„Нема оправдување“ за незаштитување на девојчињата од родово базирано насилство

Во текот на 16-те дена активизам против родово базирано насилство, се потсетуваме дека борбата за ставање крај на насилството врз жените е и борба за заштита на девојчињата од некои од најраспространетите повреди на човековите права во светот.

Сексуалното насилство, детските бракови и сексуалната трговија се форми на родово базирано насилство чии жртви се девојчињата. Тие се јавуваат во секоја земја, во сите сегменти на општеството. Многу луѓе, вклучително и членовите на семејството и заедницата, често погрешно ги разбираат сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца. Нивните реакции може да бидат неверување, па дури и обвинување на жртвата, или пак наметнато молчење и непреземање ништо за да го заштитат сторителот или за да ги зачуваат угледот и честа. Кон овој проблем придонесуваат факторите како што се општествените норми со кои на возрасните им се дава контрола врз децата и се поддржуваат патријархалните практики и ставови, но и слабите закони со кои пречесто се обвинуваат жртвите, а се ослободуваат сторителите.

Овогодинешната тема на 16-те дена активизам против родово базираното насилство е „Нема оправдување“. Со воспоставено цврсто законодавство, нема причина девојчињата да не бидат заштитени од насилство.

Македонија направи значителен напредок во донесувањето закони за заштита на девојчињата од родово базирано насилство, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права. Законот за правда за деца гарантира заштита на децата-жртви преку мерки за спречување ревиктимизација. Тие опфаќаат повеќе заштитни мерки при сведочење на деца, со цел да се избегне повторна трауматизација поради многубројните и повторени распити. Со овој закон се уредува децата-жртви да уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, тела и поединци во системот за детска правда. Ова е клучно за да се обезбеди жртвите да бараат правда од систем што е подготвен да ја исполни.

Кривичниот законик ги штити децата од сите форми на насилство и наметнува строги казни за да ги одврати сторителите. На пример, производство и дистрибуцијата на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се казнува со најмалку пет години затвор. Силувањето дете кое не наполнило 15 години е казниво со најмалку осум години затвор, исто како и трговијата со деца.

Но, цврстото законодавство може да го постигне посакуваното влијание само доколку тоа законодавство ефективно се спроведува. Во контекст на 16-те дена активизам против родово базираното насилство, УНИЦЕФ ја повикува земјата да инвестира во спроведување на законодавната рамка, вклучувајќи:

Градење на капацитетите на стручните лица од правосудниот систем, вклучително и адвокатите, при работа со деца да применуваат пристап кој е воден од доживеаната траума и кој е сензитивен кон децата.

Децата-жртви на сексуална злоупотреба и експлоатација да имаат посебни права на процесна заштита, пристап до услуги за поддршка и навремени, правични правни лекови при повреда на правата.

Прописно спроведување на Кривичниот законик и Законот за правда за деца и обезбедување средства, насочување и обука за професионалците. Сторителите мора да се идентификуваат, соодветно да се санкционираат и да се спречат да го повторат делото. Не треба да има неказнивост за сторителите. Ова е клучно за постепено да се искоренат сите форми на родово базирано насилство врз девојчињата и момчињата и за да се изгради доверба во системот.

Правосудниот систем да обезбедува брза, ефикасна и ефективна правда. Приоритет треба да се даде на случаите во кои се вклучени деца, а судството треба да овозможува итна постапка во сериозни случаи за да се спречат трајни последици врз децата.

Канцеларија на УНИЦЕФ во Скопје

Герасимовски: Целосно се обновува паркот во Капиштец со нова урбана опрема

Целосно се обновува паркот во Капиштец со нова урбана опрема, зеленило и ЛЕД осветлување.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека паркот во Капиштец целосно се обновува со нова урбана опрема, нови садници, ново ЛЕД осветлување, нова патека и ново зеленило кое опфаќа 7.800 метри квадратни.

„Вчера почнавме со партерно и хортикултурно уредување на паркот во Капиштец. Поставуваме ново зеленило на 7.800 метри квадратни и нови садници со цел почист и поздрав Центар. Заедно со општинските служби интензивно работиме на поставување нова урбана опрема, нови павер елементи, ЛЕД осветлување и нова патека за движење. Очекуваме проектот за обновување на паркот во Капиштец да го завршиме до крајот на оваа година. Во пресрет на новогодишните празници, жителите на населбата Капиштец добиваат нов парк за рекреакција и прошетка. Упатувам апел урбаната опрема да се чува и да не се уништува, заеднички да придонесеме кон почиста и поздрава животна средина“, вели Герасимовски.

Општина Центар продолжува и во следниот период интензивно да работи за заштита на животната средина и во интерес на Центарци.

Турција бара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас

Турција преговара со САД за изземање од санкциите против Русија за да продолжи да купува руски гас, изјави министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар.

Говорејќи по состанокот на владата, Бајрактар ​​посочи дека одлуката на САД да воведат санкции за Гаспромбанк, делумно во сопственост на гасната компанија Газпром, може да создаде проблеми за Турција.

- Можеме да ги почувствуваме последиците. Нема да можеме да платиме, а ако не можеме да платиме, нема да можеме да купиме гас. Нашето Министерство за надворешни работи продолжува со преговорите за ова прашање, рече тој.

Министерот нагласи дека на неговата земја ѝ е потребен гас за да ја обезбеди побарувачката и потсети дека исклучок за гасот е применет со санкциите против Иран.

- На нашата индустрија и треба гас. Како што знаете, имаше санкции против Иран во минатото, но имаше исклучок за природниот гас. Ние сакаме таков исклучок од САД и за рускиот природен гас, рече тој.

Бајрактар ​​истакна и дека чекорот се прави на крајот на мандатот на претседателот Џо Бајден.

- Не ја разбираме администрацијата на Бајден што заминува. Остана уште месец и половина. Негативната страна е што е тешко да се укинат овие ембарга преку ноќ. Ако Турција не добие изземање, целта не е Русија, туку Турција. Нели е така?, праша министерот.

Изведен фрагмент од првата македонска опера „Гоце“ во Дизелдорф

 Музичкиот ансамбл при македонскиот културен центар „Македонско сонце“ од Дизелдорф настапи на приемот организиран од градоначалникот д-р Стефан Келер и претседателот на Советот за интеграции Гоце Пероски.

Како што информираат од центарот, во рамките на приемот настап имала и виолинистката Христина Ташкоска со фрагмент од операта „Гоце“ од Кирил Македонски, а потоа во квартет со Лазе Димовски, Леони Шмиц и Нина Димовска исполниле сплет на најпознатите македонски песни со вокал, хармоника и виолина.

Оваа година се навршуваат 70 години од изведбата на првата македонска опера „Гоце“ компонирана од Кирил Македонски (1925-1984) која за првпат е изведена на македонскиот народен театар во Скопје во 1954 година под диригентска палка на Тодор Скаловски.

Редовниот годишен прием се организира секоја година и на него присуствуваат високи гости од јавниот и политичкиот живот како и претставници на дипломатскиот кор во Дизелдорф.

притисни ентер