Мојсов: Можеме да поминеме неколку кола во Конференциската лига

 Тренерот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов верува дека неговиот тим има квалитет да остане неколку кола на европската сцена.

Кавадарчани утревечер во Скопје ќе го пречекаат исландски Бреидаблик во 1. квалификациско коло во Лигата на Конференции.

- Се надевам дека ќе се гледаме ова лето уште неколку пати. Се подготвуваме за овој историски дуел за Тиквеш во Европа. Противникот добро го анализиравме и ако го испочитуваме тоа што се договаравме на тренинзите, тогаш можеме да поминеме во второто квалификациско коло. Ние како клуб и како град сме горди на тоа што градоначалникот Митко Јанчев стои зад нас. Имаме финансиска стабилност и на нас останува да се покажеме на теренот. Тиквеш го гледам во Европа, не само по пресметките со Бреидаблик, туку и по Дрита, изјави Мојсов.

Ќе биде задоволен од каква било победа, пред реваншот на гостински терен.

Натпреварот ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 20 часот и 30 минути.

До крајот на годината нема зголемување на платите во здравството и нов колективен договор

До крајот на годината невозможно е да има зголемување на платите на здравствените работници и потпишување на нов колективен договор како што бараат синдикатите, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. 

Таравари рече дека поради огромниот буџетски дефицит невозможно е да има зголемување на платите и дека ќе побара разбирање од синдикатите.

- Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратувње на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор, рече Таравари по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Пари за вработувања во здравството, како што рече, ќе има.

Сампаоли се извини што го нарече Дембеле аутистичен

Поранешниот селектор на Аргентина, Хорхе Сампаоли се извини за неговите коментари за францускиот напаѓач Усман Дембеле.

Сампаоли го критикуваше напаѓачот, велејќи: „Дембеле игра како аутистичен, сам го започнува и го завршува нападот.

-Сакам да бидам јасен: не ми беше намерата да се осврнам на аутизмот. Барам прошка од сите. Сакав само да зборувам за себичноста. Сега повеќе од кога било треба да бидете внимателни со зборовите што ги користите, рече Сампаоли, цитиран од Goal.

Францускиот тим на Евро 2024 се пласираше во полуфиналето, во кое загуби од Шпанија (1:2). Дембеле одигра пет натпревари на турнирот и не постигна ниту еден гол.

МОК ги претстави шесте македонски олимпијци кои ќе настапат на Игрите во Париз

Македонскиот олимписки комитет денес ги промовира македонските натпреварувачи кои ќе учествуваат на Олимпијадата во Париз.

Шефот на македонската делегација на Игрите во Париз, Владимир Богоевски на прес-конференцијата пред заминувањето на Олимпијадата кажа дека поради здравствени проблеми настапот мораше да го откаже пливачката Ива Петровска.

Така на ЛОИ 2024 ќе отпатуваат шест македонски спортисти:

Владимир Егоров, борење (до 57 кг слободен стил)

Никола Ѓуретановиќ, пливање (400 метри слободно)

Анастасија Мојсовска, стрелаштво (10 метри воздушна пушка)

Еди Шерифовски, џудо

Мила Релиќ, таеквондо

Дарио Ивановски, атлетика (маратон).

Македонското знаме на свеченото отворање ќе го носат Ивановски и Рељиќ.

Македонија свои претставници ќе има и помеѓу делителите на правдата. Во ракометот тоа ќе бидат Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, Иван Михајловски во триатлон и Анета Павловска во тенис.

Олимпијадата во Париз ќе се одржи од 26 јули до 11 август.

притисни ентер