МЗ: Шеесет и еден заразен со жолтица, меѓу нив ученици од основни и средни училишта

 Шеесет и едно лице во Скопје се заразиле со жолтица во изминатите три месеци. Меѓу заразените има ученици од пет основни и четири средни училишта во градот. 

Изворот на заразата не се училиштата. Жолтицата не е високозаразна болест, како што се морбилите и поради тоа нема простор за паника со оглед на тоа што со редовно применување на правилата за лична хигиена се спречува ширењето на болеста, информираат за МИА од Министерството за здравство и апелираат на редовна хигиена.

За секој појавен случај во кое било училиште, посочуваат од Министерството, епидемиолошка екипа врши санитарно хигиенски и епидемиолошки увид и препорачува против епидемиски мерки за превенција од ширење на болеста во училиштето кои вклучуваат: детално континуирано механичко чистење на објектот, зајакната дезинфекција посебно на санитарните јазли од страна на училиштето, како и вонредна дезинфекција од Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација од Центарот за јавно здравје Скопје, обезбедување течен сапун за раце, течен дезинфициен за раце во санитарните јазли, честа едукација на учениците за одржување на личната хигиена (миење раце), правилно користење на бришачите за подовите од страна на хигиеничарките и посебни бришачи за санитарните јазли.

Од Министерството наведуваат дека во исто време ученици со какви било симптоми на болест се ослободуваат од настава за да се спречи ширење на заразата.

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова во врска со тоа дали извршиле надзор во училиштата за МИА изјави дека од аспект на хигиено-санитетски мерки утврдиле дека има сапун, течен сапун и хартија…

– Ако се утврди дека нема течен сапун, хартија и дезинфекциски средства се дава решение и правните субјекти постапуваат по тоа решение. Меѓутоа, генерално речиси во сите училишта нема забелешки од тој аспект. Едно прашање е дали има сапун, а друго прашање е дали децата мијат раце, затоа што ова е болест на нечисти раце. Може да има сто килограми сапун, а ако децата не мијат раце залудно е, додаде Сотирова Бухова.

Вработените во фондот за здравство утре излегуваат на протест

Вработените во фондот за здравство утре повторно излегуваат на протест.

Целта како што велат е да го изразат незадоволството дека не добиле усогласување на платите со растот на минималецот. Дополнително, бараат да се донесе и вредносен бод, за да се зачуваат тие плати што ги имаат. Велат дека се разочарани од односот на управниот одбор на фондот, бидејќи членовите според нив, не сакале да изгласаат порамнување на платата.

На протестот според Деаноски ќе се бара и разрешување на управниот одбор кој обвинува дека е против барањата на вработените.

Доколку утрешниот протест на вработените во ФЗОМ не вроди со плод, синдикалците најавија штрајк од 1. Јуни. Инаку, ова не е првпат да има проблеми во Фондот за здравство. Во февруари, вработените два дена штрајкуваа поради најавата од Управниот одбор дека платите ќе им бидат намалени за 21 процент. Сепак, до такво нешто не дојде.

Предизборни калкулации околу составот на идната влада

Откако ги прозваа дека за да му се допаднат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се откажале и од условот за уставни измени, албанските опозиционери ги повторија нивните барања за  учество во новата влада. 

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Според Гаши, тие се обврзани да бидат дел од идната влада во која ќе водат важни институции од секторот за внатрешни работи. Со ВМРО-ДПМНЕ, вели, се уште не разговарале за темата уставни измени, но оти за тоа е потребен поширок консензус и дебата.

Позициите од кои не планираат да се откажат ги повтори и потпретседателот на ДУИ, Османи - усвојување на уставните измени, почитување на договорите како и ветинг, се условите за коалицирање на „интегративците“. На Мицкоски му одговори дека тој не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во новата влада туку народот, а скандирањето „УЧК“ од лидерот на ДУИ Ахмети на митинг среде Скопје, според Османи, е реакција на националистичката реторика од Мицкоски која ги иритирала Албанците.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митинг синоќа од Битола упати порака до Мала Речица, како што рече, да не праќаат емисари да го премислат, бидејќи партнерот за новата влада ќе го бара во албанската опозиција, а на ДУИ време и е за опозиција и одговорност.

Отворена врата за коалицирање Мицкоски остави и за движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски и во партиите со кои ќе споделуваат исти принципи и вредности и чии гласови ги очекува на контото на Силјановска Давкова во вториот круг од претседателските избори.

МФ-Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките

Министерството за финансии пред малку информираше дека комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледала извештајот за зголемените цени на осигурителните полиси за возилата. 

Од таму велат дека комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување. Пред Минситерството за финансии е Игор Манасиевски, целосниот извештај погледнете го во видеото.

притисни ентер