Хјуман рајтс воч: Убиството на тројца новинари во израелски напад во Либан е воено злосторство

Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) денеска оцени дека израелскиот напад во Либан во октомври, во кој беа убиени тројца новинари, најверојатно е намерен напад врз цивили и очигледно воено злосторство.

Тројца новинари загинаа, а неколку беа ранети додека спиеле во гостилница во јужен Либан. Тоа беше еден од најсмртоносните напади врз медиумите од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах пред 13 месеци.

Оттогаш, уште 11 новинари се убиени, а осум се ранети, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад.

ХРВ заклучи дека израелските сили користеле бомба од американско производство со систем за наведување JDAM во нападот на 25 октомври.

ХРВ оцени дека американската влада треба да ја прекине испораката на оружје за Израел поради повторените „незаконски напади врз цивили, во кои американски официјални лица би можеле да бидат соучесници во воени злосторства“.

Израелската војска веднаш не го коментираше извештајот.

ХРВ пронашла остатоци од бомбата на местото на нападот и прегледала фотографии од деловите собрани од сопственикот на гостинската куќа и заклучила дека тие одговараат на комплетот за наведување бомби JDAM кои ги составува и продава американската компанија Боинг./МИА

Видео: Бред Пит падна на снимање

Познатиот актер на Холивуд, Бред Пит престојува во Лас Вегас, каде што снима филм за Формула 1, а во оваа продукција ја толкува една од главните улоги, Сони Хејс.

На социјалните мрежи се појавија снимки од снимањето.

Пит со помош на двојник ја снимил сцената во која нивниот лик (Сони Хејс) удира во болидот „APX GP“, по што излегува од возилото и паѓа во несвест.

Луѓето ги споделуваат овие сцени, шокирани од она што го гледаат.

Како што пишуваат светските медиуми, филмот на Џозеф Косински за возачите на Формула 1 треба да пристигне во кината следното лето, со маестрална актерска екипа предводена од Бред Пит.

Филмот се снима веќе неколку години, а на целата екипа му помага организациониот тим на Формула 1, сите возачи и љубители на овој спорт.

Извор: Аваз

Џенерал Моторс влегува со свој тим во Формула 1

Формула 1 и Џенерал Моторс (ЏМ) постигнаа денеска начелен договор за влез на ЏМ/Кадилак како 11. тим во светскиот шампионат во Формула 1 од 2026 година.

„Посветеноста на Џенерал Моторс и Кадилак на овој проект е важна и позитивна демонстрација на еволуцијата на нашиот спорт. Сигурни сме во целосната соработка и поддршка од сите вклучени страни“, изјави претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали.

Од своја страна, првиот човек на ЏМ, Марк Ројс, рече дека влезот во Формула 1 е чест за Џенерал Моторс.

„Како врв на мотоспортот, Формула 1 бара иновации и извонредност што ги поместува границите. Чест е за Џенерал Моторс и Кадилак да се приклучат на врвната светска тркачка серија, а ние сме посветени да се натпреваруваме со голема страст“, рече Ројс.

Тимот треба да го носи името Кадилак Ф1 и ќе користи мотори на Ферари во првите две години додека GM не добие мотор на Кадилак конструиран за натпреварување, почнувајќи од сезоната 2028 година./МИА

Медиуми: Договорот за прекин на огнот во Либан не предвидува зона на раздвојување

Израелскиот ТВ Канал 12 вечерва ги објави клучните елементи од предложениот договор за прекин на огнот меѓу Израел и либански Хезболах со посредство на САД за запирање на израелската војна во Либан.

Како што е наведено, остануваат да се финализираат само мали детали.

Договорот предвидува меѓусебен прекин на огнот и израелската армија да остане во Либан до 60 дена, а да замине кога ќе биде распоредена либанската армија.

Нема да има зона на раздвојување во јужен Либан и раселените жители од тој дел од земјата ќе можат да се вратат.

Владата во Либан ќе ги провери сите набавки и производство на оружје во нејзината земја, а САД ќе предводат меѓународно тело кое ќе го надгледува спроведувањето на договорот.

Во посебен документ, САД јасно ќе соопштат дека Израел има право да дејствува секогаш кога ќе види непосредна закана од Либан.

Канал 12 објави дека имало речиси едногласна поддршка за договорот од политичари и воени претставници синоќа на безбедносните консултации со кои претседаваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На состанокот, Нетанјаху, наводно, рекол дека договорот ќе го остави Хамас изолиран и ќе ги зголеми шансите за постигнување договор за ослободување на заложниците кои се уште се во Појасот Газа. /МИА

притисни ентер