Лидерот на екстремистите осуден на 18 години затвор за нападот врз Капитол

 Основачот на екстремно десничарската „Чувари на заклетвата“, Стјуарт Роудс, денеска беше осуден на 18 години затвор за неговото учество во нападот на приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021.

Во ноември, поротата во Вашингтон ги осуди Роудс (57) и Кели Магс (53), лидер на Чуварите на заклетвата на Флорида врз основа на обвинение за бунтовнички заговор.

Роудс потоа беше прогласен за виновен за организирање повеќенеделен заговор што кулминираше со упадот на неговите следбеници во Капитол, обидувајќи се да го спречат прогласувањето на победата на Џозеф Бајден на претседателските избори во 2020 година.

Роудс, поранешен војник и дипломец од Правниот факултет на Јеил, е првото лице обвинето и последователно осудено за бунтовнички заговор во врска со настаните од 6 јануари 2021 година.

Казната на Роудс е најдолга досега во стотиците случаи што беа процесуирани поради упадот во Капитол.

Повеќе од 1.000 поддржувачи на Трамп се уапсени поради нивната улога во нападот врз Конгресот. /МИА

Здравствените работници од Геријатрија најавија дводневен протест

Независниот синдикат на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина најави дводневен протест в петок и сабота, по повод незадоволството од платите и вработувањата.

Претседателот на Независниот синдикат на геријатрија на денешната прес-конференција најави дека ќе бараат порамнување на платите и потпишување нови договори.

Костовски нагласи дека протестот не би се одржал доколку Министерството за финансии, како што вели тој, имало слух за нивните потреби.

Протестот за Град Скопје ќе се одржи в петок, а за цела држава во сабота со почеток од 11 часот, и ќе започне од МРТ спрема Црвен крст, па се до Собранието на Северна Македонија и Министерство за правда, и ќе заврши пред Владата каде што работниците ќе го изразат своето незадоволство.

„Нефрон“: Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на Јовев

„Повикуваме во прв план да се стават потребите и животите на пациентите кои чекаат трансплантација на срце и други кардиохируршки интервенции, а суетите по страна“

Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на директорот, професор доктор Сашко Јовев, а за евентуално направените грешки и пропусти во работењето, доколку ги има, соодветно нека биде казнет со други мерки, но, да не се казнуваат пациентите или оние кои чекаат трансплантација, затоа што сите сме свесни дека Националната програма за трансплантација на органи се темели најмногу на ентузијазмот на поединците и посветеноста на тимот. Ова се наведува во денешното соопштение на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ од Скопје.

- Сѐ она што се појави како информација по социјалните мрежи и медиумите за разрешувањето на професор доктор Јовев, директор на Клиниката за кардиохирургија, нѐ вознемири како здружение на граѓани, како пациенти кои чекаат трансплантација и како единствено здружение на бубрежно болни, кое наназад 20 години ја води кампањата за органодарителство и трансплантација на органи, пишува во соопштението.

Од таа причина, решиле да го споделат нивното мислење и загриженост во врска со овој случај.

- Ни во еден момент не сакаме да судиме или браниме и доколку постојат основани причини и грешки во работењето на професор доктор Јовев и Клиниката за кардиохирургија со која тој раководи, постојат процедури и дисциплински мерки со кои истите можат да бидат санкционирани. Но, мораме да се сложиме дека во најтешките времиња во текот на пандемијата со Ковид 19, под водство на професор доктор Јовев и тимот за трансплантација се направи голем исчекор во медицината со првата трансплантација на срце во Македонија, која силно и позитивно одекна не само кај нас во државата, туку и пошироко. Направените 8 трансплантации на срце спасија осум животи и влејаа надеж кај пациентите кои чекаа да им се трансплантира срце, дека најпосле и тие ќе имаат решение за нивните проблеми и ќе продолжат да живеат. Се радувавме со нив, особено затоа што пациентите кои чекаат трансплантација на бубрег имаме опција за живот - тоа е дијализата, а за пациентите кои чекаат трансплантација на срце тоа беше единствениот начин да продолжат да живеат, се додава во соопштението.

Од Здружението истакнуваат дека „не смееме да заборавиме дека како предводник на тимот за трансплантација на срце, докторот Сашко Јовев за првпат направи уште еден голем подвиг несвојствен за Македонија и ги обедини најголемите експерти од областа на јавното и од приватното здравство, со што тој успех беше уште поголем“.

- Епилогот на оваа оптужба и разрешување на професорот Јовев најверојатно ќе заврши како и многу досега, со водење на долги процеси за проценка на стручноста и компетентноста на работењето на лекарите во лекувањето на пациентите, со долги беспредметни судски процеси и долги рокови на процесуирање кои на крајот завршуваат со неутврдување на одговорност и вина, но кој ќе ја понесе одговорноста за направените штети кон професорот Јовев, Клиниката за кардиохирургија, целокупното македонско здравство, а посебно кон пациентите, прашуваат од Здружението.

Затоа, додаваат, „повикуваме во прв план да се стават потребите и животите на пациентите кои чекаат трансплантација на срце и други кардиохируршки интервенции, а суетите по страна“.

Вонреден инспекциски надзор од ДСЗИ во психијатриска болница „Скопје“

Вонреден инспекциски надзор од Државен санитарен и здравствен инспекторат бил извршен во психијатриска болница „Скопје“, потврди за МИА в.д. директорот Мухсин Арифи, кој најави повеќе детали нешто подоцна во текот на денот.

- Kако новоназначен директор на психијатриската болница „Скопје“, чувствувам должност да се обратам на пошироката јавност за последните случувања поврзани со агресивните пациенти кои се тепаат меѓусебе. Истите се сместени на судско одделение каде се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд. Се однесува на лица кои сториле кривични дела како убиство, обид за убиство и друго. Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови, се наведува во неговото соопштение до јавноста, а поврзано со видеата објавени на Фејсбук, каде се гледа како лица се тепаат.

Тој додава дека од негова страна по настанатиот случај се преземени сите безбедносни мерки за заштита на пациентите и известени се надлежните институции што во моментот се грижат за безбедноста.

- Очекувам во најкраток рок институционално решавање на случајот, а во меѓувреме започнав со воведување мерки и механизми за превенција на вакви идни немили настани. Крајната цел е да се постигне трајно решение за подигнување и одржување на безбедноста во болницата и подобрување на условите за нејзино нормално функционирање, потенцира Арифи во обраќањето до јавноста.

притисни ентер