Конференција за европската рута на св. Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје

Институтот за македонска литература-Скопје и Институт за старословенска култура во Прилеп се членки на проектот „Европската културна рута на Кирил и Методиј“, сертифициран со лиценца од СЕ, официјално од 1 декември 2023.

Во рамки на програмата „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ која е под покровителство на Советот на Европа, во Скопје се одржува конференција „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“ организирана од Институтот за македонска литература при УКИМ.

Програмата на Советот на Европа презентира историски монументи, артефакти, ракописно наследство поврзани со рутата на движење и дејствување на светите Кирил и Методиј во нивната просветителска мисија на поширокото европско подрачје и нуди атрактивен модел за менаџмент на културата и туризмот.

Институтот за македонска литература-Скопје и Институт за старословенска култура во Прилеп се членки на проектот „Европската културна рута на Кирил и Методиј“, сертифициран со лиценца од СЕ, официјално од 1 декември 2023.

Конференцијата ја отвори Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература при УКИМ која ги поздрави учесниците на конференцијата меѓу кои има и од Чешка, Словачка, Бугарија.

Со проектот „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, како што рече, ќе се постигне афирмација на културно-историското наследство евидентирано во Скопско што ќе стане мапиран дел од европската културна рута.

На отворањето на конференцијата, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков истакна дека културните рути се стожери во мисијата на Советот на Европа кои функционираат во насока на откривање и афирмирање на разновидното културно наследство во Европа како заедничка вредност со цел да ги поврзат луѓето и различните локации преку модалитетите на споделено културно наследство.

-Ние како Министерство за европски прашања културните рути ги согледуваме како сегмент од поширока мрежа која овозможува сплотување меѓу глобалните, националните, регионалните и локалните, но и меѓународните институции со широк спектар на дејствување и економски оператори. Учеството на нашата земја во рамките на „Европската културна рута на Кирил и Методиј“, несомнено ќе придонесе за значајна туристичка, културна и научна промоција на кирилометодиевското наследство кое низ богатството на форми е изразено на македонска почва, рече Трајков.

Кирилометодиевското културно наследство има долга традиција на македонска територија проследувано на дијахрониски и синхрониски план, евидентирано и во материјалната и нематеријалната култура и од овој проект се очекува да придонесе за негова научна, културна и туристичка промоција. Со него ќе се открие култот кон Кирил и Методиј што со векови постои на територијата на Скопско.

Со проектот се планира промовирање на спомениците посветени на светите браќа, како што се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, големиот број споменици во центарот на Скопје, претставите на светителите во фрескоживописот на скопските манастири и цркви, како што е манастирот во Матка од 14 век, како и Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Во рамки на конференцијата е отворена и изложба на фотографии и мапа на рутите на просветителите во 9 век.

Франциск: Лицемерните земји кои зборуваат за мир, а произведуваат оружје се виновни за војните

 Папата Франциск ги обвини „лицемерните“ земји кои зборуваат за мир, а истовремено произведуваат оружје, за конфликтите во Украина и палестинските територии.

- Сакам да ги споменам неуспесите на човештвото – Украина и Палестина, каде што луѓето страдаат, а ароганцијата на освојувачите победува над дијалогот, изјави папата.

Римокатоличкиот поглавар повика на дијалог и потенцираше дека младите имаат посебна способност да донесат мир. Неговите зборови беа изречени на средба по повод 40-годишнината од примирјето меѓу Аргентина и Чиле.

Акција за пошумување кај Гевгелија, засадени над 5.000 дрвца багрем и чемпрес

Со акција за пошумување насловена „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“, во близина на месноста Топлик кај Гевгелија, засадени се над 5.000 дрвца багрем и чемпрес, информираа денеска од Општина Гевгелија преку нивната официјална страница.

Акцијата ја организираше Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Шумско стопанство „Кожуф“ и ОО на Црвен Крст од Гевгелија и со голем број волонтери,претставници на Советот на Општина Гевгелија, државните и локалните институции и граѓанскиот сектор.

На акцијата, покрај градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, учествувала и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашковска.

- Гевгеличани масовно и сплотени покажаа дека градот се сака со конкретни дела. Заштитата на животната средина е важен сегмент за здрава средина. Ова е поттик за сите нас ваквата иницијатива да прерасне во традиција и да се случува често, стои во изјавата на Сарамандов.

Во информацијата од Општината се додава дека акцијата треба да прерасне во традиција и има за цел да го надомести недостигот и намалувањето на шумската маса заради преголемата суша и предизвиканите пожари на подрачјето на општина Гевгелија, но и да ја подигне јавната свет за важноста на зелените површини и нивната улога во животната средина.

Четвртина млади Европејци работат за време на школувањето

Во 2023 година, 25,7 отсто од младите Европејци на возраст од 15 до 29 години биле вработени додека учеле, соопшти Евростат.

Како што се наведува, 71,4 отсто од младите кои студираат лани не учествувале на пазарот на труд, додека 2,9 отсто активно барале вработување.

Процентот на млади луѓе кои студираат и работат во исто време значително варира меѓу земјите-членки на ЕУ. Најголем удел на вработени млади во текот на образованието е забележан во Холандија 74,5 отсто, Данска 52,6 отсто, Австрија 46,2 отсто, а најмало во Романија - само 2,3 отсто, Словачка 5,8 отсто и Унгарија 6,1 отсто.

Дополнително, најголем удел на млади кои се во образование и во исто време активно бараат вработување е забележан во Шведска 13,8 отсто, Финска 8,3 отсто и Данска 6,9 отсто. За разлика од нив, најмал удел на младите од споменатата категорија е регистриран во Унгарија 0,4 отсто, Чешка 0,8 отсто и Полска 0,9 отсто.

притисни ентер