Мицкоски: Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите

Балканот помина тежок период на предизвици кои покажаа дека единствено соработката носи подобар живот, опструкциите треба да останат во минатото и од нив да се извлечат поуки.

Балканот помина тежок период на предизвици кои покажаа дека единствено соработката носи подобар живот, опструкциите треба да останат во минатото и од нив да се извлечат поуки, посочил премиерот Христијан Мицкоски на средба со американски сенатори и претседателите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ. На третиот ден од постета на САД од владата информираат дека македонскиот владин тим одржал низа состаноци на маргините на самитот во Вашингтон кадешто разговарале и за важноста на економската соработка и борбата со корупцијата.

„ Блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните. Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена. “-Христијан Мицкоски - премиер на Македонија.

Покрај владината, на НАТО самитот е и собраниската делегација предводена од спикерот Африм Гаши. Во изјава за Гласот на Америка околу спроведувањето на Преспанскиот договор рече дека со самата заклетва на премиерот и министрите со придавката „северна“ тоа прашање било затворено. Уставните измени пак Гаши смета дека се обврска која треба да се оствари, но како што вели, тогаш кога ќе дојде време.

„Нема некоја промена на ставот на нашите партнери. САД остануваат наш силен стратешки партнер. Наша обврска и наш предизвик е да ги оствариме тие уставни измени, но нормално кога ќе дојде време. И, тоа под услови под кој ќе се загарантира идентитетот, културниот, етничкиот и јазичен идентитет на Македонците првенствено, но и на сите граѓани на државата“.-Африм Гаши – претседател на Собрание.

Се уште останува неизвесно дали Вашингтон ќе биде локацијата кадешто премиерите Мицкоски и Мицотакис за првпат ќе ги соочат аргументите на директна средба. Засега од двете влади велат дека на нивните агенди нема таков план, но не ја исклучуваат можноста тоа да се случи на маргините деновиве додека трае самитот.

Кремљ ги нарече „неосновани“ тврдењата дека Иран и испорачувал оружје на Русија

 Кремљ денеска ги отфрли извештаите дека Иран и испорачувал ракети на Русија, велејќи дека тврдењата за различни трансфери на оружје се неосновани.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и најверојатно ќе ги употреби во Украина во рок од неколку недели, предупредувајќи дека соработката меѓу Москва и Техеран ја загрозува европската безбедност.

Техеран ги нарече тврдењата на САД „грда пропаганда“.

Кремљ денеска укажа и дека не му се допаѓа начинот на кој името на Владимир Путин се користеше во дебатата меѓу Камала Харис и Доналд Трамп и ги повика да престанат да го вовлекуваат во нивната политичка борба.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, зборуваше една недела откако лидерот на Кремљ во зајадлив коментар рече дека ја претпочита Харис наместо Трамп, по што Белата куќа нагласи дека Путин треба да престане да ги коментира претстојните избори во ноември.

Песков им рече на новинарите дека Кремљ не ја следел дебатата во вторникот вечерта, но ги следел вестите за неа.

- Секако, забележавме дека и двајцата кандидати го спомнаа нашиот претседател, ја споменаа нашата земја. Се разбира, ставот е сосема јасен – САД во целина, без разлика од која партија е кандидатот, задржуваат негативен став, непријателски однос кон нашата земја, рече тој.

- Името на Путин се користи како еден од инструментите во внатрешната политичка борба во САД. Навистина, навистина не ни се допаѓа тоа и се надеваме дека ќе го остават името на нашиот претседател на мир, рече тој.

Дисциплинска постапка против шест полициски службеници во случајот „Долно Блаце“

Против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот кога делегацијата предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши помина на граничниот премин Блаце.  

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) при МВР го расчисти случајот од 17 август 2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја 10 од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја 10 од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С., се наведува во соопштението од МВР.

Констатирано е дека, откако делегацијата, во која се наоѓал претседателот на Собранието, ја поминала државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за излез бр. 1, по неа поминале шест цивилни возила, кои во меѓупросторот на граничните премини, се приклучиле на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата. Во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата биле затворени, при што во тој период од страна на Н.Б. (полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието) и Б.А. (полициски службеник од ПС за ГП Долно Блаце), било извлечено возило кое било заглавено во лентата за третиот излез и истото било насочено кон првиот излез и дека возилото ја поминало граничната линија без да се изврши контрола на патниците и возилото.

- Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница. Со наведените дејствија Н.Б. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР. Исто така и Б.А. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР, се наведува во соопштението.

Во однос на утврдувањето на неправилности, во конкретниот настан наместо, како што се наведува во соопштението, да бидат преземени соодветни мерки од страна на главниот инспектор М.С. во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки.

- Со наведените дејствија М.С. сторила потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Исто така, Н.Р., началник на РЦ за ГР Север сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Согласно описот и пописот на работните места, началникот на РЦ за ГР покрај другото, раководи, планира, ја организира и контролира работата на Регионалниот центар, се наведува во соопштението.

Од МВР посочуваат дека патните исправи на претседателот на Собранието и членовите на неговото семејство, како и другите припадници на МВР кои требало да патуваат во странство, биле навремено доставени до раководителот на смена А.Б. заради соодветно евидентирање, но тоа не е сторено, односно лицата не се евидентирани.

-Согласно описот и пописот на работни места, меѓу другото, раководителот на смена во Регионален центар за гранични работи, ја организира работата на службите по време и место, ги одредува приоритетите во работењето, се грижи за вршењето на квалитетна пасошка и друг вид контрола, врши контрола во работењето на полициските службеници и дежурната служба во полициската станица и непосредно е одговорен за нивната работа, координира и учествува во извршувањето на мерките и задачите кои се однесуваат на оперативното работење. Во конкретниот случај А.Б. постапил спротивно на чл. 8 (на граничниот премин, сите сервисни информации и секоја друга особено важна информација се регистрираат рачно или електронски во дневникот за настани) с.2 (Информацијата од став 1 на овој член ги содржи следните податоци) т.2 (секое пропуштање во режимот на гранични проверки) од Правилникот за начинот на извршување на граничните проверки и граничен надзор со што сторил потешка повреда на работниот ред и дисциплина утврдена со член 187 став 1 алинеја 3 и 10 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 10 од Колективниот договор на МВР, се наведува во соопштението.

За Б.С., како што посочуваат од МВР, е утврдено дека тој, како одговорен за обезбедување во планот за зајакнати мерки и активности од втор степен по повод делегација предводена од претседателот на Собранието, согласно планот, кој тој го изготвил и од истиот има обврска да презема мерки, не е на работа и не бил предвиден да биде на работа за време на поминувањето на делегацијата, при што од самото тоа произлегува дека планот е изготвен површно и несовесно.

- Со наведените дејствија сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР, се додава во соопштението.

Стојкоски: О.Ѓорче Петров аплицираше за нови проекти вредни 119 милиони денари

Општина Ѓорче Петров денеска поднесе неколку значајни инфраструктурни проекти до Министерството за локална самоуправа, со вкупна вредност од 119 милиони денари. 

Овие проекти имаат за цел значително да го подобрат квалитетот на живот во општината и да обезбедат модерна и функционална инфраструктура.

„Конечно, имаме силен и посветен партнер за соработка. Со поддршката на Владата, сигурен сум дека ќе постигнеме историски успеси,“ изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров - Александар Стојкоски.

Проектите од суштинско значење за жителите на Ѓорче Петров вклучуваат:

Изградба на нова детска градинка во Дексион

Изградба на локален пат Волково-Орман

Пробивање на улицата „Социјалистичка Зора“ со Сремски Фронт

Реконструкција на патот до училиштето во село Кучково

Реконструкција на улицата „Николај Островски“

Реконструкција на улиците „Вера Циривири“ и „Никола Вукмировиќ“

„Нашата визија за Ѓорче Петров е визија на амбиција, напредок и благосостојба. Секој од овие проекти е чекор напред кон подобра иднина,“ додаде Стојкоски.

Општината се стреми кон:

Реализација на капитални проекти

Обезбедување модерна и функционална инфраструктура

Подобрување на јавните услуги

Развој на зелени површини и паркови

Поддршка за образованието, детската заштита, културата и спортот

„Владината поддршка е клучна за успехот на овие проекти. Веруваме дека премиерот Христијан Мицкоски и неговиот тим ќе го препознаат нашиот ентузијазам,“ додаде градоначалникот.

Тој изрази благодарност до сите жители за нивната доверба и поддршка, истакнувајќи дека заеднички ќе изградат подобра иднина за идните генерации. „Со нетрпение ги очекуваме резултатите што ќе го трансформираат Ѓорче Петров во уште подобро место за живеење," заклучи тој.

притисни ентер