано за 2026 година.

Мистериозна смрт на британска двојка, чии голи тела биле најдени во изнајмена куќа во Солун

Телата на една постара британска двојка се пронајдени во куќата, која со години ја изнајмувале во северна Грција, откако неколку дена не биле видени во јавноста.

Голите тела на маж (74) и неговата сопруга (72) се пронајдени во саботата околу пладне во предградието на Солун, објави „Дејлимејл“.

Сопственикот на куќата, која парот ја изнајмувал во последните девет години, ги пронашол телата и веднаш ја известил полицијата. Локалните медиуми објавија дека сопственикот дошол да ги посети бидејќи не ги видел два месеци.

Телата наводно биле во фаза на напредно распаѓање, но, според грчките медиуми, немало траги на криминални активности.

Се верува дека прв починал сопругот, бидејќи бил пронајден гол во соба со затворена врата, додека неговата сопруга била пронајдена како лежи со лицето надолу во друга соба, облечена само во долна облека.

Полицијата на приземјето пронашла и плик со пари за покривање на киријата за октомври. Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.

Соседите изјавија дека двојката не била видена со денови и дека сопствениците ги опишале како „осамени луѓе“. Според непотврдени информации, сопругот страдал од алкохолизам, додека сопругата се борела со психички проблеми. Соседите исто така рекоа дека парот често се расправал меѓу себе.

притисни ентер