Европската Унија нема да биде целосна без земјите од западен Балкан – ова е пораката која беше упатена на десеттата годишнина од почетокот на Берлинскиот процес, германскиот канцелар Олаф Шолц очекува земјите од Западниот Балкан да го забрзаат својот пат кон полноправно членство. Европската Унија како што кажа тој, нема да биде целосна без земјите од западен Балкан. Дека проширувањето се уште е високо на агендата во Брисел, порача и претседателката на ЕК Урсула фон Дер Лајен. Уверува дека процесот ќе продолжи да биде според заслуги, но и дека владеењето на правото и економската интеграција се главните предуслови за напредокот на земјите.
-Тоа е духот на Берлинскиот процес, да се промовира заедничкиот раст на регион кој поврзува многу повеќе отколку што дели. Дами и господа, се навраќаме на десет години од Берлинскиот процес, а со тоа и на една успешна приказна. Јас сум одлучен сум да продолжиме со оваа голема посветеност, и се надевам дека нема да бидат потребни уште десет години додека сите шест земји не станат членки на ЕУ. - Олаф Шолц – Канцелар на Германија
-Кога гледаме кон иднината, гледаме во иднина каде сите шест партнери од западен Балкан се дел од ЕУ. За да стигнеме таму, верувам дека мораме да гледаме на лекциите од проширувањето во 2004 година. Првиот предуслов е усогласување со нашите основни европски вредности, почитување на демократијата и владеење на правото, а вториот е рана економска интеграција.- Урсула фон Дер Лајен – Претседателка на ЕК
Македонија во Берлин е претставувана од премиерот Мицкоски кој на маргините на состанокот има низа билатерални средби, вклучително и со канцеларот Шолц. Претходно во текот на денот Мицкоски имал и средба со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетртис. На Самитот традиционално учествуваат шесте држави од западен Балкан, нивните земји поддржувачи, Франција, италија, Хрватска, Словенија, Велика Британија и Полска, а од пред неколку години и Грција и Бугарија, како и ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, а тоа годинава е Унгарија.