Киелини се врати во Јувентус: Менаџерско столче за поранешниот ас

Поранешниот италијански фудбалски репрезентативец, Џорџо Киелини е назначен за менаџер на Јувентус, кој ќе биде задолжен за односите со националните и меѓународните институции, соопшти денеска клубот од Торино.

Во соопштението за медиумите од Јувентус се наведува дека Киелини утре и официјално ќе ја преземе функцијата во торинскиот клуб.

- Киелини никогаш целосно не ги напушти „бјанконерите“ - неговото срце, душа и вредности секогаш беа поврзани со клубот, и на теренот и надвор од него. Од 16 септември тој ќе ја извршува функцијата шеф за односи со фудбалските институции. Џорџо ќе му одговора на генералниот директор Маурицио Сканавина и ќе го претставува клубот во неговата нова менаџерска функција, се вели, меѓу другото, во соопштението на Јувентус.

Киелини (40) играше за Јувентус од 2004 до 2022 година. Покрај Јувентус, тој беше член на Ливорно, Рома, Фиорентина и Лос Анџелес, а играчката кариера ја заврши во 2023 година.

За италијанската репрезентација одигра 117 натпревари од 2004 до 2022 година и постигна осум гола./МИА

Инспектор нападнал началник во просториите на полицијата во Радовиш

Инспекторот Б.И. (39) од село Ињево, радовишко вчера бил уапсен откако бил пријавен дека физички го нападнал на О.Г (43) началник на Одделението за внатрешни работи Радовиш, соопштија денеска од СВР Струмица.

Според соопштението, началникот пријавил дека во службени простории на полициската станица инспекторот агресивно се однесувал кон пријавителот, кој извршувал службени задачи, а во еден момент и физички го нападнал, нанесувајќи му телесни повреди.

Во соопштението се додава дека за настанот биле запознати началникот на СВР Струмица, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и јавен обвинител, по чии насоки биле преземени мерки за расчистување на случајот, а по целосно документирање на случајот против Б.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Почина универзитетскиот професор Љупчо Арнаудовски

Почина универзитетскиот професор, правник Љупчо Арнаудовски.

Арнаудовски oсновно и средно образование го завршил во родниот град Охрид. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1960), а магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1966). На Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација на тема „Вонзатворските воспитни мерки во југословенското кривично право“ (1975).

Работел како виш научен соработник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1963-1979). Бил избран за вонреден професор на Правниот факултет во Скопје по предметите криминологија и пенологија (1979), а потоа и за редовен професор на истиот факултет (1985). Од март 1944 година бил член на СКОЈ, а од мај 1949 година и член на СКЈ. Бил секретар на Градскиот комитет на СКМ (1969-1973). Ги вршел функциите член на РИС и секретар за внатрешни работи на СРМ (1971-1973). Од овие функции бил отстранет во периодот на „либерализмот” поради сфаќањата и јавните настапи од тие позиции.

Бил член на Републичкиот судски совет (1994-2000 година). Избран за претседател на Моралниот суд на РМ (2003).

Во периодот 1960-1986 година бил главен и одговорен уредник на списанието „Правна мисла“, орган на Здружението на правниците на Македонија. Долги години бил претседател на издавачкиот одбор на Ревијата за криминалистика, криминологија и кривично право „Безбедност" - Скопје и издавачкиот совет на Ревијата за казнено право и криминологија - Скопје. Во периодот 1983/1984 година бил претседател на Советот на заедниците за научно-истражувачките дејности на Југославија.

Бил почесен претседател на Македонското пенолошко друштво и Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

Во 1981 година добитник е на наградата „Гоце Делчев“. Објавил повеќе од 200 научни труда и неколку учебници.

Црна Г. го прогласи 23 декември за Ден на жалост поради трагичниот инцидент во Загреб

Владата на Црна Гора го прогласи 23 декември 2024 година за Ден на жалост во врска со трагичниот настан во училиште во Загреб, соопшти премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

„Изразуваме сочувство до семејството и пријателите на починатото дете и се молиме за брзо закрепнување на повредените. Нашите мисли се со нашите соседи“, напиша Спајиќ на социјалната мрежа Х.

Во страшното злосторство што вчера ја потресе Хрватска и регионот, загина седумгодишно дете, а неколку други и наставничка се тешко повредени кога 19-годишен напаѓач вооружен со нож упадна во основно училиште во Загреб.

Меѓу повредените е и напаѓачот кој се обидел да се самоубие.

притисни ентер