Македонија во исчекување на преговарачката рамка

Македонија заедно со Албанија е во исчекување на презентацијата на нацрт преговарачката рамка која деновиве треба да ја претстави Европската Комисија.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска на виртуелната панел дискусија „Пристапување во ЕУ на Западен Балкан: Кредибилност, предвидливост и политичко водство", во рамки на Економскиот форум Делфи, што се одржа од Атина, најави дека во следните денови ќе ја претстават преговарачката рамка.

На панелот учествуваа и лидерот на СДСМ Зоран Заев заедно со премиерите на Албанија и на Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, а преку видео порака на форумот се обрати и српскиот претседател Александар Вучиќ. Вархеји нагласи дека тоа е „следен чекор во процесот на преговори со Македонија и Албанија, по што многу брзо ќе почнеме да работиме на тоа во Советот на ЕУ, со цел земјите-членки да ја одобрат и да продолжиме со процесот на пристапување".

– Во споредба со минатиот октомври, сега имаме нова методологија за процесот на проширување и успеавме да донесеме одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, рече Вархеји, додавајќи дека за Европската комисија, уште од првиот ден кога стапил на функцијата, односите со Западен Балкан се еден од највисоките приоритети.

Еврокомесарот оцени дека сите овие напори не можеа да се случат доколку Македонија и Албанија не испорачаа резултати. – Тие испорачаа и затоа за нив во пакет беше донесена одлука за почеток на преговори од страна на Советот на ЕУ, рече Вархеји.

Тој изрази жалење што има мало одложување за големиот економско-инвестициски план за регионот поради ситуцијата со коронакризата, но изрази надеж оти истиот ќе може да го презентира на почетокот на есента. Сепак, рече, ЕК успеа да обезбедиме поддршка преку инструментот за финансиска помош во износ од 3,3 милијарди евра за време на кризата, што според еврокомесарот, беше многу важен знак колку се посветени кон тоа Западен Балкан да стане интегрален дел од Европската Унија.

Премиерот Заев на панелот истакна дека Договорот од Преспа е добар знак за иднината на цел Балкан.

-Сега е време да ја зајакнеме соработката и да ја зголемиме меѓусебната доверба. Верувам дека сите наши соседни земји што се членки на ЕУ се многу посветени за европската иднина на Западен Балкан, истакна Заев.

Тој истакна дека земјата е посветена на европската агенда, но оти има простор да се направи уште повеќе, не само поради исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ, туку првенствено заради подобрување на животот на граѓаните, а тоа, според него, ќе се направи преку зголемување на довербата во институциите.

– Среќен сум што за време на мандатот на еврокомесарот Вархеји добивме историска одлука по 15 години за почеток на преговори. Сметам дека новата методологија ќе биде фер шанса за сите нас и ако сме навистина посветени ќе имаме повеќе отворени поглавја и повеќе постигнувања, рече лидерот на СДСМ и изрази надеж оти набрзо ќе станеме полноправни членки на ЕУ.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, потврди дека прашање на денови е кога Европската Комисија ќе ја предложи преговарачката рамка што ќе биде исчекор во следната фаза на нашите преговори.

-Да, се уште има разговори кои се водат во последните минути, што не значи дека тоа се однесува на вашата земја. Повеќе станува збор за имплементацијата на новата методологија во преговарачката рамка. Ова е новиот елемент, кој го немаше во претходните преговори, со Србија и Црна Гора. Затоа, малку е почувствително и сега се одвива одредено фино прилагодување во Брисел за тоа прашање. Но и покрај тоа, рамката ќе биде усвоена. Ова е документот кој ќе ги води преговорите, ќе ги содржи принципите и упатствата. Суштината на преговорите, како и процедурата. Ова е нацрт, кој потоа ќе биде претставен пред земјите членки, но тоа е секако значаен документ. Значаен чекор на патот на вашата земја кон ЕУ, изјави Жбогар вчера во интервју за ТВ Телма.

Тој посочува дека го нема видено документот, за којшто се уште ќе разговараат земјите членки, но убеден е дека нема да содржи негативни изненадувања по нас кога ќе го добиеме. Драфт верзијата ќе им биде презентирана на земјите членки, кои потоа ќе го финализираат документот, а таа финална верзија ќе биде позицијата на ЕУ за преговорите.

Во врска со рамката за преговори со ЕУ, и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи деновиве на прес-конференција изјави дека според информациите со кои располагаат во тек се разговори за одредбите кои треба да ги содржи новата методологија. Рамката, посочи Османи, е исклучително важен документ за преговорите, бидејќи во неа се утврдуваат принципите по коишто ќе се водат преговорите, суштината, како и одредени процедури.

– Нашите информации се дека во моментот се разговара околу новите одредби кои ги предвидува новата методологија, пред се, во мнозинството и начинот на користење на мнозинството во суспендирање во унапредување на процесот на преговорите..., истакна Османи. /МИА

Бајден настапи пред дипломците на Морхаус колеџот во Џорџија

За време на церемонијата со врачувањето на дипломи некои студенти носеа црно-бели палестински шалови во знак на солидарност со Палестинците.

Претседателот на САД, Џо Бајден во денешното обраќање пред дипломците во Морхаус, високообразовна установа од Џорџија каде мнозинството студенти се афроамериканци, прати пораки од неговата предизборна кампања за зацврстување на врските со младите од етничките малцинства.

За време на церемонијата со врачувањето на дипломи некои студенти носеа црно-бели палестински шалови во знак на солидарност со Палестинците.

- Сакам сите да запаметите, кога не избраа први ни велеа дека нема да направиме ништо значајно. Но ние направивме се. Благодарејќи вам … Мошне многу ценам што ми дадовте можност за повторен настап тука, изјави претседателот во обраќањето до дипломците на Морхаус.

Тој говореше и за својот соперник на претстојните избор – поранешниот претседател Доналд Трамп.

- На овие избори многу е ставено на коцка, мошне многу. Станува збор не за мене, туку за алтернативата … Работата е во тоа што тој (Трамп) изложи што имено планира да прави (ако биде избран). И републиканците во Претставничкиот дом ќе кажат и моите колеги ќе кажат, што тие имено ќе прават ако победат, рече Бајден.

Колеџот Морхаус е основан во 1867 година како машки колеџ за школување на црномурести кои скоро биле ослободени од ропство. Еден од они кои дипломирале тука е и Мартин Лутер Кинг помладиот.

Морхаоус е голем град во Џорџија со има значајна улога во претседателската трка во 2024 година. Бајден овде во 2020 година стана првиот кандидат за претседател од Демократската партија кој доби поддршка од оваа држава по Бил Клинтон во 1992 година.

Бајден денеска попладне патува во посета на Мичиген, каде ќе учествува на настан организиран од Детроитски фонд за борба за слобода. /МИА

Алкалоид го освои трофејот во ракометниот Куп на Македонија

Ракометарите на Алкалоид се победници во Купот на Македонија, откако вечерва во финалето одиграно во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го совладаа фаворитот Еурофарм Пелистер со 25:23 по изведувањето пенали.

Ова е прв трофеј во својата куса историја за младиот тим на Алкалоид кој на завршниот турнир ги совлада најголемите две имиња во македонскиот ракомет, Вардар и Еурофарм Пелистер.

Во финалето двете екипи во повеќе наврати се менуваа во водство, највисокото беше четири голови разлика, за на крај победникот да биде решен по пенал-рулетот во кој се истакна голманот на скопскиот тим Иван Галевски.

Токму Галевски беше прогласен за најдобар голман на завршниот турнир, наградата за најдобар стрелец отиде кај Богдан Радивојевиќ, а за МВП Филип Кузмановски (двајцата од Еурофарм Пелистер).

Претходно во текот на денот, во женското финале, Ѓорче Петров го победи Чаир со 36:24. /МИА

Курти ѝ се пожалил на американската државна потсекретарка за заканите од Србија кон Косово

Курти ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава.

Косовскиот премиер, Албин Курти на денешната средба со потсекретарката за јавна дипломатија на Стејт департментот на САД, Елизабет Ален, која престојува во Косово, ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, Курти на средбата со Ален рекол дека „авторот и водач на терористичката и паравоена српска група“, која го изврши нападот во Бањска во северно Косово во септември минатата година, Милан Радоичиќ, сè уште е на слобода во Србија.

Косовскиот премиер изразил и жалење што барањето на Косово за членство во оваа институција не е ставено на агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа за 17 мај.

„На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Србија и за процесот на дијалог со посредство на Европската унија. По ова прашање премиерот Курти ја истакна важноста од целосно и безусловно спроведување на основниот договор и неговиот анекс. Во однос на патот на Косово кон евроинтеграциите, премиерот Курти изрази жалење што Комитетот на министри на Советот на Европа одби да го вклучи Косово во агендата за гласање на 17 мај, со оглед на тоа што Косово ги исполни сите критериуми за членство“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Во текот на разговорот, Курти ја запознал Ален со „случувањата во земјата, напредокот во владеењето на правото, социјалните политики кои ги поддржуваат жените и децата, реформите во образованието со цел поврзување на образованието со пазарот на трудот, како и политиките и инвестициите во енергетиката“.

Курти изјави дека САД се сојузник и историски партнер на Косово и очекува зајакнување на меѓусебните односи во иднина, особено на полето на економијата и трговијата.

Пред да се сретне со Курти, американската дипломатка, Ален претпладнево се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со која потпиша договор за разбирање меѓу владите на САД и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави. /МИА

притисни ентер