Отворањето на центарот и официјалното пуштање во употреба на скијачката патека „Македонија“ го привлече вниманието на љубителите на снежните спортови. Од деца со санки и скии, до поискусни скијачи, но и луѓе кои решиле својот прв ден од новата година да го поминат на прекрасното планинско сонце.
На отворањето на центарот, покрај градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и членови на општинскиот совет, присуствуваа и премиерот Мицкоски, и министрите Тошковски и Димитриоска Кочоска.
Овој центар ќе привлече туристи од околината и дополнително ќе го развие туризмот во овој крај од земјава, сметаат Јанчев и Мицкоски.
Официјалното користење на стазата „Македонија“ пак го најави Дедо Мраз кој со моторна санка се спушти по патеката. Потоа свечено беше пресечена лента, а на крај следеше пробното скијање.
Дел од присутните задоволни што во овој крај ќе имаат ски центар. Велат, „Михајлово“ ќе биде идеално место за викенд-прошетка.
На настанот, беа доделени и плакети за општествено-одговорните компании кои помогнале за пуштање во употреба на центарот.