МОН објави конкурси за стипендии за постдипломски и докторски студии во државата

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи во државата за академската 2024-2025 година. 

Месечниот износ на стипендијата за постдипломски студии е 9.000 денари за девет месеци во годината. За докторски студии ќе се исплаќаат 18.000 денари месечно, во текот на целата година. Рокот за аплицирање е 1 ноември годинава.

Вкупно 50 стипендии за постдипломски и 20 стипендии за докторски студии ќе бидат доделени на македонски граѓани кои ќе се запишат на некоја од домашните високообразовни установи на програми од повеќе научни подрачја. Тоа се хуманистичките и општествените науки, а од природно-математичките науки - биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика. Од инженерство и технолошки науки - електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент.

Од оваа година за стипендиите за постдипломски студии ќе може да аплицираат и студенти кои имаат завршено прв циклус на студии во траење од три години, односно 180 ЕКТС.

- Новото раководство на Министерството за образование и наука го прифати барањето на студентските организации за отстранување на ова ограничување од изминатите години, се вели во соопштението.

МОН ги повика заинтересираните кандидати да аплицираат доколку ги исполнуваат условите. Потребните документи може да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во земјата) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

Најмалку 13 цивили загинаа во израелски воздушен напад врз училиште во Газа

Најмалку 13 цивили загинаа денеска во израелски воздушен напад врз училиште во кое се сместени раселени лица во населбата Ал Зејтун, јужно од градот Газа, јавуваат палестинските медиуми.

Се додава дека десетици цивили претрпеле различни повреди во нападот на училиштето Ал-Фалах во истата населба.

Израелската армија објави дека денеска извршила воздушен напад врз група оперативци на Хамас во командна просторија сместена во поранешно училиште во градот Газа, пишува Тајмс оф Израел.

Според соопштението на израелската армија, Хамас го користел училиштето Ал-Фалах во населбата Зејтун за планирање и извршување напади врз израелската армија и израелската територија.

Израелската војска го обвини Хамас дека „систематски“ користи цивилни локации за терористички акции.

Вучиќ: Гробот на Тито нема да го преместиме од Куќата на цвеќето

-Никогаш не сум бил љубител на комунистите и на комунистичкиот режим, но Јосип Броз е дел од нашата историја. Тој живеел овде, бил погребан тука и ќе остане дел од југословенската и српската историја, изјави Вучиќ во интервју за Политико.

Гробот на Јосип Броз Тито нема да биде преместен од Куќата на цвеќето во Белград бидејќи Тито е дел од југословенската и српската историја, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, реагирајќи на идејата на белградскиот градоначалник Александар Шапиќ, пренесе Политико.

-Никогаш не сум бил љубител на комунистите и на комунистичкиот режим, но Јосип Броз е дел од нашата историја. Тој живеел овде, бил погребан тука и ќе остане дел од југословенската и српската историја, изјави Вучиќ во интервју за Политико, отфрлајќи ја идејата на градоначалникот на Белград и неговите сопартијци од владејачката Српска напредна партија.

Првиот човек на Белград, избран по неодамнешните избори за кои опозицијата тврдеше дека се украдени, претходно оваа недела ја објави иницијативата за преместување на гробот на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито од Музејот на Југославија и гробовите на четворицата народни херои од Калемегдан, велејќи дека „еднаш засекогаш треба да се исчисти од болшевизмот и комунизмот“.

Државен натпревар по прва помош во Општина Ѓорче Петров

Денес во реонскиот парк во општината Ѓорче Петров и пред ТЦ „Кам мол“ Црвениот крст на РМ во соработка со општина Ѓорче Петров организираше важен настан кој промовира животоспасувачки вештини. 

На натпреварот уќествуваа 12 екипи од основни и средни училишта од различни градови , кои се натпреваруваа во прва помош. Овие активности имаат за цел да ја зголемат свеста за важноста од прва помош и да ги обучат младите во вештини кои можат да спасат животи.

На настанот присуствуваа генералниот секретар на Црвениот крст на РМ, Саит Саити, градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и заменик-министерот за образование, Лулзим Алиу.

Благодарност до граѓаните кои земаа учество на настанот, и се приклучија во поддршка на овие талентирани ученици и придонесоа за градење на познанства и вештини кои прават разлика во нашата заедница.

притисни ентер