Кралот на Маорите на Нов Зеланд сака на китовите да им даде основни човекови права

 Кралот на Маорите на Нов Зеланд денеска повика на китовите да им се дадат основни човекови права за да се заштитат ранливите видови.

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права како што е правото на здрава животна средина за да се овозможи обнова на нивната популација.

- Звукот на песната на нашите предци ослабна, а живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега, рече Тухеитија во редок јавен настап.

Во 2017 година, Нов Зеланд донесе закон со кој се дава правен субјективитет на планината Таранаки и реката Вангануи, кои се важни за Маорите, домородни луѓе кои сочинуваат околу 17 отсто од населението на Нов Зеланд, или околу 900.000.

Тухеитија смета дека давање ист статус на китовите би делувало како „наметка на заштита“.

Тој се обрати заедно со високиот поглавица на соседните острови Кук, Травело Ту Арики.

Тие се залагаат домородните знаења да се комбинираат со науката за да се обезбеди „похолистички пристап“ за зачувување на китовите.

- Китовите играат витална улога во здравјето на целиот наш океански екосистем, рече Травел Ту Арики. „Мораме итно да дејствуваме за да ги заштитиме овие прекрасни суштества пред да биде предоцна“, додаде тој.

Сините китови можат да пораснат до 30,5 метри и да тежат до 200 тони.

Но, големината не ги штити. Шест од 13-те големи видови китови се загрозени или ранливи, според WWF, светската организација за заштита на природата.

Промовирана новата генерација полициски службеници

 Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени. 

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

-Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени, рече Џафери.

Ги охрабри полицајците да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа и професионално да се справуваат со новите предизвици на работата и да бидете подготвени за очекуваните одговори. Посочи дека овој ресор работи исклучиво во служба на граѓаните, и никако поинаку, и за полицискиот службеник, секој граѓанин е подеднакво важен, независно од личните определби, уверувања, или какви било други различности.

-За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи, рече Џафери.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.

-Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја, истакна Тошковски.

Порача дека законот мора да се почитува, како и дека секоја добра промена почнува од поединецот, од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно.

- Секако говорам за интергритетот кој што е суштинска спротивност од подмитливоста, или поткупливоста, од лицемерието, од непочитувањето на законите или од селективната правда. Вие како млади луѓе пред кои е иднината имате право, можност, одговорност и секако обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и попросперитетна заедничка иднина, рече министерот Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.

На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници.

Саливан: САД засега немаат системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ за Украина

САД засега немаат системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ кои би можеле да ги испрата во Украина

САД засега нема системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што би можела да и ги достави на Украина, изјави денеска американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.

„Американските системи Патриот моментално се распоредени низ целиот свет, вклучувајќи го и Блискиот Исток, за да ги заштитат американските трупи. Ако можеме да ослободиме дополнителни американски батерии, ќе ги испратиме во Украина“, изјави Саливан во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си.

Тој додаде дека САД се обидуваат да ги убедат партнерите во Европа и другите делови на светот да го снабдуваат Киев со постоечките ПВО системи.

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2024 година

Народната банка, на денот на монетарната самостојност, 26 април, традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. 

Овогодишниот добитник на првата награда е младиот истражувач Никита Ристовски за неговиот труд „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија“. Годинава, беше доделена и втора награда за трудот „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ на Стефан Таневски.

При доделувањето на наградите, младите истражувачи остварија средба со гувернерката на Народната банка, како и со Одборот за оценување трудови, којшто го сочинуваат вицегувернерката Ана Митреска, претседател и членовите Билјана Давидовска-Стојанова, директорка и Гани Рамадани, заменик-директор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. На средбата со младите истражувачи беше искажана поддршка за нивниот придонес кон научноистражувачката работа. Беше истакнато дека основната цел на Народната банка за организирање на Конкурсот за Годишната награда, веќе осумнаесет години, е да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес кон развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството.

Во согласност со досегашната практика, наградените трудови ќе бидат презентирани на некоја од следните сесиите на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачите од ова поле на интерес.

Пригодното одбележување на монетарната самостојност преку чинот на доделување на Годишната награда ги отсликува залагањата на Народната банка за постојано јакнење на научноистражувачката мисла во прилог на макроекономската стабилност, раст и развој. Инаку, Народната банка одбележа 32 години од монетарното осамостојување, односно од осамостојувањето како централна банка и од воведувањето на националната валута – денарот. За овие 32 години, напорите на централната банка беа насочени кон обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, како фундаменти за економскиот раст и развој, работејќи особено на јакнењето на сопствените капацитети, односно на напредокот на човечките ресурси. Залагањата и резултатите на Народната банка во изминатите години се признаени од сите релевантни меѓународни организации, а таа е согледана како современа професионална институција, со висок кредибилитет.

Народна банка на Република Македонија

притисни ентер