Миовски двоен стрелец за Жирона во триумфот над Екстрамадура

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Бојан Миовски постигна два гола во синоќешната гостинска победа (4:0) на Жирона над Екстремадура.

Ова беше натпревар од 1. коло од Купот на Шпанија.

Македонецот погоди во 58. и 62. минута.

Од фаворитите, синоќа пласман во следното коло обезбедија и: Селта, Алмерија и Севилја.

Кремљ одби да коментира дали Русија и помогнала на Северна Кореја во развојот на ракети

Кремљ одби да коментира дали Русија и помогнала на Северна Кореја во развојот на ракетната технологија.

Кремљ одби да коментира дали Русија и помогнала на Северна Кореја да развие ракетна технологија, нарекувајќи го ова прашање специјализирано и дека за него е подобро да биде прашано Министерството за одбрана, јавија британските медиуми.

Северна Кореја соопшти дека денеска тестирала интерконтинентална балистичка ракета, со што го надградила како што го нарече „најмоќното стратешко оружје во светот“. Тестот доаѓа во време кога Сеул предупредува дека Пјонгјанг може да добие ракетна технологија од Русија во замена за помошта во војната во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува посветена на билатералниот договор за стратешка соработка што го има со Северна Кореја.

Кремљ, исто така, соопшти дека украинското раководство е видливо нервозно заради напредокот на Русија на линијата на фронтот, штом Киев побара од САД да обезбедат ракети Томахавк со дострел од 2.500 километри, што е многу повеќе од секоја ракета што Украина ја има во својот арсенал, забележуваат британските медиуми.

Мелони добила смртни закани заради договорот за мигранти со Албанија

 Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека добила смртни закани од трговци со луѓе поради договорот за мигранти со Албанија, јавија денеска италијанските медиуми.

Мелони вчеравечер за телевизијата Раи1 изјави дека останува посветена на договорот со Албанија, бидејќи тоа е „ефикасно решение за управување со мигрантските текови“.

-Првите смртни закани пристигнаа затоа што потпишав протокол за соработка со Албанија за имиграцијата. Ќе направам се оваа соработка да донесе опипливи резултати, рече Мелони.

Целта на италијанската Влада, според неа, е центрите за мигранти во Албанија да функционираат на начин што го почитува меѓународното право, но предупреди дека центрите ќе „создадат сериозни проблеми“ за трговците со луѓе кои и се заканувале со смрт.

Како што наведе, одлуката на судот во Болоња да побара од судот на ЕУ да го поништи декретот на римската влада за безбедни земји за мигрантите „повеќе личи на пропаганден памфлет отколку на судски документ“. Таа заклучи дека овие напади и противењето на опозицијата во Брисел се „агресивна реакција“ на тоа што, како што наведе, функционирањето на стратегијата на италијанската Влада.

Мелони додаде дека и покрај противењето, пристигнувањата се намалени за 60 отсто, додека репатријацијата е зголемена за 30 отсто. Откако првата група мигранти беше префрлена од Италија во миграциските центри во Албанија, опфатени со договорот Рим-Тирана, со одлука на судот во Рим тие беа вратени во Италија.

Гаши: За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја

За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја, за да имаме јасна перцепција.

Собранието во однос на процедурата е подготвено во секое време да ги отпочне уставните измени, но за да се отпочне тој процес треба политичка волја и договор за да имаме јасна перцепција, за да не почнеме нешто што нема да успее, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

- Во однос на Собранието, службите и процедурата ние сме подготвени. Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побрзо затоа што мислам дека е од стратешко значење и важно да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ, рече Гаши.

Во однос на оценката за Собранието во Извештајот на Европската комисија, според Гаши, таа е позитивна односно има мал напредок. Гаши рече дека во неговиот мандат нема злоупотреба на европското знаменце за носење на закони, како и дека големиот број на закони по скратена постапка се всушност усогласувања со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

- Вчера од страна на амбасадорот на Европската унија, свечено во нашето Собрание пристигна Извештајот на Европската комисија. Во делот на Собранието можам да ви кажам дека вкупно оценката е позитивна. Има мал напредок. Наредната година ќе направиме се преку реформската агенда и преку сите препораки кои се дадени во Извештајот да ги имплементираме што побргу за следната година не само извештајот да биде позитивен туку тоа го правиме најмногу заради нас, да имаме пофункционално и потранспарентно Собрание и да бидат задоволни и пратениците и граѓаните од работата на Собранието, рече Гаши.

Се нотира, како што кажа, дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме, но дека се повторуваат скратените постапки.

- За жал, на почетокот на овој наш мандат заради новиот Закон за управа и работа на Владата повеќето од законите кои ни дојдоа во скратена постапка беа заради усогласување на имиња на институции и министерства. Затоа на почеток да имаме разбирање малку, но правам максимални напори со сите пратенички партии и пратеници, но и со Владата и со министрите, да ги убедиме да не предлагаат носење на закони по скратена постапка затоа што нема смисла и во насока на временските рокови, рече Гаши.

Нагласи дека Собранието закажува многу често седници, има предвидливост на седниците, така што дали три-четири дена порано или подоцна не се добива многу во време. - Ги убедуваме министрите повеќето или сите закони да ги предлагаат во редовна постапка затоа што мислам дека е добро и за нив, и за пратениците и за граѓаните и за заинтересираните страни за законите што ги носиме, рече Гаши во изјава за медиумите по брифингот.

Претседателот на Собранието рече дека нема информација од Владата кога ќе дојде Предлог-буџетот за 2025 година на дневен ред.

притисни ентер