Загинати, исчезнати и огромни материјални штети од ураганот „Mилтон“

Со ветрови од над 200 километри на час, торнада и поројни дождови, ураганот „Милтон“доцна синоќа удри на Флорида.

Според првичните информации, илјадници домови се уништени, а за сега се знае само за две потврди жртви, иако американските власти најавуваат бројката би можела да биде поголема.

Најпогоден е округот Сент Луси, каде како предвесник на бурата се појавиле и торнада кои предизвикале штета уште пред доаѓањето на дождот.

-Знаете, кога доаѓа ураган, имате предупредување две недели однапред. Знаете каде се движи, знаете каде е ветерот и бурата, знаете каде се ветриштата на вашата локација. Со торнадо не го тоа не го знаете, тоа е исто како некој да фрли бомба било каде во областа. - Крис Џадовски – Комисија на областа Сент Луси.

Во американската сојузна држава за едно деноноќие биле пријавени над сто торнада, нешто што до сега според тамошните власти се нема случено. За драматичната состојба на терен најдобро сведочеа и новинарите кои се обидуваа да известуваат.

-Ситуацијата тука во Сарасота почнува да станува страшна. Најпрво моравме... Во ред, мораме да одиме, мораме да одиме.

Бурата остави и околу 3 милиони лица без електрична енергија, а тие кои не успеаја да се евакуираат на време, сведочат за невремето со кое се соочиле.

-Ги грабнав моите две кучиња и се сокрив под креветот. Но, тоа беше тоа. Веројатно сè се случи за една минута. Можеби и за помалку. / Сите почнавме да трчаме кон ходникот, не ни стигнавме таму на време. Слушнав како се крши стакло, и покривот одлета и почувствував како ме крева и мене. Ги грабнав сопругата и детето и се сокривме.

Американскиот претседател Џо Бајден пак, го повика локалното население да ги слуша наредбите на властите и порача дека федералната влада е подготвена да се справи со невремето, но и да достави навремена хуманитарна помош до засегнатите. Побара да не се шират теории на заговор, кои според него, само ја отежнуваат и онака лошата ситуација на терен.

-Има тврдења дека се конфискува сопственоста. Тоа едноставно не е точно. Велат дека луѓето погодени од овие бури ќе добијат само 750 долари во кеш и ништо повеќе, тоа исто така не е точно. Сега велат дека федералната влада буквално го контролира времето. Дека го контролираме времето, тоа е повеќе од смешно, тоа е толку глупаво, мора да престане. Мојата конечна порака вечерва до луѓето на Флорида и сите засегнати држави, ние сме зад вас. - Џо Бајден – Претседател на САД.

Американските власти се надеваат дека силата на ураганот ќе продолжи да слабее и откако ќе ја помине Флорида, ќе се упати кон Атлантскиот океан, по што ќе следат и првичните проценки на штетите.

Средба Божиновска-Пјат на маргините на конференцијата за чиста и безбедна енергија во Истанбул

На маргините на Конференцијата за чиста и безбедна енергија, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, оствари средба со Џефри Пјат, помошник државен секретар за енергетски ресурси во Стејт Департментот.

На маргините на Конференцијата за чиста и безбедна енергија, организирана од америкаснкиот Атлантски совет, денес, во Истанбул, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија, Сања Божиновска, оствари средба со Џефри Пјат, помошник државен секретар за енергетски ресурси во Стејт Департментот.

На средбата, министерката Божиновска и помошник државниот секретар Пјат разговараа за гасните интерконектори со Грција и Србија како клучни стратешки проекти за обезбедување стабилна енергетска иднина за нашата држава и регионот.

Овие проекти се од суштинско значење за диверзификација на изворите на енергија и зголемување на енергетската независност на земјата.

"Гасните конектори со соседите се од огромно значење за нашата енергетска стратегија. Тие не само што ќе ја зголемат нашата сигурност во снабдувањето, туку и ќе ја подобрат нашата конкурентност на пазарот", истакна министерката Божиновска.

Исто така, на средбата беше дискутирано и за стратешката соработка со САД во областа на енергетиката, при што министерката ја акцентираше важноста на американската поддршка во развојот на проекти за обновливи извори на енергија и технологија за енергетска ефикасност, но и важноста од споделување искуства со САД во делот на борбата со корупцијата во доментот на енергетиката.

"Нашата соработка со САД е од клучно значење за имплементацијата на иновациите во енергетскиот сектор. Заедно можеме да создадеме одржливи решенија кои ќе придонесат за развојот на регионот", додаде таа.

На крајот, министерката Божиновска и помошник државниот секретар Пјат разговараа за идната соработка и регионалните иницијативи, нагласувајќи ја потребата за продолжување на дијалогот и партнерството меѓу државите во областа на енергетиката, соопштуваат од Министерството.

„Милтон“ пустоши: Кран се сруши врз зграда, властите со итен апел (ВИДЕО)

Масивен кран удри во зграда во Санкт Питерсбург откако ураганот Милтон опустоши делови на Флорида.

Кранот паднал врз зграда која била во изградба во близина на центарот на градот.

По падот, дел од зградата се урнал врз друга зграда.

По падот на кранот почнаа да кружат видеа на социјалните мрежи, на кои се гледаат делови од зградата расфрлани на улица.

Властите на Флорида соопштија дека нема жртви во уривањето на зградата.

Официјалните лица ги повикаа луѓето да останат во засолништа и да ги следат упатствата.

По смирување на ситуацијата, надлежните органи ќе излезат на лице место и ќе ја проценат штетата.

Возачите користат бројни трикови за да ги „надмудрат“ камерите за мерење брзина (ВИДЕО)

Сè повеќе возачи прибегнуваат кон трикови за да избегнат казни за брзо возење, иако таквото однесување е сериозен прекршок што може да доведе до високи казни.

Еден од најчестите трикови е употребата на специјални налепници кои се лепат над постоечките бројки и букви на регистарската табличка.

Овие налепници ги збунуваат камерите, бидејќи ја рефлектираат светлината и не дозволуваат камерата јасно да ги снима табличките, па властите не можат да го идентификуваат возачот и да издадат казна.

Овие налепници се направени така што табличката изгледа целосно легално додека не дојде во контакт со радарски блиц, кога броевите и буквите привремено исчезнуваат.

Иако овие трикови се популарни кај возачите во Европа и САД, модерните радари и камери користат инфрацрвена светлина, така што трикот со рефлектирачки налепници не секогаш функционира. Покрај налепниците, некои возачи користат магнетни лажни таблички кои можат да ги отстранат од далечина, што им овозможува привремено да ја сокријат вистинската табличка кога поминуваат покрај камерите за брзина.

Казните за овие прекршоци можат да достигнат и до 2.000 евра, а доколку ве фатат, последиците може да бидат сериозни. Затоа е најбезбедно да ги следите сообраќајните прописи, за да избегнете високи казни и да заштедите пари.

притисни ентер