Митева: Изградба на дата центар и дигитализација на најупотребуваните јавни услуги

 Изградба на дата центар и дигитализација на најупотребуваните јавни услуги, Буџетот за 2025 на Министерството за дигитална трансформација поголем за 200 проценти.

Вкупниот проектен буџет за информациски и комуникациски проекти на Министерството за дигитална трансформација за 2025 година е поголем за 200 проценти, споредено со претходните години - од 154 милиони денари во 2023, 182 милиони денари во 2024, на 365 милиони денари во 2025 година, информираше денеска портпаролот на Владата Марија Митева.

Нашата цел како Влада, нагласи Митева, е да го трансформираме македонското општество во дигитално општество.

- Дигиталната трансформација значи посилна поврзаност и подобра иднина за сите нас. Затоа за само неколку месеци по преземањето на власта предвидовме нови 80 електронски услуги, зголемена поврзаност на институциите и фокус на сајбер безбедноста. Преку овие проекти и вложувањето во дигитализацијата ја осигуруваме нашата позиција во дигиталниот свет, истакна Митева.

Во делот на поединечните проекти за 2025 година предвидена е изградба на современ примарен податочен дата центар во Скопје, каде сите органи на државната управа ќе ја ко-лоцираат својата опрема.

- Со ова државата ќе оствари значителни заштеди за ко-локациски услуги. Тоа значи вклучување на ладење, безбедносни системи, противпожарни системи, надзор и одржување на просториите, а од друга страна ќе овозможи забрзана дигитална трансформација, изјави Митева.

Очекувана вкупна сума на проектот, посочи Митева, е до 40 милиони евра, а со Буџетот за 2025 година предвидени се два милиони евра за изработка на физибилити студија и утврдување на локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.

Обезбедени се и 40 милиони денари во Буџетот и преку останати проектни фондови. Митева најави дека Владата ќе работи на дигитализација на најупотребуваните јавни услуги за граѓаните и компаниите – електронско испраќање барања и добивање на потребните документи преку компјутер или паметен телефон.

- Се дигитализира добивањето државјанство во МВР, услугите на Управата за водење на матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Катастарот. Тоа значи дека ќе обезбедиме повеќе од 200 нови услуги на порталот на uslugi.gov.mk, што ќе ја дуплира бројката на достапни услуги, изјави Митева.

Преку проектот во вредност од 60 милиони денари ќе се работи и на системско поврзување на институциите за споделување на документи. Засега само 20 институции користат заеднички систем за електронско работење, а со проектот тој број ќе се зголеми за најмалку 10.

Повик за учество во унапредување на содржината на учебниците од прво до трето одделение

Целта на повикот, кој МОН го објави на својата веб-страница, е подобрување на квалитетот на учебниците и исправка на технички и евентуални стручни грешки. 

Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Педагошката служба ги повикуваат сите наставници и целата стручна јавност да ги достават забележаните грешки во учебниците за основното образование од прво до трето одделение.

Целта на повикот, кој МОН го објави на својата веб-страница, е подобрување на квалитетот на учебниците и исправка на технички и евентуални стручни грешки. Во објавениот повик е достапен образец кој треба да се пополни.

-Забелешките се доставуваат со пополнување на образецот во кој треба да се наведе учебникот, наставниот предмет, авторот/авторите, одделението, наставниот јазик и увидената грешка, со страницата на којашто се наоѓа, се наведува во повикот.

Пополнетиот образец треба да се достави на електронските адреси: [email protected] и [email protected], најдоцна до 15 декември 2024.

Градоначалникот Ѓорѓиевски се дружеше со дечињата со церебрална парализа

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес се дружеше со дечињата со церебрална парализа во нивниот клуб во Расадник. Заедно поминаа неколку часа во кој сликаа, украсуваа глинени вазнички, предмети, а средбата ја надополнија и со песна и смеа.

- Денеска со големо задоволство поминав неколку незаборавни часови со дечињата со церебрална парализа во нивното катче за дружење, едукација и социјализација во Расадник. Заедно сликавме, украсувавме, а овој ден го збогативме со песна, смеа и искрени насмевки.

Ова катче, кое постои веќе трета година, претставува мал, но значаен простор каде што децата со церебрална парализа можат да се изразат, да создаваат и да се чувствуваат прифатени. Лицата со попреченост се рамноправни членови на нашето општество, а ние имаме обврска да создадеме услови каде што секој поединец ќе може да го достигне својот потенцијал. Само преку заеднички напори можеме да изградиме општина и заедница во која секој ќе има еднакви можности и право на среќа и успех.

Денеска од овие прекрасни дечиња добив бесценети моменти на инспирација и сила. Им благодарам и на нив и на нивните семејства за гостопримството и за тоа што ни покажуваат колку е важна човечката топлина и емпатијата. Заедно ќе продолжиме да работиме за општество без бариери и заедница која инспирира-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Катчето за дружење, едукација и социјализација деца заболени од церебрална парализа во Расадник функционира веќе трета година. За овој простор и за тековните трошоци, средствата ги обезбедува лично градоначалникот и неговиот кабинет.

Општина Кисела Вода

МТФ со промотивно видео: „Триатлонот ги инспирира девојките и жените на сите нивоа“

Македонската триатлон федерација го претстави своето ново инспиративно видео, кое ја истакнува важноста и улогата на жените во триатлонот – од спортистки и судијки до тренерки и раководни фигури.

-Ова видео ја слави нивната сила, истрајност, посветеност и лидерство, со цел да ги мотивира поголем број на девојки и жени да станат дел од триатлонската заедница.

Триатлонот е уникатен предизвик кој бара физичка издржливост и ментална сила, но истовремено нуди и извонредна можност за личен раст и постигнување.

Триатлонот е повеќе од спорт – тој е простор за развој, лидерство и инспирација. Со ова видео, сакаме да ги охрабриме девојките и жените да ја препознаат својата моќ и да станат активен дел од нашата заедница, велат од Македонската триатлон федерација.

Федерацијата, исто така, истакнува дека жените и девојките се значително помалку застапени од мажите, што е дополнителна причина да им се даде заслужениот медиумски простор и да се поддржи нивната видливост и учество.

притисни ентер