Месец на машко здравје – карциномот на простата втора причина за смртност кај мажите

Карциномот на простата е втора причина за смртност кај мажите... 

Скрининг, навремена посета на уролог и да не се молчи за проблемите – ова се препораките што лекарите и психолозите ги упатуваат по повод месецот на машкото здравје. Претседателот на македонското здружение по урологија Скендер Саиди вели дека свеста на граѓаните за редовни прегледи и превенција е зголемена, а во Македонија нивото на дијагностицирање е на задоволително ниво. Според него, најчестите уролошки проблеми на мажите покрај карцином на простатата, се и бубрежните камења.

„ Свеста е да ви кажам во последните 10 години е задоволителна, пред 25,30 години на пример пациентите одбиваа и дигиторектален прелед, што е едноставен преглед, но сега во амбуланта има многу ретко пациент што нема да прифати ваков преглед И дијагностиката и третманот на овие карциноми е задоволителен земено на светско ниво, само што последните 30-40 години светската урологија има еден тренд на забрзан раст, што ќе треба и ние да ги следиме е сега тоа не зависи само од нас зависи и од системот. “

Инаку, ноември традиционално е месец посветен на машкото здравје, кога глобално се спроведува и кампањата наречена Мовембер. Иницијативата започна пред 20тина години, а нејзина цел е да се привлече вниманието на пошироката јавност со порака мажите да се грижат за своето ментално здравје и редовно да одат на прегледи.

„ Симболиката на Мовембер се мустаките и сите оние кои сакаат да ја поддржат оваа кампања, односно сите мажи кои што сакаат да ја поддржат оваа кампања треба да ги остават мустаќите да им пораснат овој месец односно да не ги бричат и со тоа што ќе направат таква промена на својот изглед ќе поттикнат поставување на повеќе прашања, а со тоа ќе се поттикне и разговорот за сите овие теми односно крајната цел е да се подигне свеста на мажите за нивното здравје ментално и физичко.“

Македонското здружение по урологија во чест на месецот на машкото здравје и со цел промоција на здрав живот и навики организираше планинарски марш каде повеќе граѓани, активисти, лекари, специјализанти пешачеа до средно Водно. Во текот на овој месец тие најавија и други активности како спортски турнири и подготовка на промотивни материјали за заштита на машкото физичко и ментално здравје кои ќе се делат низ болниците во државата.

Утрово минус 10 степени се измерени во Берово, „најтопло“ во Гевгелија со 1 степен

Во текот на ноќта и изутринава преовладуваше ведро и многу студено време.

Дуваше слаб до умерен ветер од северен и северозападен правец. Најниска температура од -10 степени Целзиусови е измерена во Берово, а најтопло беше во Гевгелија каде е измерен 1 степен Целзиусов.

На Попова Шапка е измерена температура од -8 степени Целзиусови, -7 во Крива Паланка, Битола и Маврови Анови, -6 во Скопје-Петровец, Крушево, Тетово, и Прилеп, -5 во Велес, Демир Капија, Охрид и Претор, -4 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Струмица, Виница и Куманово, а -3 степени Целзиусови во Кавадарци.

Според извештајот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во изминатите 24 часа дожд врнело во Битола, Маврови Анови, Крушево и Тополчани, но секаде наврнатиот воден талог е понизок од еден литар на квадратен метар.

Од УХМР најавуваат дека времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Максималната температура ќе достигне до 8 степени Целзиусови.

Бајден го нарече „историски“ договорот постигнат на КОП29

Американскиот претседател Џо Бајден го нарече „историски“ договорот за финансирање на сиромашните земји во борбата против климатските промени, постигнат на конференцијата на ОН за климата (КОП29) во Азербејџан, јави ДПА.

„Никој не може да го запре преминот кон чиста енергија која моментално се одвива во САД“, рече Бајден.

Во соопштението на американскиот претседател, објавено денеска, се вели дека договорот постигнат во Баку поставува амбициозна цел во сферата на финансирање на борбата против климатските промени.

Бајден истакна дека договорот ќе помогне да се мобилизираат финансиите на различни нивоа и да се создаде пазар за американските електрични автомобили и други производи.

Алудирајќи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој вети дека ќе го зголеми производството на нафта откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, Бајден рече дека „додека некои се обидуваат да ја негираат или да ја забават револуцијата на чиста енергија што се случува во Америка и во светот, никој не може да ја спречи“.

На конференцијата на ОН за климатски промени (КОП29) во Азербејџан, која заврчи рано изутринава учесниците постигнаа договор за обезбедување 300 милијарди долари годишно за посиромашните земји за да им се помогне во справувањето со климатските промени.

Покрај ветувањето од 300 милијарди долари, нациите се согласија дека се потребни 1,3 трилиони долари до 2035 година за да се помогне и во спречување на климатските промени.

СДСМ ќе го одржи 30-тиот конгрес, се очекува избор на највисоките тела на партијата

СДСМ денеска ќе го одржи 30. Конгрес, каде се очекува да биде избрано новото раководство на партијата, односно новите членови на највисоките тела, како и на Централниот и Надзорниот одбор.

Портпаролката на партијата Богданка Кузеска вчера информираше дека конгресот ќе има отворен и работен дел, а ќе се разговара за идните политики на партијата.

Според најавата, прво ќе биде отворениот дел од конгресот на кој ќе се обрати претседателот на партијата, Венко Филипче.

Конгресот треба да започне во 13 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

притисни ентер