Љутков: Ќе дадеме голема поддршка за „живата култура“

 Ќе дадеме голема поддршка за „живата култура“ и за санација на објектот на Националната опера и балет.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во рамките на редовните работни посети на установите, денеска ја посети Националната опера и балет каде што се запозна со проектите и активностите во оваа најстара институција од овој вид во нашата земја.

Министерот Љутков ги поздрави направените интервенции во Националната опера и балет кои се однесуваат на подобрување на условите во оваа установа, за што в.д.директорот Оливер Арсовски, го посочи како пример, како за краток период, нецели сто дена, можат да се направат суштински подобрувања во една голема и обемна институција, како што е Националната опера и балет.

„Во изминатиов период е извршена ургентна санација на клучните инфраструктурни проблеми“, потенцираше Љутков, додавајќи дека комплетно се реновирани службеното фоаје и тоалетите за посетителите, извршени се и молерофарбарски работи на ходниците.

На средбата со новинарите беше истакнато дека во текот на вчерашниот ден е распишана и јавна набавка за реновирање на главниот влез на институцијата, кој, како што беше нагласено е во очајна состојба и во последните седум години немало никаква интервенција во овој сегмент, како и санација на покривните површини во делот на главното фоаје каде што кога врне, водата навлегува насекаде. Министерот Љутков најави дека во наредниот период ќе следат уште интервенции во атаљето на установата, каде во моментов се работи на негово расчистување.

„Она, пак, што сакам да го потенцирам, а е од особено значење и се однесува на вработените, е фактот што со ребалансот на буџетот се обезбедени сигурни плати и придонеси“, рече министерот Љутков. Изразувајќи задоволство од работата на новото раководство и од вработените, министерот Љутков најави дека Владата и тој како ресорен министер ќе дадат голема поддршка на оваа институција, која, како што рече, во идниот период ќе понуди богата културна програма на задоволство на сите граѓани.

Министерот Љутков изрази и јавна благодарност до целиот ансамбл на НОБ за одличната изведба на операта „Набуко“ од Верди во Софија, за која има одлични критики на сите нивоа, а особено во делот на т.н. културна дипломатија.

Директорот на Националната опера и балет Оливер Арсовски информираше дека е направена и нова програма за до крајот на годината, која ќе стартува на 16 октомври со кантатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

Арсовски најави дека ноември ќе биде месец на Пучини кога ќе бидат изведени четири претстави од овој композитор, со пејачи и од странство, како и дека Националната опера и балет и Камерниот оркестар на 8 октомври ќе гостуваат во Виена, каде што пред австриската публика ќе бидат изведени дела и од македонски автори.

Поздравувајќи ги заложбите на министерот Љутков и на Министерството за култура и туризам за поголема поддршка на „живата култура“, директорот на Националната опера и балет најави многу промени во репертоарната политика и на операта и на балетот. Во рамките на посетата, беше споделено и дека набавен е и нов балетски под кој, како што беше посочено, ќе го подобри квалитетот на балетската продукција.

Израелската влада забрани рекламирање во Хаарец, весникот познат по критиките

Владата на Израел денеска им нареди на сите јавни институции да престанат да се рекламираат во весникот Хаарец, познат по критиките за израелските акции на палестинските територии.

Министерот за комуникации Шломо Кархи рече дека владата го одобрила неговиот предлог откако издавачот Хаарец повика на санкции против Израел и ги нарече палестинските екстремисти како „борци за слобода“.

„Ние се залагаме за слободата на печатот и изразувањето, но и слободата на владата да одлучи да не финансира подбуцнување против државата Израел“, објави Кархи на платформата X.

Ноа Ландау, заменик уредник на Хаарец, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „работи на замолчување на независните и критички медиуми“, споредувајќи го со автократски лидери во други земји.

Хаарец редовно објавува колумни во кои ја критикува полувековната окупација на земјата од страна на Израел на која Палестинците сакаат да основаат независна држава.

Весникот исто така го критикуваше водењето на војната во Газа во време кога повеќето локални медиуми ја поддржуваа војната и претежно ги игнорираа страдањата на палестинските цивили. /МИА

Хјуман рајтс воч: Убиството на тројца новинари во израелски напад во Либан е воено злосторство

Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) денеска оцени дека израелскиот напад во Либан во октомври, во кој беа убиени тројца новинари, најверојатно е намерен напад врз цивили и очигледно воено злосторство.

Тројца новинари загинаа, а неколку беа ранети додека спиеле во гостилница во јужен Либан. Тоа беше еден од најсмртоносните напади врз медиумите од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах пред 13 месеци.

Оттогаш, уште 11 новинари се убиени, а осум се ранети, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад.

ХРВ заклучи дека израелските сили користеле бомба од американско производство со систем за наведување JDAM во нападот на 25 октомври.

ХРВ оцени дека американската влада треба да ја прекине испораката на оружје за Израел поради повторените „незаконски напади врз цивили, во кои американски официјални лица би можеле да бидат соучесници во воени злосторства“.

Израелската војска веднаш не го коментираше извештајот.

ХРВ пронашла остатоци од бомбата на местото на нападот и прегледала фотографии од деловите собрани од сопственикот на гостинската куќа и заклучила дека тие одговараат на комплетот за наведување бомби JDAM кои ги составува и продава американската компанија Боинг./МИА

Лига на шампиони: Алонсо на располагање има само 13 фудбалери

Германскиот фудбалски првак Баер Леверкузен има голем проблем со отсутни фудбалери пред утрешниот натпревар од 5. коло во Лигата на шампиони против австриски Салцбург за кој тренерот Чаби Алонсо на располагање има само 13 играчи.

Последниот играч кој отпадна поради повреда е францускиот напаѓач Мартин Териер. Напаѓачите Јонас Хофман и Виктор Бонифас, крилниот напаѓач Амине Адли и дефанзивците Норди Мукиеле и Жануел Белосијан се надвор од терените од претходно.

„Доколку сакаме да имаме шанса да влеземе меѓу осумте најдобри, следните два натпревари на домашен терен се клучни. Знаеме колку се важни претстојните натпревари против Салцбург и Интер. Салцбург игра со многу интензитет и динамика. Сакаме да освоиме важни бодови во БајАрена“, изјави Алонсо.

Германските медиуми пренесуваат дека Алонсо речиси и да нема алтернативи во нападот и одбраната, а кон тимот се приклучи и 16-годишниот Бен Хавигхорст.

„Доколку спортскиот директор ми даде договор како играч, можеби и јас би можел да играм“, рече Алонсо низ насмевка. „Сепак, имам договор само како тренер, така што не смеам да играм“./МИА

притисни ентер