Незапаметени поплави во Кенија- најмалку 30 загинати (ВИДЕО)

Според последните податоци, најмалку 32 лица загинале, додека двајца се водат за исчезнати, како последица на катастрофалните поплави што ја погодија Кенија.

Како што јави Си-Ен-Ен, речиси половина од земјата е потопена, додека повеќе од 100.000 луѓе се загрозени.

Обилните дождови започнале во средината на март, но поројните дождови се интензивирале во текот на изминатата недела, што доведе до огромни поплави. Кенискиот Црвен крст објави дека од почетокот на март интервенирале во речиси 200 спасувачки операции. Во главниот град Најроби, вчера беа затворени бројни патишта, а неколку населени места беа поплавени по уште еден ден со поројни врнежи.

- Ситуацијата во Најроби ескалира до екстремни нивоа. Окружната влада, и покрај нејзините најдобри напори, беше преоптоварена. Потребни ни се сите национални служби за итни случаи, тие мора да се мобилизираат за да спасат животи - напиша градскиот сенатор Едвин Сифуна на својот профил на социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер.

Тој сподели видео од жителите заробени на покривите на нивните куќи во сиромашниот кварт во Најроби.

Црвениот крст на Кенија соопшти дека спасиле 18 лица во населбата Матаре 4А. Два главни автопати надвор од Најроби беа силно пренатрупани во средата откако делови од патиштата беа поплавени. Затворени се четири патни правци, а на два воведени се вонредни мерки.

– Сообраќајната полиција и нашиот технички тим се на терен за насочување на сообраќајот и подобрување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, соопштија надлежните.

Кениските железници ги суспендираа приградските возови низ целата земја. Истовремено, метеоролозите најавија нови врнежи во поголем дел од земјава.

Повеќе од 400 луѓе евакуирани поради поплави во Тексас

Многу населби во градот Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, беа поплавени вчера по обилните дождови, кои ги принудија спасувачите да евакуираат повеќе од 400 луѓе од домовите.

Поплавите зафатија голем дел од Тексас, од Хјустон до руралниот Источен Тексас, каде што спасувачите ги поминуваа улиците и патиштата со чамци, за да спасат луѓе и домашни животни кои не биле евакуирани навреме.

Официјални претставници издадоа упатства до жителите во ниските области да се евакуираат, предупредувајќи дека најлошото допрва доаѓа.

Нови врнежи се очекуваат утре, а властите признаваат дека може да има многу проблеми доколку има обилни дождови.

Пролетна модна ревија на домашни миленици

На 15 јуни во „Јавна соба“ ќе се одржи првата модна ревија на домашни миленици во организација на Асоцијацијата на стилисти за домашни миленици на Македонија.

Организаторите најавуваат околу 15-тина сопственици на салони за домашни миленици кои ќе се претстават со својот миленик - модел и ќе објаснат на кој начин го третирале крзното кај миленикот, а пред да почне дефилето, ќе се разговара и за стандардот на занимањето - стилист за домашни миленици, кој е обврзувачки за сите грумери.

Настанот ќе биде збогатен и со штандови на кои ќе може да се претстават пет шопови, увозници на козметика за миленици, одгледувачници.... Поканети се да учествуваат и креатори на накит и облека за миленици.

Настанот нема натпреварувачки карактер. Целта е да се промовира грумингот во земјава и да се подигне свеста за правилното третирање на крзното на домашните миленици.

Украина соопшти дека во изминатата ноќ соборила 23 дронови лансирани од Русија

Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека синоќа соборила 23 од вкупно 24 дронови камикази лансирани од Русија на територијата на Украина.

Соопштението било објавено на социјалната мрежа Телеграм од украинските воздухопловни сили.

Оттаму посочија дека беспилотните летала биле лансирани од територијата на Курската област во Русија и Крим. Се додава дека воздушниот напад бил одбиен, а беспилотните летала биле соборени над регионите Харков, Херсон и Дњепропетровск, забележува Укринформ.

притисни ентер