Канадската влада потсети дека земјата е „суштинска за снабдување на САД со енергетски ресурси“

 Канада потсети дека земјата е „суштинска за снабдување со енергетски ресурси“ на САД, откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп ја објави својата намера да воведе царини од 25 отсто на соседната земја на неговиот прв ден како шеф на држава

„Нашиот однос е избалансиран и взаемно корисен, особено за американските работници“, се вели во соопштението на канадската вицепремиерка Кристиа Фриланд, додавајќи дека Отава ќе продолжи да „разговара за тие прашања со новата американска влада“.

Таа посочи дека Канада става висок приоритет на граничната безбедност и чувањето на заедничката граница, но не ги спомна заканите на Трамп за нови царини.

Новоизбраниот американски претседател на својата социјална мрежа „Truth Social“ се закани дека ќе воведе нови царини за Канада, Мексико и Кина,(25%) што ќе останат во сила „додека дрогата, особено фентанилот и илегалните имигранти не престанат да ја поплавуваат нашата земја!

Извор од канадската влада изјави дека Трамп и канадскиот премиер Џастин Трудо имале „добар разговор“ синоќа, но не објасни за неговата содржина.

Стареењето некогаш се случува забрзано

Истражувањата покажуваат дека осаменоста ја зголемува опасноста од деменција за речиси 31 отсто.

Ново истражување на австралискиот Универзитет „Едит Кауан“ посочува научно објаснување дека стареењето не секогаш е постепен процес и во одредени периоди се случува „со залет“, т.е. забрзано. Некои од признаците за тоа се брчките, особено по 40-та година од животот.

Испитувањата на професорот Мајкл Снајдер од Универзитетот Стенфорд открива дека човекот најмногу старее на возраст од 44 до 60 години и овие промени потоа се видливи на неговото лице. Со проулчување 135.000 молекули и микроби, на пр., кај 108 испитаници на возраст од 25 до 75 години, забележани се промени во молекулите поврзани со кардиоваскуларни болести и метаболизам.

Во проучувањата беа опфатени различни видови молекули, како што се РНК, протеини, липиди и микробиоми во цревата, кожата, носот и устата. Забележано е дека во човековото тело во два периоди од животот има значителна промена во количината на молекули.

Според наводите, ентропијата - т.е. бавниот и неизбежен процес на стареење може да се забави со чести патувања. На нив запознаваме нови луѓе, нови животни искуства. Сѐ тоа помага во начинот и брзината на стареењето. Познатиот гастроентеролог, д-р Вил Булсиевиќ сподели уште неколку совети со коишто „ѝ се пркоси“ на доцната возраст.

- Прошетките во природа и најмалку 30 минути вежбање дневно го намалуваат стресот, го подобруваат расположението и благотворно делуваат на варењето, нагласи тој.

Според Булсиевиќ, и храната богата со растителни влакна - овошје, зеленчук, грав и семиња ни дава енергија, па со тоа нѐ прави сити и долговечни. Истражувањата се согласуваат дека овие намирници навистина носат помала опасност од срцеви заболувања, рак и други вообичаени чести причини за смрт.

Исто така, препорачливо е да се избегнува алкохол, како помалку користење телефон, компјутер и телевизор, оти времето минато пред екран може негативно да влијае и на квалитетот на сонот, стрес и депресија. На сметка на тоа, повторно се препорачува директен контакт со луѓе.

Истражувањата покажуваат дека осаменоста ја зголемува опасноста од деменција за речиси 31 отсто.

Добриот сон го поддржува имунитетот, здравјето на срцето, кожата и нивото на енергија. Недостатокот на сон, пак, од друга страна, негативно да влијае на помнењето и продуктивноста./МИА

Митева: Изградба на дата центар и дигитализација на најупотребуваните јавни услуги

 Изградба на дата центар и дигитализација на најупотребуваните јавни услуги, Буџетот за 2025 на Министерството за дигитална трансформација поголем за 200 проценти.

Вкупниот проектен буџет за информациски и комуникациски проекти на Министерството за дигитална трансформација за 2025 година е поголем за 200 проценти, споредено со претходните години - од 154 милиони денари во 2023, 182 милиони денари во 2024, на 365 милиони денари во 2025 година, информираше денеска портпаролот на Владата Марија Митева.

Нашата цел како Влада, нагласи Митева, е да го трансформираме македонското општество во дигитално општество.

- Дигиталната трансформација значи посилна поврзаност и подобра иднина за сите нас. Затоа за само неколку месеци по преземањето на власта предвидовме нови 80 електронски услуги, зголемена поврзаност на институциите и фокус на сајбер безбедноста. Преку овие проекти и вложувањето во дигитализацијата ја осигуруваме нашата позиција во дигиталниот свет, истакна Митева.

Во делот на поединечните проекти за 2025 година предвидена е изградба на современ примарен податочен дата центар во Скопје, каде сите органи на државната управа ќе ја ко-лоцираат својата опрема.

- Со ова државата ќе оствари значителни заштеди за ко-локациски услуги. Тоа значи вклучување на ладење, безбедносни системи, противпожарни системи, надзор и одржување на просториите, а од друга страна ќе овозможи забрзана дигитална трансформација, изјави Митева.

Очекувана вкупна сума на проектот, посочи Митева, е до 40 милиони евра, а со Буџетот за 2025 година предвидени се два милиони евра за изработка на физибилити студија и утврдување на локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.

Обезбедени се и 40 милиони денари во Буџетот и преку останати проектни фондови. Митева најави дека Владата ќе работи на дигитализација на најупотребуваните јавни услуги за граѓаните и компаниите – електронско испраќање барања и добивање на потребните документи преку компјутер или паметен телефон.

- Се дигитализира добивањето државјанство во МВР, услугите на Управата за водење на матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Катастарот. Тоа значи дека ќе обезбедиме повеќе од 200 нови услуги на порталот на uslugi.gov.mk, што ќе ја дуплира бројката на достапни услуги, изјави Митева.

Преку проектот во вредност од 60 милиони денари ќе се работи и на системско поврзување на институциите за споделување на документи. Засега само 20 институции користат заеднички систем за електронско работење, а со проектот тој број ќе се зголеми за најмалку 10.

„Нема оправдување“ за незаштитување на девојчињата од родово базирано насилство

Во текот на 16-те дена активизам против родово базирано насилство, се потсетуваме дека борбата за ставање крај на насилството врз жените е и борба за заштита на девојчињата од некои од најраспространетите повреди на човековите права во светот.

Сексуалното насилство, детските бракови и сексуалната трговија се форми на родово базирано насилство чии жртви се девојчињата. Тие се јавуваат во секоја земја, во сите сегменти на општеството. Многу луѓе, вклучително и членовите на семејството и заедницата, често погрешно ги разбираат сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца. Нивните реакции може да бидат неверување, па дури и обвинување на жртвата, или пак наметнато молчење и непреземање ништо за да го заштитат сторителот или за да ги зачуваат угледот и честа. Кон овој проблем придонесуваат факторите како што се општествените норми со кои на возрасните им се дава контрола врз децата и се поддржуваат патријархалните практики и ставови, но и слабите закони со кои пречесто се обвинуваат жртвите, а се ослободуваат сторителите.

Овогодинешната тема на 16-те дена активизам против родово базираното насилство е „Нема оправдување“. Со воспоставено цврсто законодавство, нема причина девојчињата да не бидат заштитени од насилство.

Македонија направи значителен напредок во донесувањето закони за заштита на девојчињата од родово базирано насилство, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права. Законот за правда за деца гарантира заштита на децата-жртви преку мерки за спречување ревиктимизација. Тие опфаќаат повеќе заштитни мерки при сведочење на деца, со цел да се избегне повторна трауматизација поради многубројните и повторени распити. Со овој закон се уредува децата-жртви да уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, тела и поединци во системот за детска правда. Ова е клучно за да се обезбеди жртвите да бараат правда од систем што е подготвен да ја исполни.

Кривичниот законик ги штити децата од сите форми на насилство и наметнува строги казни за да ги одврати сторителите. На пример, производство и дистрибуцијата на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се казнува со најмалку пет години затвор. Силувањето дете кое не наполнило 15 години е казниво со најмалку осум години затвор, исто како и трговијата со деца.

Но, цврстото законодавство може да го постигне посакуваното влијание само доколку тоа законодавство ефективно се спроведува. Во контекст на 16-те дена активизам против родово базираното насилство, УНИЦЕФ ја повикува земјата да инвестира во спроведување на законодавната рамка, вклучувајќи:

Градење на капацитетите на стручните лица од правосудниот систем, вклучително и адвокатите, при работа со деца да применуваат пристап кој е воден од доживеаната траума и кој е сензитивен кон децата.

Децата-жртви на сексуална злоупотреба и експлоатација да имаат посебни права на процесна заштита, пристап до услуги за поддршка и навремени, правични правни лекови при повреда на правата.

Прописно спроведување на Кривичниот законик и Законот за правда за деца и обезбедување средства, насочување и обука за професионалците. Сторителите мора да се идентификуваат, соодветно да се санкционираат и да се спречат да го повторат делото. Не треба да има неказнивост за сторителите. Ова е клучно за постепено да се искоренат сите форми на родово базирано насилство врз девојчињата и момчињата и за да се изгради доверба во системот.

Правосудниот систем да обезбедува брза, ефикасна и ефективна правда. Приоритет треба да се даде на случаите во кои се вклучени деца, а судството треба да овозможува итна постапка во сериозни случаи за да се спречат трајни последици врз децата.

Канцеларија на УНИЦЕФ во Скопје

притисни ентер