Мидлтон ќе го пропушти стартот на новата сезона во НБА

Крис Мидлтон се уште не е подготвен за игра. Еден од најдобрите кошаркари на Милвоки бакс ќе го пропушти стартот на новата сезона во НБА-лигата.

Триесет и тригодишниот напаѓач продолжува да закрепнува од операцијата на скочниот зглоб. Мидлтон допрва треба да ги започне тимските тренинзи.

Мидлтон имаше просек од 24,7 поени, 9,2 скока и 4,7 асистенции во поразот во првото коло од плејофот 2023/24 и стана единствениот лидер на тимот кој ги одиграл сите шест натпревари.

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. 

Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозицискиот СДСМ.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

По амадманската расправа како Дополнет предлог буџет се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година.

Слот израмни рекорд во Премиер лигата

Ливерпул го победи Саутемптон со 3:2 на гостински терен во вчерашниот натпревар од 12. коло на Англиското фудбалско првенство.

Тимот предводен од тренерот Арне Слот освои 10 победи во првите 12 натпревари од сезоната. Слот го повтори постигнувањето на Гус Хидинк и Карло Анчелоти кои во различни периоди беа на чело на Челзи. Ова е рекорд за Премиер лигата.

Ливерпул останува лидер во поредокот со 31 бод. Водството на тимот од Мерсисајд пред Манчестер сити, кој го зазема второто место, се зголеми на осум бода.

Токму Ливерпул и Манчестер сити ќе се сретнат во следното, 13 коло, на 1 декември во 17 часот на „Енфилд“.

Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово

 Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа гостуваше на британскиот јавен сервис Би-Би-Си каде изјави дека цел на државата е да стане полноправна членка на Европската унија и дека никогаш не го признале Косово.

-Нашата цел е Србија да стане полноправна членка на ЕУ, но да ги има нашите традиционални пријатели и партнери на исток... На патот кон Европа не можете да постигнете ништо без мир и стабилност.

Тој потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп го прашал дали има проблеми со Кинезите, а тој одговорил дека нема.

Во врска со Косово Вучиќ изјави:

- Никогаш не сме го признале Косово. Никогаш не било кажано, никогаш не било напишано. Се трудиме да живееме во мир.

На прашањето за резолуцијата за Сребреница, Вучиќ потсети дека бил нападнат за време на неговата посета на тој град и дека 109 земји од светот во Генералното собрание на ОН го делат мислењето на Србија за тоа дали станува збор за геноцид.

- Секогаш бев подготвен да признаам дека масакрот во Сребреница беше страшен... Секогаш сум подготвен да им оддадам почит на жртвите, но не сум подготвен да зборувам на тој начин и да поставувам нови политички прашања и нови политички проблеми - изјави Александар Вучиќ.

- Никој не негира што се случи во Сребреница. Верувам во помирување во регионот, но не верувам во таков наратив што ќе донесе повеќе конфликти, рече Вучиќ.

За прашањето за „големосрпската идеологија“, Вучиќ вели дека тоа е измислена приказна од луѓе кои сакаат да и нанесат штета на Србија.

- Зарем не е малку лицемерно во целиот свет да се обединуваат народи кои имаат ист јазик и ист идентитет, а за тоа се обвинува Србија... Србија има свои граници според уставот и резолуциите. Ништо повеќе не ни треба“.

Тој укажа на фактот дека западните земји земаат повеќе нафта и гас од Србија, иако и воведоа санкции.

-Седиме само на српското столче. Многу сум горд на тоа. Тоа значи дека ние самите одлучуваме – рече претседателот на Србија и додаде дека ставот на Србија е принципиелен.

притисни ентер