Кошула што му припаѓала на Принс продадена за над 33.000 долари

Сценска облека, гитара, накит, бележник и други предмети што му припаѓале на музичко-модната мегаѕвезда Принс, се продадени на аукција за вкупно 675.000 долари, објави вчера аукциската куќа „Р.Р. окшн“.

Интернет-наддавање траело од 25 октомври до 16 ноември. Меѓу 164-те предмети во сопственост на францускиот бизнисмен Бертран Брилоа - човек кој 20 години бил во најтесниот круг соработници на Роџерс Нелсон, попознат како Принс, има и бела стилизирана кошула што достигнала цена од над 33.000 долари.

Брилоа, роден во Париз, Франција, како колекционер, со години собирал и купувал предмети што му припаѓале на Принц. Потпретседателот на компанијата, Роберт Ливингстон смета дека „неверојатно внимание ѝ се посветило на колекцијата“ што му припаѓала на американскиот пејач и уметник кој, инаку, почина 2016 година.

Кошулата е продадена за 33.219 долари, а пар сини чизми со високи потпетици за на сцена - беа купени за 24.079 долари. А, пак, гитара од марката „Блу шектер клауд“, е продадена за 64.514 долари.

Аукциските куќи од цел свет нудат музички инструменти, лични предмети и облека на поп-ѕвездите, што е извор на голема заработка. Компанијата „Џулиенс окшн“ на пр. минатата недела во Нешвил, Тенеси, САД, продаде гитара на починатиот Курт Кобејн за повеќе од 1,5 милиони долари, и една што му припаѓала на Ерик Клептон - за речиси 1,3 милиони.

Турција очекува да го ратификува приемот на Шведска во НАТО до крајот на годинава

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром изјави дека неговиот турски колега Хакан Фидан му рекол дека ратификацијата на приемот на Шведска во НАТО може да се случи „во рок од неколку недели“.

-Го чекаме спроведувањето на ратификацијата. Вчера имав билатерална средба со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, на која тој изјави дека очекува ратификацијата да се случи во наредните недели, рече Билстром.

Изјавата на шведскиот министер ги потврдува зборовите на висок функционер на Стејт департментот, според кои турскиот министер за надворешни работи вчера на своите колеги од НАТО им рекол дека напорно работи на ратификацијата на приемот на Шведска во алијансата и посочил како веројатен период до крајот на годината.

Независните пратеници кои ја напуштија СИРИЗА формираат пратеничка група

Единаесетмина пратениците, меѓу кои и поранешни министри, кои во изминатиот период ја напуштија грчката опозициска партија СИРИЗА формираат пратеничка група во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

Пратениците доцна синоќа одржаа состанок и како што беше очекувано и се најавуваше, се договорија да формираат нова пратеничка група за која го имаат доволниот број, со оглед на тоа дека за формирање потребни се најмалку десет пратеници.

Новата пратеничката група, официјално ќе биде промовирана в понеделник кога ќе биде соопштено и името, додека пак претседател ќе биде поранешниот министер Алексис Харицис.

Станува збор за пратеници од две фракции, кои си заминаа од СИРИЗА поради несогласувањата со новиот партиски лидер Стефанос Каселакис.

Приведен жител од М. Речица, осомничен дека поставил знаме на Албанија на манастирот на П.Шапка

Приведено е едно лице од Мала Речица, кое се сомничи дека вчеравечер поставил знаме на Албанија на манастирот на Попова Шапка.

-Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер, околу 23:30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија, информираат од МВР.

По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок, велат од МВР.

Стојанче Ангелов на неговиот фејсбук профил меѓу другото напиша дека брзата реакција на институциите, но и јавниот притисок можат да ги намалат провокациите кои ја потпалуваат меѓуетничката нетрпеливост.

- Провокациите никако не треба да се премолчуваат туку на нив треба жестоко да се реагира. Само така ќе се обесхрабрат идните потенцијални провокатори. Реакцијата на општеството на вакви провокации треба да биде обединета и единствена без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност. Верувам дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме. Единствено не видов претставник на албанските политички фактори во Македонија да излезе со јавна осуда на овој чин. А треба, напиша Ангелов.

Тој преку фејсбук го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно да го осуди овој провокативен вандалски чин

МИА вчера објави дека две маскирани лица го симнале знамето на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија од јарбол пред храмот Свети Наум Охридски, по што е поставено знаме на Албанија. Претседателот на црковниот одбор го пријавил случајот во СВР Тетово. Настанот е евидентиран преку камери за видео надзор.

-Во 18.05 часот во СВР Тетово, свештеникот од црквата „Св.Наум Охридски Чудотворец“ лоцирана на Попова Шапка, пријавил дека од страна на НН лице од јарболот на црквата е симнато црковното знаме и е поставено знаме на Албанија, информира вчера Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

притисни ентер