Јапонија и Македонија потпишаа Меморандумот за културна соработка

Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Владата оствари билатерална средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, кој е во дводневна работна посета на нашата држава. По средбата, Љутков и Токура потпишаа Меморандум за соработка во областа на културата, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави.

Во изјавата за медиумите, министерот Љутков посетата на јапонскиот комесар за култура ја оцени како историска, бидејќи, како што нагласи, сите наши заложби за продлабочување на блиските и пријателски односи со Јапонија, во оваа година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи, се материјализираат со потпишувањето на Меморандумот за културна соработка.

Министерот за култура и туризам изрази очекување дека директната комуникација ќе овозможи реципрочни гостувања на ансамбли и репродуктивни уметници од музичко-сценската и театарската дејност, соработка меѓу музеите, галериите и уметничките центри, како и размена на искуства во управувањето на локалитетите кои се впишани на Листата на светското наследство на УНЕСКО, со оглед на тоа што Јапонија има впишано вкупно 26 локалитети.

Љутков ја нагласи можноста за соработка и во филмската дејност, имајќи го предвид фактот дека во Токио секоја година се одржува големиот филмски фестивал чиј еден од програмските директори е и Андријана Цветковиќ, на која ѝ упати благодарност за нејзиниот целокупен ангажман во реализацијата на оваа посета, но и за нејзиниот влог во градењето на односите меѓу двете држави, како прв резидентен амбасадор во Јапонија.

Упатувајќи благодарност за целокупната јапонска помош за нашата држава преку различни донации, грантови и проекти што го стимулираат нашиот економски, социјален и културен развој, министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина ќе се реализираат уште многу иницијативи и проекти кои ќе ги унапредат нашите односи.

На средбата, министерот Љутков го запозна комесарот Токура и со претстојното претставување на нашата држава во рамките на EXPO OSAKA 2025 година, каде што во чест на одбележувањето на 60-годишнината од проектот на големиот Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Јапонија ќе биде презентирана и изложбена поставка која ќе ги претстави особеностите на овој проект, а ќе има и други значајни програмски содржини, настапи на нашите реномирани уметници.

Јапонскиот комесар за културни врски, Токура, во изјавата за медиумите потенцираше дека потпишувањето на Меморандумот во година кога се одбележуваат три децении од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји претставува огромен поттик за развој на соработката која ги покрива сите сфери од културата и уметноста.

За време на работната посета на нашата држава, комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, ќе ја посети и Филхармонијата, каде што ќе се сретне со репродуктивни уметници, а во текот на утрешниот ден ќе ги посети и Музејот на македонската борба за самостојност и Старата скопска чаршија, каде што во Даут-пашиниот амам ќе ја разгледа изложбата на македонскиот сликар Вангел Коџоман. Денеска во 18 часот во Македонскиот народен театар, министерот Љутков и комесарот Токура ќе присуствуваат на концерт на Оркестарот за џез-музика, во чест на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Јапонија.

Владата ќе одвои 20 милиони евра за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот Скендербег

Градежните активности од следната година.

Владата на денешната седница донесе одлука да одвои 20 милиони евра за финансирање на проектот за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот Скендербег во Скопје, најави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

Новата гаража, како што кажа на денешната прес-конференција во Владата, ќе има 371 паркинг место распоредени на две подземни нивоа со вкупна површина од повеќе од 13.000 квадратни метри.

- Во подземната гаража ќе бидат обезбедени и адекватни паркинг места за лица со посебни потреби. Со таа инвестиција се заокружува плоштадот Скендербег и се демонстрира нашата посветеност кон решавање на инфраструктурните предизвисци со кои се соочува нашиот главен град, Старата скопска чаршија, општина Чаир и општина Центар, рече Меџити.

Нагласи дека изградбата на оваа гаража е од особено значење за чаршијата и за Чаир и ќе го реши долгогодишниот проблем со недостиг на паркинг места во овој дел од градот со што се очекува зголемување на бројот на туристите во Старата чаршија.

- Во наредниот период ќе работиме проектот да биде реализиран во најкраток можен рок и со највисок квалитет. Ќе обезбедиме транспарентност и отчетност во сите фази од реализацијата со цел да ги оправдаме довербата и очекувањата на граѓаните, рече Меџити.

Во одговор на прашање рече дека наскоро ќе биде објавен тендерот за изградба и додаде дека очекува градежните работи да почнат на почетокот на следната година.

Конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување

 Конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување се одржа денеска во Кабинетот на Претседателот, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата.

За претседател на Комисијата, како што информираат од Кабинетот на Сиљановска Давкова, е именувана д-р Милка Ристова, а за членови проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.

На првата седница на новиот состав на Комисијата за помилување присуствуваше претседателката Сиљановска Давкова, која на членовите на Комисијата им посака успешна работа, изразувајќи уверување дека Комисијата со својата работа, почитувајќи ги принципите за транспарентност и отчетност, праведност и еднаквост, хуманост и разбирање, ќе придонесе за јакнење на институционалната доверба, а одлуките ќе бидат пример за почитување на демократските вредности.

Сиљановска Давкова, истакнувајќи ги своите заложби за владеење на правото и почитување на човековите права, ја нагласила важноста на институтот помилување и потребата целата постапка да не биде предмет на дневнополитички препукувања.

- Таа изрази очекување дека сите одлуки на Комисијата ќе бидат во согласност со јавниот интерес и општествените вредности, а секој случај ќе се разгледува со најголема професионалност, во рамки на законски утврдена постапка, се вели во соопштението.

Парламентарна делегација од Чешка во посета на Собранието

На средбата било заклучено дека „нашата земја и сите земји од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од европското семејство“.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија, Муса Џафери, и нејзините членови, денеска имале средба со делегација на Комисијата за надворешни работи од Домот на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од пратеникот Радек Вондрачек, заменик-претседател на Комисијата, која е во посета на Собранието.

-Членовите на чешката делегација, во која се и пратениците Петер Беитл и Марек Бенда, ја реафирмираа поддршката за евроинтерацијата на нашата земја и за надминувавање на актуелните предизвици на тој пат. Џафери и Вондарчек разменија мислења за долгиот интеграциски процес на нашата земја, за пречките на тој пат, како и за поддршката од пријателските земји кои веќе се членки на Европската Унија, меѓу кои е и Чешката Република, соопшти собраниската прес-служба.

На средбата било заклучено дека „нашата земја и сите земји од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од европското семејство“.

-Во тој контекст, Џафери посочи и на последиците од долгото чекање за отворање на поглавјата од преговорите, што резултира со разочараност кај граѓаните и засилување на миграциите. На средбата беа разменети мислења и за улогата на двете земји како членки на НАТО, како и за поддршката што ја добиваше нашата земја од Чешка во годините пред влезот во Алијансата. Во таа насока, беше заклучено дека една од клучните вредности е солидарноста меѓу европските земји во однос на интеграциските процеси на земјите од Западен Балкан, се наведува во соопштението.

притисни ентер