Посетителка во Зоолошката градина побарала да се тестира за птичји грип

Жената прво отишла на Инфективната клиника, од каде ја препратиле во Институтот за јавно здравје. Таа била тестирана и се чекаат резултатите од тестот.

Посетителка во скопската Зоолошка градина побарала да се тестира за птичји грип. Информацијата за МИА попладнево ја потврди директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.

Жената прво отишла на Инфективната клиника, од каде ја препратиле во Институтот за јавно здравје. Таа била тестирана и се чекаат резултатите од тестот.

Директорката Андоновска за МИА вели дека нема простор за паника кај граѓаните. Штом вработените кои секојдневно биле во контакт со животните во Зоолошката се негативни на тест за птичји грип, многу мали се шансите некој од посетителите да го има вирусот.

Претходно, и директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Фадил Цана во куса изјава за МИА, посочи дека нема простор за паника кај граѓаните, кога е во прашање птичјиот грип. Тој нагласи дека како што е состојбата моментално, нема простор за паника ниту кај сезонскиот грип, а камоли кај птичјиот.

Муцунски одржа протоколарна средба со новите членови на комисијата за историски прашања

Муцунски одржа протоколарна средба со новите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија.

Денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Тимчо Муцунски одржа протоколарна средба со новите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Министерот Муцунски во краткото обраќање пред членовитете на Комисијата истакна дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети им стои на располагање во процесот на одговорно и непречено понатамошно извршување на нивните редовни активности. Тој посочи дека одлуките и дискусиите во рамки на комисијата треба да бидат водени врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода. Воедно, ја истакна и личната заложба за независност во одлучувањето на комисијата, без никакви политички влијанија и притисоци.

Јанчев очекува ски центарот Михајлово да проработи до Нова година

Градоначалникот на Општина Кавадарди Митко Јанчев очекува до Нова година да проработи ски центарот Михајлово.

Градежните работи привршуваат а се очекува пристигање и поставување на опремата и механизацијата.

Во меѓувреме продолжува изградбата на парк во склоп на СОЗШУ "Ѓорче Петров" на површина од 14000 м2, се асфалтира фудбалско и кошаркарско игралиште и се постави комплетна конструкција за кошови и фудбалски голови.

Изведувач е компанијата Павер трејд, објави градоначалникот Јанчев.

Советот на јавни обвинители ќе утврдува дали Коцевски вршел притисок врз Хајрулахи

Дали државниот обвинител Љупчо Коцевски вршел директен притисок врз шефот на скопското Вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи во врска со предметот за бонусите на поранешното СЈО, ќе утврдува Советот на јавните обвинители.

Оттаму потврдија дека вчера го добиле известувањето од Хајрулахи а за сите понатамошни постапки уверуваат дека ќе бидат транспарентни.

-Првично сите случувања ги имаме од медиумите, меѓутоа во текот на вчерашниот ден до Советот на ЈО е доставено известување од страна на Вишиот јавен обвинител на Вишото ЈО во Скопје. Истото ќе биде предмет на разгледување од страна на сите членови на Советот. За сите преземени дејствија јавноста ќе биде информирана. Во овој момент можам да го споделам само тоа со вас дека известувањето од страна на Вишиот обвинител до Советот,- изјави – Душица Димитриеска – Претседател на Совет на ЈО.

Коцевски денеска присуствуваше на Седницата на Советот на ЈО, но по нејзиното завршување не сакаше да даде изјава за медиумите. Претходно пред членовите на Советот не се осврна на наводите на Хајрулахи но најави контроли во сите Виши ЈО.

-Не можам да разберам како и зошто во ниту едно Вишо ЈО не е извршена контрола. Требало два пати годишно да се изврши контрола во сите Виши јавни обвинителства и не знам од кои причини тоа не е направено, но во наредниот период тоа ќе се направи. Дури сум јас Јавен обвинител така ќе се продолжи и ќе има резултати. Ако имало незаконитости ќе се преземат дејствија. Во Вишото јавно обвинителство Скопје е извршена контрола и го чекам извештајот,- -Љупчо Коцевски – Јавен обвинител на РМ.

Од Советот ја јавните обвинители не открија што се има со известувањето на Вишиот јавен обвинител Хајрулахи, но вчера за Канал 5 потврди дека се работи за службени белешки од разговорот во кој тој тврди дека државниот обвинител му вршел влијание во врска со предметот за бонусите на СЈО.

-Ги доставив службените белешки, значи мојата службена белешка по однос на разговорот кој е воден со обвинителот, и службената белешка од страна на обвинителот Јован Цветановски кој го обработува предметот за бонусите на СЈО. А вршење притисок врз јавен обвинител за да донесе одлука е спротивно со Законот за ЈО според кој јавниот обвинител при донесување на своите одлуки треба да биде самостоен,- изјави – Мустафа Хајрулахи – Виш ЈО на Вишо ЈО Скопје.

Вчера Коцевски преку соопштение демантираше дека вршел притисок врз обвинители, а негираше и дека случајот со бонусите во СЈО бил предмет на контролата во скопското Вишо обвинителство. Што точно се случило, сега ќе треба да расчисти Советот на јавни обвинители.

притисни ентер