МАНТИИ

РЕЦЕПТ НА: РОСКА РИСТЕВСКА

Потребни состојки: 350 гр. брашно, 1 квасец, 1 пециво, 3 јајца, 200 гр. сирење, малку сода бикарбона, малку масло, 2 лажици шеќер, ½ маргарин, 200 мл. кисело млеко и 3 чешни лук.

Постапка:

Во подлабок сад со брашно се става: 1 квасец, 1 пециво, 1 јајце, малку сода бикарбона, малку масло, 2 лажици шеќер, малку млака вода и се замесува тесто.

Тестото треба добро да се измеси.

Откако ќе се измеси се удира 10-тина пати од маса и се остава да отстои 15-тина минути.

Тестото се расукува во подебела кора и се прекрива со рендан маргарин.

Кората се расекува на 6 места и добиените делови се преклопуваат едни врз други.

Добиеното тесто повторно се расукува во подебела кора и се прекрива со рендан маргарин.

Кората се сече на коцки и врз секоја коцка се става фил од 2 матени јајца и сирење.

Потоа се формираат мантиите и се ставаат во тепсија премачкана со масло.

Се печат околу 15 минути во загреана рерна на 200 степени.

Додека се печат мантиите се подготвува смеса од кисело млеко, рендан лук и малку масло.

Откако ќе се испечат мантиите се прелеваат со добиената смеса.

Салах разочаран од Ливерпул: Сè уште немам понуда за нов договор

„Декември е на прагот, а сè уште не сум добил понуда да останам во Ливерпул“, разочарано изјави денеска најдобриот играч на премиерлигашот, 32-годишниот египетски фудбалер Мохамед Салах.

Во тековната сезона Салах одигра 18 натпревари за Ливерпул, постигна 12 голови и десет пати асистираше. Најмногу благодарение на него, Ливерпул во моментов е убедливо прв во англиската Премиер лига со осум бодови повеќе од вториот Манчестер Сити.

„Долги години сум во Ливерпул и не постои друг таков клуб во светот. Но, разочаран сум од односот кон мене и во овој момент сум поблиску до заминување отколку да останам на Енфилд“, изјави Салах.

Египетскиот репрезентативец има важечки договор со Ливерпул до крајот на оваа сезона.

„Фокусиран сум на сезоната. Сакам да освојам сè уште што е можно со Ливерпул, од Премиер лигата до Лигата на шампионите. Јас сум професионалец. Секогаш ќе давам сè уште од себе. Го сакам клубот, ги сакам овие навивачи, како што тие ме сакаат мене. Сепак, ниту тие, ниту јас одлучуваме дали ќе останам или не, додаде Салах кој дојде во Ливерпул во 2017 година и оттогаш има постигнато вкупно 223 голови со 99 асистенции за овој клуб./МИА

Романскиот премиер Марсел Чолаку поднесе оставка од лидер на Социјалдемократската партија

Романскиот премиер Марсел Чолаку денеска објави дека ќе поднесе оставка од функцијата лидер на левичарската Социјалдемократска партија (ПСД), откако не успеа да влезе во вториот круг од претседателските избори.

Британските медиуми пренесуваат дека Чолаку ќе остане на функцијата премиер се до изборот на нов.

Претходно, поранешниот заменик генерален секретар на НАТО и независен кандидат на претседателските избори, Мирчеа Џоана, изјави дека ќе се повлече од активната политика по „изненадувачките и разочарувачките“ резултати во првиот круг од гласањето.

Десничарот Калин Ѓордеску и опозициската лидерка Елена Ласиони се пласираа во вториот круг од претседателските избори во Романија, покажуваат резултатите од првиот круг одржан во неделата врз основа на 99,9 отсто преброени гласачки ливчиња.

Ѓордеску освои 22,95 отсто од гласовите, а Ласкони 19,2 отсто, пренесоа британските медиуми.

Чолаку иако беше фаворит не успеа да се пласира во вториот круг на изборите и го освои само третото место со 19,16 отсто од гласовите.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 декември./МИА

Соопштение од САС на МПЦ – ОА по повод упокојувањето на митрополитот Тимотеј

Ја информираме јавноста и верниот народ дека денес, понеделник, 25 ноември 2024 година, по кратко боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј.

Царство небесно и вечен спомен! Датумот и времето на опелото ќе бидат дополнително објавени.

Кратка биографија на Митрополитот Тимотеј (1951 – 2024).

Митрополитот г. Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Потекнува од благородни и богољубиви родители Александар и Љуба Јовановски, кои уште од детски години го задоиле својот пород, меѓу кои и младиот Славе, со христијанска љубов и љубов кон Бога.

Почитта кон Бога придонесла, по завршувањето на основното училиште, под сестраната духовна грижа на протојереј–ставрофор Стојко Спасевски од Куманово и пастирските упатства на протојереј–ставрофор Спасе Стефановски, младиот Славе да се запише за редовен ученик во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“, прво во манастир „Св. Илија“ во с. Бањане, крај Скопје, а потоа во Драчево. По завршувањето на Богословијата, се запишал на Богословскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1976 година.

По дипломирањето, една година бил службеник во Македонската Архиепископија во Скопје. Потоа, заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим (од 1977 до 1979 година). Успешно магистрирал со тезата „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и Охридско" и се здобил со магистерска диплома. На повик на САС на МПЦ – ОА, се враќа во Татковината и се вработува како предавач на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ по предметите: Литургика, Историја на уметноста и Патрологија. САС за МПЦ – ОА го назначи и за в.д. ректор на Богословијата „Св. Климент Охридски“ во Драчево - Скопје.

На 10 септември 1981 година во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски од десницата на тогашниот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Ангелариј е замонашен со монашко име ТИМОТЕЈ; на 11 септември 1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир; на 13 септември 1981 година е ракоположен во јеромонашки чин во манастирот „Св. Богородица“ – Пречиста кај Кичево, а за архимандрит е произведен во метохот на ман. „Св. Наум Охридски“ (ман. „Св. Наум Охридски“) во Битола. По изборот за епископ од страна на САС на МПЦ, на 20 септември 1981 година е хиротонисан за архијереј на МПЦ – ОА во црквата „Св. Димитриј“ во Скопје.

Од 21 септември 1981 година, со Одлука на САС на МПЦ, е назначен за Митрополит Австралиски. Тогашните услови налагаа да му биде доделена и упразнетата Дебарско–кичевска епархија која ја управуваше како нејзин Администратор, од кадешто со самопрегор и трпеливост ќе раководи со двете епархии: со Австралиската до 1995 година, а со Дебарско–кичевската епархија до неговото упокојување. Од 2016 година од САС на МПЦ – ОА е назначен да управува како администратор со Австралиско-сиднејската епархија.

Во изминативе 43 години како архијереј на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија: беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија (1997 – 2000 год. и од 5. 7. 2002 до 1. 10. 2006 година), а до неговото блажено упокојување беше и портпарол на САС на МПЦ.

Канцеларија на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА

притисни ентер