Мареска по победата од 8:0: Не беше се така едноставно

Менаџерот на Челси, Енцо Мареска по импресивната победа од 8:0 над тимот на Ноа во третото коло од Конференциската лига изјави дека овој натпревар не бил едноставен, бидејќи сите очекувале победа.

-На овој натпревар не беше се така едноставно бидејќи сите очекуваа да победиме, но моравме да пристапиме професионално и сериозно. Најважно е што играчите ја покажаа својата сериозност и професионалност. Навистина сум импресиониран, особено што се трудиме да го менуваме составот од натпревар по натпревар. Имаме добри играчи и сакаме тие да добијат минутажа во Премиер лигата, но сакаме да одиме во вистинската насока и најважно е да продолжиме во истиот дух. Имаме уште еден натпревар пред паузата и потоа некои играчи ќе можат да се одморат, изјави Мареска по дуелот.

Тимот од Лондон води во рангирањето со предност од 9 бода.

Варшава: Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри

Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри низ Европа.

Полските обвинители денеска соопштија дека руски разузнавачки служби најверојатно стојат зад серијата пакети што експлодираа во јули во курирски центри низ Европа, посочувајќи ја Москва како главен осомничен во случајот што можеше да предизвика авионска несреќа.

Западни дипломати претходно изјавија дека Русија се обидува да ги дестабилизира украинските сојузници преку саботажа.

Експлозиите во курирските центри во Велика Британија, Германија и Полска во јули, според властите, имаа потенцијал сериозно да ескалираат и да предизвикаат експлозија во авион.

Безбедносни функционери изјавија дека пакетите биле дел од планот чија крајна цел била да предизвикаат експлозии на товарни летови кон САД и Канада.

- Доказите собрани во овој случај укажуваат на голема веројатност овие саботажи да се нарачани од руски специјални служби, рече портпаролот на полското обвинителство, Пжемислав Новак во соопштение.

Руската амбасада во Варшава не одговори веднаш на барање за коментар, а претходно негираше каква било вмешаност.

Новак додаде дека полските власти трагаат по двајца Руси и оти во рамките на истрагата привеле четворица Украинци. Во октомври полските обвинители соопштија дека уапсиле четири лица и оти трагаат по уште две, но не ја открија националноста на осомничените. Обвинителството во октомври соопшти дека ја истражува улогата на „странските разузнавачки служби“, без експлицитно да ја именува Русија.

- Спроведуваме активности за идентификување на преостанатите лица вклучени во оваа меѓународна група, рече Новак во соопштение испратено денеска до медиумите. Според него, пакетите можеле да бидат испратени од главниот град на Литванија, Вилнус.

„Фолксваген“ повлече над 114.000 возила во САД

Според наводите, воздушните перничиња на страната на возачот би можеле да експлодираат поради долготрајна влажност и високи температури и да ја загрозат неговата безбедност.

Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ повлече 114.478 возила во САД поради проблеми со воздушните перничиња, коишто, под одредени околности би можеле да претставуваат опасност за возачите, соопшти американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според наводите, воздушните перничиња на страната на возачот би можеле да експлодираат поради долготрајна влажност и високи температури и да ја загрозат неговата безбедност.

Повлечени се некои возила „Пасат“ произведени од 2012 до 2014 година, „Пасат“ седаните од 2006. и 2007., „Пасат вагоните“ од 2017. и некои познати модернизирани „Буби“ произведени меѓу 2017. и 2018 година, се додава во соопштението.

Сите купувачи на возила со потенцијално небезбедни воздушни перничиња ќе бидат известени до 27 декември, а компанијата ќе им дозволи бесплатно да го заменат воздушното перниче во салон на „Фолксваген“.

Мајмуни избегаа од лабораторија во Јужна Каролина, надлежните велат: „Заклучете ги домовите“

Полицијата ги повика жителите да ги заклучат своите домови и во никој случај да не им се приближуваат на белите мајмуни.

Полицискиот оддел во градот Џемасаи, Јужна Каролина, кој има 2.000 жители, на Фејсбук објави дека младите женски макаки резус избегале во средата.

Според нив, полицијата се вклучила во потрагата по избеганите мајмуни заедно со вработените во истражувачкиот центар Алфа Генезис.

Сепак, тие не објаснија како мајмуните избегале од лабораторијата.

Поставени се стапици за да ги фатат животните, а полицијата користи и термоснимачи за да ги пронајде. Грег Вестергард, извршен директор на Алфа Генезис, изјави за Си-Ен-Ен дека мајмуните избегале откако чуварот не ја заклучил вратата, итакнувајќи дека се работи за „100 проценти човечка грешка“.

Полицијата вели и дека Алфа Генезис тврди дека овие мајмуни никогаш не биле тестирани, и дека се премногу млади за да бидат носители на болеста.

Извор: Б92

притисни ентер