Јованка Тренчевска и Миле Лефков во „Само Вистина“

Драги сограѓани, вечерва во Само Вистина ќе дебатираат пратениците Јованка Тренчевска од СДСМ и Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Што се крие зад пораката на Мицотакис дека Владата во Скопје повторно го „разгорува“ национализмот?

Што ќе се добие од евентуална средба Мицкоски-Мицотакис во Вашингтон?

СДСМ доби нов претседател, но се чини „дворските игри“ не прекинуваат, ќе успее ли Филипче да го обедини членството?

Македонците во Албанија го кренаа гласот, ќе има ли нов попис?

Кој ќе го плати цехот од недомаќинското работење на Пошта и Железница?

Вечерва во Само Вистина Александар Видиновски со Јованка Тренчевска и Миле Лефков, веднаш по вестите.

Монитор: Недостигот на работна сила во Албанија го пополнуваат пензионерите

Од година во година се зголемува бројот на ангажирани пензионери во Албанија, како потреба да се покрие празнината што ја оставија младите на пазарот на трудот.

- Според податоците од анкетата за работна сила на државниот Институт за статистика (ИНСТАТ), во 2023 година над 16 отсто од луѓето над 65 години, или 82.000 биле вработени. Стапката на вработеност на возрасни лица-пензионери, се зголемува во текот на последната деценија, од 8,6 отсто во 2015 година на 16,3 отсто во 2023 година, се наведува во анализата на списанието „Монитор“ под наслов „Надеж кај старите. Младите се заменети со пензионери, работат 16 отсто од луѓето над 65 години“.

Според истиот извор вработувањето на постарите лица доаѓа во време кога во истиот период е зголемена невработеноста кај младите.

Стапката на невработеност за возрасната група од 15 до 24 години во 2023 година е многу висока и изнесува 25,6 отсто. Истата година, младите од возрасната група од 15 до 29 години, кои се невработени, не посетуваат училиште или стручна обука, сочинуваат 24,6 отсто.

- Експертите на пазарот на труд тврдат дека постарите лица на возраст за и по пензионирање ги покриваат потребите на бизнисите кои вообичаено не ги претпочитаат младите, како што се чувари на приватни објекти и професиите за кои не е потребна голема вештина и енергија. Од друга страна, ниските износи на старосни пензии ги охрабруваат сè повеќе постарите луѓе да работат за да ги покријат основните потреби, наведува „Монитор“.

Исто така поради недостиг на кадар, посебно во здравствениот и образовниот сектор многу медицински лица и просветни работници работат и по пензионирањето.

Приведен осуденик баран со потерница поради бегство од затворот „Идризово“

Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје лиши од слобода криминалец баран со потерница за затворска казна од 12 години и десет месеци, соопшти денеска  Министерството за внатрешни работи. 

Како што наведува во соопштение, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вчера (21 јули) го уапсиле 34-годишниот Ј.С. од Скопје кој поради бегство од затворот „Идризово“ бил баран со потерница по наредба на Основниот кривичен суд,

-Ј.С. бил осуден на казна затвор од 12 години и 10 месеци во врска со член 188 ст.1 и чл. 236 ст. 1 т.1 в.в чл. 22 и чл. 24 од Кривичниот законик. Тој ќe биде спроведен во надлежната казнено-поправна установа, наведува МВР.

Потпишан меморандум за соработка меѓу Општина Аеродром и Меѓународниот балкански универзитет

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и ректорот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, проф. д-р Лутфи Сунар денеска потпишаа меморандум за соработка и партнерство во повеќе области.

Ваквата соработка е од огромно значење и за Општина Аеродром, но и за студентите од овој универзитет затоа што теоријата што ја изучуваат ќе можат да ја применат во практика.

Еден од првите заеднички проекти би бил изработка на архитектонско решение за изградба на нова детска градинка од страна на студентите под надзор на професорите од овој универзитет.

Меморандумот, меѓу другото, опфаќа и обука на воспитно-наставниот кадар од градинките и од основните училишта во Аеродром во различни области со што уште повеќе ќе се зајакнат нивните капацитети и знаење преку различни семинари, курсеви и дообуки. Исто така се предвидува и ангажирање експерти од Општината во наставниот процес на универзитетот.

В. д. градоначалникот Митески и ректорот Сунар по потпишувањето на меморандумот извршија обиколка на целиот кампус и ги разгледаа капацитетите со кои располага универзитетот. Студентите покрај теоретскиот дел, во посебно уредени простории имаат можност практично да изведуваат вежби од областа на правото, стоматолошките науки, а во процес е и пуштање во употреба на комплетно уредени лаборатории за фармација и други студиски програми.

Општина Аеродром изразува надеж дека со овој меморандум во иднина ќе се иницираат голем број проекти и ќе се продлабочува соработката со Меѓународниот балкански универзитет, од што најголема корист ќе имаат граѓаните.

Општина Аеродром

притисни ентер